Краток расказ, Работилница

Жешкото столче

Сателитите на Илон Маск светкаа како бисерни монистри навезани на небесното платно што се протегаше до бескрајот. Во воздухот мирисаше пролетта. Како ништо лошо да не може да се случи под оваа магична престилка.

Во едно малечко и тивко станче во предградието, во доцните ноќни часови, жареше пригушена светлина. На Софија ѝ доаѓаше да си ја замисли оваа светлинка како мал светилник што на чудесен начин им го покажува на некои изгубени патници надвор патот до дома.

А што е „дома“? Дом за неа не беа само ѕидовите од нивната кутија што ги одделуваше од кутијата на соседите. Домот е чувство, топлина и слобода! Некогаш домот го наоѓаме и во луѓето. Блазе на оној што знае кај му е дома.

„Дома.“ Нејзе бидувањето „домаќинка“ ѝ одеше лесно и од рака. Беше брза и работлива: затоа не разбираше кога другите околу неа се жалеа на домашните обврски, како тоа да им беше најголемата тежина во животот. Жени коишто не правеа ништо друго освен работата и куќата.

Таа, пак, по работните часови поминати во Институтот за применета психологија, одеше и во „Зора“: во бараката на невладината организација држеше бесплатни часови по таичи-чуан на жени-жртви од семејно насилство. Затоа, ѝ се случуваше понекогаш со потсмев да гледа на своите пријателки и нивните мали животи без екстра интереси.

Нејзините интереси секогаш ја одржуваа љубипитна. Ѝ задаваа бонус обврски, ја вадеа од меланхоличното секојдневие. Но, понекогаш, кога беше преморена и длабоко потоната во своите ангажмани, се случуваше и да им подзавиди на истите овие жени што го имаа целото време на светот за да гледаат сториња и да се информирани за реалноста околу себе.

Нејзината реалност беше поинаква. Таа ги знаеше тајните на своите клиенти, го знаеше оној паралелен свет што не се објавува на сториња. Тоа беше свет споделен од жешкото столче, за кој таа не смееше да зборува. Често самата се наоѓаше во когнитивна дисонанца помеѓу вистината што ѝ ја доверуваа пациентите и реалноста што таа ја живееше заедно со некои од нив… Често беше запрепастена пред сликата од жената што исповеда дека го мрази својот сопруг од дното на душата, а потоа се појавува со него на најзаљубената фотографија на светот. Но, и тоа беше во ред, затоа што вистината секогаш има повеќе страни, а сите реалности се во крајна линија објективни, на некој начин. Рашомон. Во нејзината канцеларија во Институтот поминуваа многу приказни, тешки судбини, погрешни избори и по некоја дијагноза. Тоа знаеше да ја преплави и да ја запоседне со часови, па и со денови. Но, и покрај тоа, таа ја обожаваше својата работа и си беше преблагодарна кога ќе забележеше некоја позитивна промена во некого. Секогаш си велеше дека ќе биде доволно ако допре барем еден живот во денот. Но, таа не само што допираше – таа продираше длабоко во личните универзуми и во сите тие галаксии наоѓаше и распрскани делови од себе.

Се мразеше себеси само кога ќе се фатеше во миг на надменост поради својата едуцираност и увиди во себеспознанието. Да, другите имаат „мали животи“, а таа е таа што знае сè! Да, таа учела за тоа, па со сето тоа огромно знаење си го среди својот брак, па уште и на други брачни парови ќе помага! Бо, бо, бо…

За волја на вистината, себеси никако не можеше да си помогне. Никако не можеше да го разбере нејзиниот сопствен филм. Писателот што го пишувал тоа сценарио мора да е со непозната дијагноза. А кој друг би напишал сценарио полно безнадежност, себесожалување, очај? Да, да, да… „Каква судбина баш мене ме снајде.“

Згора на тоа, чувствува и вообразеност: баш таа заслужувала повеќе! Можеби да беше некој друг, ќе беше задоволен и среќен. А можеби и таа ќе беше таква: само да беше малку помалку таа… Но, не сакаше да биде ни трошка помалку „таа“. Макотрпно работеше за да дојде дотука. Променливо конзистентна, беше убедена дека нема да дозволи да се претопи во масата сиви силуети. И си беше преблагодарна на самата себе за тоа што беше свесна за оваа убеденост.

Сега Софија лежеше на креветот крај малата пригушена светлина во нивното станче во предградието. Во еден миг, се сврте и погледна кон оној дел од собата во кој светеше само мониторот од неговиот лаптоп. Погледна кон него, кон другиот главен лик во нејзиното сценарио полно безнадежност, себесожалување, очај.

„Ќе му пишувам писмо“ помисли во себе. Се исправи од креветот и прокопа во фиоката во која ги чуваше убавите тефтери планирани за посебни пригоди. Извлече еден убав лист со дебела и рапава хартија и го стави врз тетратката. Го извади и пенкалото со убаво мастило што ѝ го подарија колешките за дипломска и се склопчи во аголот од креветот. Фрли поглед врз финиот лист хартија: како да се спремаше да му пишува љубовно писмо. Да, непоправлив зависник од естетика е: не би ја жртвувала естетиката ни во ваквите крајно неестетски моменти. Убав лист хартија, убаво мастило… за зборови со сомнителна убавина.

Се заврти кон оној дел од собата во кој светеше мониторот од лаптопот и фрли поглед кон темната силуета. До мониторот забележа лименка пиво. Потоа, се сосредоточи на својот лист хартија и на пенкалото.

„Ти ја посакувам целата среќа на овој свет! Колку и да не веруваш, така е. Оти добар човек си. Заслужуваш“, забележа со ситен ракопис Софија на листот хартија, и си кимна со главата, небаре да си потврди на самата себе. Продолжи да пишува.

„Знам дека не ти треба ова од мене, ти од мене очекуваш друго. Но, тоа е што е. Се надевам дека некаде, некогаш повторно ќе бидеш среќен. Како што не си сега. Знам дека тоа ќе биде подалеку од мене, но така е најдобро за обајцата. Во секој случај, немам никакви лоши чувства кон тебе: веќе нема ни трага од горчина. Разбирам сè и за сè ти простувам. Толку можевме или толку сакавме, не е ни важно. На крајот, тука сме.“

Софија се подзамисли. Едно прашање ја измачуваше без престан: „Како стасавме дотука?“ Склопчена во аголот од креветот, Софија го тргна погледот од убавиот, рапав лист хартија, го остави пенкалото, погледна кон другиот крај на собата, од каде што доаѓаше светлината на мониторот. Потона во мислите.

„Ми рече не сум ни во топ десет нормални луѓе што ги познава. Мене! Јас, најнормалната личност што ја познавам. Не сум basic. Со брат ми направивме јасна дистинкција меѓу basic и normal. Се согласивме дека братучеда ни Радмила, на изглед е пример за basic. Во суштина, пак, таа со своето лудило е олицетворение на чиста компензација. Ако компензацијата беше човек, ќе се викаше Радмила.“

Додека гледаше кон мониторот на другиот крај од собата, како да ѝ падна жал за него, за нив. Воздивна и повторно се замисли.

„Ама и тој е кутриот полн со одбранбени механизми… Ете од кај му доаѓа ваквото однесување. ‘Ни во топ десет’. Де, бре?“

Пробува да се сети на времиња кога ни таа не била свесна за своите механизми. Веројатно како помала… Но, и тогаш беше прилично автентична. Автентичноста е она што ја привлекува. И што? Како налета… Демек себесвесна, демек ќе оправа таа некого. Убаво ѝ викаше вујна ѝ: „да си гледате“. Еве – си виде… Ништо не виде при очи, а диоптер тројка има. Треба и таму да појде да провери, како да ѝ се мати малце. И на ендокринолог треба да оди… Со шеќер се направи од толку што е свесна. Плус по гинеколози кога ќе фати… Значи, ко ќе си тргне човек по доктори.  

„Како ли е во неговата глава?“, се праша Софија, сега гледајќи во неговиот лик обоен од сите слики што се појавуваа на неговиот монитор. Што ли правеше? Најверојатно сурфаше на интернет, полнејќи се со за неа бескорисни податоци.

Софија се стутка уште повеќе во ќошот од креветот. „Но, како ли е во неговата глава?“, се праша пак. И кај него ли е онака бучно како во нејзината? Таа знаеше како е кај другите луѓе, тие зборуваа со неа, и тоа насекаде: и во канцеларијата во Институтот, па дури и на улица некои, штом ќе ја сретнеа. Ѝ објаснуваа, очекуваа од неа совети за своите демони. Но, така беше со нив. Само тој остана вечна мистерија.

А тој, пак, фатен во јамка на просечна егзистенција, тој само си го посматраше животот како го одминува. Пасивен набљудувач што нема ни чек-листа, туку само пиво во рака. Удобно сместен во некој ќош од својот живот, седи и ги гледа своите сизифови маки.

Работниот ден му минуваше во казино. Го мразеше мирисот во просторијата. Наталожен дим од цигари и честички од горко кафе, помешани со феромони на дивјачки порив за добивка, својствени за коцкарите. Истата приказна, цели петнаесет години.

Му се гадеше од луѓето што мораше да ги услужува. Му се гадеше од самиот себе кога мораше да го чисти тоалетот зад нив. Целата младост оставена тука, помеѓу очајот на бонкротот и привидната наклонетост на универзумот, пројавена преку спорадичната великодушност на блескавите автомати.

Мртвилото во погледот покажуваше дека си ја има прифатено судбината. Неговите убави сиво-зелени очи веќе немаа сјај. Отапен поглед, како од опојни супстанции, вперен некаде далеку, чиниш се збогувал со соништата.

Само Софија веруваше во него. И покрај непроменливоста на состојбата низ годините, и покрај очигледноста дека кај него нема никаков мотивирачки пулс, таа веруваше дека е доволно бодра за обајцата.

Таа го молеше да се види себеси низ нејзината призма. И сам да ги види никулците што ги носи. Но, попусто. Сомнежот во себе не му даваше да ѝ подаде рака и да ѝ дозволи да го поведе на патот до некоја само негова вистина. И висина.

Така затворен во својот мал свет, тој чувствуваше благодарност што ја има неа: таа во себе носеше една инаква свежина, нешто нему непознато. Ѝ дозволи да му го наполни домот со цвеќиња, четки и акварели. Се радуваше на сите нејзини бои и несмасни шеги. Понекогаш ѝ завидуваше на храброста да се менува, да има многу желби, гласно да се смее и уште погласно да ги брани своите ставови. Откако ја запозна, таа беше ѕвездата што го води и низ бури од емоции и низ мирни неделни утра.

Софија, пак, беше целосна спротивност: отсекогаш си се замислуваше како главен лик во некоја романтична комедија. Според неа, на случките низ животот им фалеше само музика во позадина. А таа имаше добри траки за плејлистата.

Се прашуваше како и кога се сменија жанровите, како од романтична комедија соживотот им се престори во психодрама со британски хумор. Ова и не е баш филмот во којшто сака да глуми, а уште помалку да биде во главната улога.

Како и да е, филмот мора да продолжи. И сега, вечерва: Софија отсечно го стутка убавиот лист хартија, заедно со неколкуте реда ситен текст. Фрли поглед кон другиот крај на собата: еве ги, тој и таа, како двајца голмани од спротивни тимови. На истиот терен, а далечни. Еден спроти друг, молкум бранејќи го своето. Но, остана ли нешто за бранење?

Наеднаш тишината ја пресече нејзиниот глас. Звучеше решително.

„Не можам повеќе!“, зататни таа, парчосувајќи го листот хартија што го туткаше во рацете.

На другата страна од просторијата, неговиот лик, осветлен од боите на мониторот, ни за милиметар не го помести погледот од екранот. Само незаинтересирано промрмори:

„Што е проблемот?“

„Ти си виновен за сè! А јас не можам веќе!“ пркосно врати таа, и си ја подголтна грутката во грлото. Истата онаа грутка што со години ја мачеше, од која не можеше да јаде… Ни да диши. Софија одново се подизненади од себеси и од решителноста, но како и обично, оваа решителност во гласот веднаш ѝ отстапи место на колебливоста.

Тој најпосле го тргна погледот од екранот и се сврти кон неа. Кога ја погледна, ликот не му беше ни малку збунет. Беше веќе навикнат на ваквиот настап.

„Пред добивање си?“, праша тој, со цинична насмевка развлечена на образите.

Ова негово прашање, по којзнае кој пат, таа го виде не само како неприфаќање на нејзината искажана болка, туку и како целосно, навредливо потценување: и на нејзината емоција, но и на интелектот.

„Истата приказна…“, рече Софија, а потоа тонот на гласот почна експоненцијално да ѝ се повишува. „Само тоа го имаш: глупи сексистички вицови. Мене не ми е смешно. Ме вреѓаш, ме смалуваш, ме потценуваш. Мамето ми го расплака. Ме геслајташ на секој чекор. Мозокот – кајгана!“

Софија се испразни. Гласот како ѝ се истроши, и следните нејзини зборови дојдоа тивки, колебливи, едвај чујни.

„Сакам развод…“, шепна таа, а погледот ѝ падна врз листот хартија што го парчоса.

Тој како најпосле да го одлепи ликот од мониторот. Полека стана и бавно зачекори кон неа. Се доближи до нејзиното тело, склопчено во ќошето осветлено од пригушената светлина на столната ламба. Се наведна над неа и со треперливи прсти помина низ нејзината коса.

„Ќе биде океј“, рече и седна крај неа. Како питомо маче.

Неговиот допир секогаш ја разбрануваше Софија. А тие бранови ѝ ги полнеа очите како две езерца. Ете, толку требаше за згрченоста на нејзиното тело да исчезне.

„Ќе зборуваме другпат“, додаде тој и ја бакна на челото. Таа послушно кимна со главата.

Повторно истата приказна: тантрумот уште еднаш беше успешно стишен, малечката расцимолена Софија беше скротена.

Тој ѝ го намести праменот на лицето и полека стана од креветот. Се сврте кон мрачниот дел од собата и бавно зачекори кон светлото на мониторот. Ја фати лименката пиво.

„Да, ќе биде океј…“, кимна уште еднаш Софија, и повторно се згрчи во ќошот. „Да, ќе зборуваме…“, додаде нечујно и си избриша солзите. Со отсечно движење.

Во нејзината глава, пак, вревата продолжи. Сега почна со поглед да лута преку ѕидовите: „протече купатилото“, си рече, „се расипа и машината, а и фрижидерот нешто изведува… Цвеќето не ми пркна. Ајде, стани, отвори му прозор. Како да пркне цвеќе во ваква негативна енергија? Џабе утринска јога и чистење кристали. Додуша одамна ги немам исчистено. И тоа си треба. Иако некој за тоа ме убедува дека сум ненормална. Тој, несебереализиран, полн со конфликти и со фрустрации, има за мене што да каже. Ми доаѓа да фатам и да заминам од сè!“

На другиот крај од собата, тој седеше назад пред мониторот. Како ништо да не било.

Во вакви критични моменти, тој знае и да ја погали, но истата гордост не му дава на глас да ѝ каже колку ја сака. Затоа нејзината искра одвреме-навреме знае да ја проголта мрачната празнина и таа да изгуби контрола, да почне да вика. Полека како да ја загуби вербата во него… Нели е тоа и буквално изневерување? И згора на сè – уште и ќе го остава!

Тој одново седеше на своето жешко столче, затскриен зад штитот на мониторот. Зјапаше напразно во екранот. Како да беше малку подизместен од својата оска: можеби тоа беше само за миг, но помислата дека останува сам како да го подисплаши. Тој знаеше дека нема никого освен неа. Нема кај да се врати. 

Авторка на автофикцискиот расказ „Жешкото столче“ е Бистра, една од петмината учесници во втората работилница по креативно пишување автофикциски расказ „По природниот тек на нештата“, која се одржа во март и април 2024 г. Уредник на расказот е Живко Грозданоски, автор на работилницата и петтиот учесник во нејзиното второ издание. Расказот е напишан паралелно со пишувањето на расказите „Враќање кај водопадот“, „Збор-два“ и „Ашрам“ од Мила, Елена и Марија, други три сопатнички во пловидбата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *