Збор-два
Јагода привршува со своите студии по јазик, но сè уште размислува за тоа „што сака да биде кога ќе порасне“. Размислува, и сфаќа дека сака да биде уметник. Секако, многу опширен термин е ова „уметник“, ни самата не знае што поточно подразбира со тоа. Неодамна, во текот на студиите, почна одвреме-навреме да црта, иако за еден нејзин цртеж да ѝ се допадне, најчесто му дава простор да маринира околу недела-две.
Би сакала да може да запише пост-дипломски студии по уметност некаде надвор. Можеби во Франција? Оваа идеја за студии во Франција ѝ дојде од еден инстаграм рил. Прифатливо ли е тоа? Зошто да не? А по постдипломските, би можела да земе курс за тетовирање и некое време да тетовира кул алтернативци низ уличките на Нормандија.
Но, истовремено, Јагода е убедена дека ако не ги продолжи на мастер по јазик, нејзината професорка може да смисли некој начин за да ја врати гилотината во употреба, а потоа и јавно да ја обезглави, на плоштад.
Во текот на студиите црташе, но Јагода, всушност, паралелно со студиите по јазик, почна и да пишува. А кон чинот на пишување разви инаков пристап: ретко пишува, иако би сакала да го прави тоа барем еднаш неделно. Кога ќе се убеди себеси да напише нешто, најчесто зборовите на хартијата ѝ се допаѓаат. Се гордее ли? Можно е. Но, тоа е само една опција.
Од трета страна, мисли дека вистински ќе најде спокој само ако замине во Италија за да го проучува јазикот и за да го постигне тоа што им вели на сите дека ќе го постигне: ќе заврши студии по лингвистика и ќе биде преведувач од италијански. Сосема пристојна професија е тоа, нели? Само како бонус ќе ѝ дојде тоа што нејзината професорка доживотно ќе се гордее со неа.
Ете така, Јагода сака да биде и уметник и лингвист. Се дума често за овој конфликт. Можеби „најдоброто од двата света“ би било да отиде во Франција за да студира уметност? Ги има и оние што ја убедуваат (којзнае зошто?) дека за уметност пологично е да оди во Италија. Но, нејзе ѝ се допаѓа l’esthetique на студии во Франција…
Како и повеќето (самодекларирани) уметници, Јагода понекогаш си зборува сама со себе. Почнува спонтано да ѝ се рецитира цел монолог во главата. A денес, ова сосем обично саботно попладне, Јагода седи на верандата од својата викендичка на Водно, гледа во петте козички од дедо си како скокаат во дворчето и се сеќава на една конкретна личност од нејзиниот живот. Потонува длабоко во мислите. „Имам толку многу да ти изнакажам, еј“, си вели. „Не си свесен. Колку чудно: кога некој е постојано во твојот живот, како и да не го цениш толку. Сега кога те нема, баш сега ми текна дека требаше да ти спомнам за сите тие банални моменти. За моите обиди да цртам, што упорно ми личат на ликовна мизерија. За паднатите испити. Сосем небитно. Битното е: сега не си тука да слушаш. Но, белиот лист хартија е. И мачката.“
Ах, таа мачка. Црна и кротка како топла пролетна ноќ. Но, сега е попладне, а мачката се гали од нозете на Јагода, на верандата на Водно. Јагода пак, седи со еден комично голем молив во раката, гледа во еден лист хартија и размислува. Занесена, несвесно црта едно бледо, малечко „Ч)“ на хартијата. Тоа како да ја сецнува: во мисли ѝ доаѓа татко ѝ.
По една шокантна низа лични трагедии, една есен пред четири години, додека се наоѓаше во Торонто, си го одзеде животот. Потоа имаше погреб, исто така во Торонто. Никој не ти кажува дека кога татко ти ќе умре, ќе добиеш повик дека треба да се приклучиш на Зум-состанокот за неговиот погреб. Иако го немаш видено цели пет години. Чудно, нели? Јагода сè уште има многу нејасни чувства околу сето тоа. Чувствува дека мора да се искаже. Би сакала да успее. Но, засега само го држи моливот во левата рака (и таа, како многу уметници, е левак) и размислува.
„Сакам за почеток да ти се извинам за мојот пристап кон тебе“, размислува да напише, така, in medias res. „Се надевам дека разбираш зошто се однесував како што се однесував. Се чувствував по малку луто, тажно… Просто неубаво. Кога човек ги има сите тие мисли во глава и не е баш спремен да се соочи со нив, настанува безредие. Мислам дека дури сега, по сево ова време, сум поподготвена да ги погледнам мислите в очи и макар да им прозборам. Не мора целосно да ги прифатам.“
Јагода е сама со својата мачка на верандата но, знае дека тој ја слуша кога таа му зборува. Тука некаде е, цело време со неа. Присутен е на свој начин. Или можеби таа има таков впечаток затоа што и сега ја носи неговата сина карирана кошула, која тој ѝ ја подари пред да се исели?
„Па еве, да ги погледам мислите в очи“, си вели, гледајќи ту во белиот лист хартија, ту во ведрото небо над Водно. „Свесна сум за постапките и затоа сакам да ти се извинам. Можеби е потребно извинување, можеби не – за секој случај, јас сакам да се извинам.“
Јагода гледа во козичките како брстат од багремот во дворчето. Има една бела, со црни дамки. Таа ѝ е омилена. Се вика Мани. Нагалено од „доберман“. Јагода се загледува во Мани, и се прашува: знае ли козичката што е извинување, и што е прошка? Ѝ се случило ли да побара, на некој свој јазик неразбирлив за нас луѓето, прошка од својот татко-јарец?
„Ме разбираш ли?“ На Јагода ѝ доаѓа порив да побара потврда, дури и се вознемирува за момент. Но, брзо се успокојува. „Да, верувам дека ме разбираш. Иако ни самата не знам дали се разбирам… Во секој случај, убаво би било да чујам некој збор-два, да се урамнотежам. Често, кога го добивам прашањето ‘Како си?’, најискрен одговор би бил ‘Па, ни јас не знам – чудно.’ Но, секако дека нема тоа да го кажам, секако дека велам ‘Одлично, а ти?’ Ако речам „чудно“ при опишување на сопствените чувства, потоа треба да го оправдам тоа. Мислам дека природата на тоа чувство е таква што не можам ниту да го оправдам, ниту да го објаснам. Само е чудно. Сè е чудно. Сфаќаш? Многу треба да кажам…
Од друга страна, лута сум, и мислам дека треба и да изразам прошка. Ама некако многу себично би било од моја страна да ти простувам. Но, си давам за право да ти се налутам, да, и затоа помислувам и на прошка. Така ми доаѓа. Ти го направи тоа што го направи и тоа е тоа. Се дешава. Можеби во некој од паралелните универзуми нашата приказна е поубава. Твојата приказна е поубава. Дали ти простувам? А што значи да се прости? Да ги прашам козичките? Тие изгледаат како да знаат: прво се удираат со роговите, а веднаш потоа како ништо да не се случило.
И јас сум како нив. Го прифаќам тоа што се случи. Благодарна сум што беше дел од мојот живот. Иако, пократко од очекуваното. Среќна сум што јас воопшто имам живот благодарение на тебе. Сепак, не знам дали ги разбирам твоите постапки. Пробувам. Во секој случај, се радувам што ме научи да имам отворено гледиште и кон духовноста. Затоа, насетувам дека и сега ме слушаш, и дека си спокоен каде и да си. Ја прифаќам моменталната состојба, иако е далеку од посакуваната. Свесна сум за работите, и мислам дека тоа е најбитно. Нај, нај, најбитно.“
Во дворчето тивко се спушта мрак, а козичките една по една си одат назад во малечката штала што ја направи дедо ѝ. Се движат полека: уморни се од сето скокање низ тревата.
„И сега“, продолжува да си размислува Јагода, „по сето ова благодарење, доаѓаме до многу лош момент. До твојата смрт. А потоа и нашиот пристап кон неа.“
Јагода за миг го погледнува небото и продолжува да си игра со моливот. Таа размислува, но листот хартија на масичката пред неа стои несовршено бел: покрај она она мало и бледо „Ч)“, тука е и сивкастиот отисок од шепата на мачката, која тукушто се искачи и на масичката.
Ова „Ч)“ јa потсетува Јагода на времето кога таа и татко ѝ редовно се допишуваа: овој мал „мутиран“ смешко беше нивниот таен поздрав. Јагода одново тоне во мисли.
„Никој од нас не стапнал во црква со години. Но, кога си отиде ти, верата се покажа како неопходна. Бидејки човек како човек, мора некако да се помири со смртта. А како ние минавме низ тоа? Чудно, еј. Ти умре, и сега наместо да го одбележиме тоа на некој начин што баш би ти значел, ние ова го правевме: цркви, венци, свеќи, попови… Ама не е ни битно. Мртов си. Што ќе сменеше дали ќе појдеме во црква или на трилече во ‘Мандарина’.“
Јагода за миг чувствува студ и тоа ја враќа назад на верандата. Го крева погледот: небото над Водно е мрачно, сјаат ѕвезди. Замислува како татко ѝ е таму некаде. Потонува одново во мисли.
„Ти беше будист, многу спиритуална душа. Си живееше во некој свој (можеби поубав?) свет. Чудна мешавина: Грузиец по татко. Мароканец од страна на мајка. Сепак, најчесто велеше само Мароканец… Е да, и ти си ги имаше своите daddy issues. А едно време беше и Македонец. Нејсе. Како и да е, ти беше будист – а ние за четириесет дена бевме во црква. Па за шест месеци. Па за една година. На крај, отидовме да одбележиме и две години. Се помина „преку редот“. Но, каков циркуз! Прво, јас колку што знам, во христијанската вера самоубиството е непростливо. Второ, ти беше БУДИСТ. Се сомневам дека на кој било начин би ти се допаднало тоа што го направивме: твоите најблиски да одат во црква и да се лигават по цел ден поради твојата смрт. Буквално сѐ што ти не сакаше. Најлошо од сѐ е тоа што сите бевме заедно и плачевме поради нешто што ти направи. Каде и да си сега, во која било верзија од рајот или пеколот, знам дека не ти се допаѓа ова.“
Верандата во дворчето на Водно е веќе сосем темна, воздухот е свеж. Јагода станува без да го испушти моливот од рака. Фрла поглед кон мачката, која веднаш почнува да ја следи. Го допира прекинувачот од светилката крај вратата и верандата е повторно светла. Јагода и мачката се враќаат на столчето. Јагода повторно потонува во себеси.
„Кога си замина, неколку месеци како да не знаев што се случува. Многу чудно беше некако. Како да не живеам. Само постоев. Ради реда. Воопшто не бев свесна за светот околу мене. Сега барем сум таму некаде околу шестиот étape du deuil. Пред „прифаќање“. Рано е за тоа. Има време. Барем се надевам дека има. Дека нема утре да ме удри кола. Во тој случај нема да има што да се прифати, нели.
Помалата јас многу те сакаше. Не може баш да кажам дека сега не те сакам, но не е исто. Сепак, ти си отиде. Си нашол некој нова девојка, ми рече, некоја Канаѓанка. Поради тоа, долго, долго се убедував дека те мразам. Но, сега е малку поразлично.“
„Зошто е поразлично?“ — ја изненадува еден глас. Јагода се обѕрнува, но во прв миг не гледа никого. Не гледа ништо, за волја на вистината: прво го нема мракот, па ја нема мачката, а набрзо и самата веранда избледува, како еден од нејзините цртежи, и тоа заедно со моливот и со листот хартија на кој таа не успеа да напише ни збор-два. Наместо тоа, пред неа се појавува силуета.
Јагода не може да го препознае човекот. Дури откако ќе го подизостри погледот, ќе забележи дека во портокалова кошула и во фармерки, пред неа стои – татко ѝ! Се наоѓаат во еден бескраен бел простор. Наоколу нема ништо. Само белина. Тие двајца се сами. А наместо моливот, таа сега во рацете го држи својот фотоапарат. Многу е збунета. И тој се чини збунет. Не знаат ни како, ни зошто, но еве тука се – сега. Во просторот ечи немир. Но, само таа ли може да го чуе? Или го слуша и тој?
„Како можеше бе?!“, извикува таа, „Си отиде!“
„Извини…“ – враќа тој. Спокојно ја гледа. Како да е свесен за своите постапки, и како само да чека прошка.
Таа пробува да земе здив. Не знае што попрво да искаже. Страшно е.
„Како успеа? Зар не ти е жал за нас?“, продолжува, целата вознемирена. Тој е смирен. Како и секогаш. Подготвен да го одговори секое идно прашање.
„Нема зошто. Верувај ми. Сѐ е во ред.“ Таа широко ги отвора очите.
„Сега ти се заебаваш со мене?“, продолжува, со истиот немир. Освен што го гледа во очи сега почнува и нервозно да си игра со фотоапаратот.
„Зошто би?“, упорно е смирен тој.
„Па нели гледаш како сите плачеме по тебе? Немаш ни ронка жал?“
Тој молчи, упорно гледа во неа. Знае дека таа е во право. Но што може? Како да ѝ објасни дека се чувствуваше толку неповратно изгубен, толку далеку од животот, од најблиските, од сè. Толку далеку од неа! Не знае како да ѝ го долови тоа чувство на осаменост. 7,655 км, и тоа преку океан, еј! Па не се баш малку… Сочувствуваше со сите заробени рипки. Рипки заплеткани во мрежа. Мрежа што некој друг ја фрлил, а рипките се нашле баш таму во тој миг. Ни криви ни должни. Или како хрчак што заглавил во тркалото, и сега нема веќе каде, нема како да се спаси освен да се предаде, да ѝ стави крај на бесмислата… Но, не би сакал тие да плачат. Не, не, не. Го обзема немир, добива импулс да се брани.
„А вие не сфативте досега дека не барам никој да лее солзи? Смирено, те молам.“
„Како бре смирено?“
„Не сакам солзи и немир. Сакам да ме разберете. Исто како што ти сакаш да ги разберам твоите постапки, сакам и ти моите“, вели тој. И продолжува. „Се зарадував кога го забележав она ‘Ч)’ што пред малку ти несвесно го нацрта. А ти ги слушнав и мислите. Да, точно насетуваш: тука сум секогаш. Крај тебе. Е па, сега и јас имам нешто да кажам.“
За момент се гледаат очи во очи. Тој зема здив.
„И мене ми е жал што порано не ми кажа за тие ‘небитни’ моменти. Го разбирам твојот гнев, јасно ми е. И, да, те разбирам. Велам, ‘те разбирам’, и знам колку многу ти значат тие два збора. Можеби тие се оние ‘збор-два’ за урамнотежување. И јас копнеам по нив. Жал ми е што по моето заминување ти се најде во таква состојба да се чувствуваш како да не си свесна за светот околу себе. Во таква состојба на заблуда. Ми тежи на душа што ти создадов немир. Знаеш дека не го сакам тоа. Повторно, само сакам да ме разбереш. Како што јас имам разбирање, знам дека имаш и ти. Не за џабе си ми ќерка.“
Таа молчи. Сега молчи и тој. На крај, таа е онаа што го продолжува разговорот.
„Смешен си, знаеш?…“, вели таа, меко. „Но, ова не може ни оддалеку да се спореди со онаа смисла за хумор што знам дека ја имаш.“
„Извини Ч)“, ги крева рамената тој. И самиот се поднасмевнува, а потоа и двајцата повторно остануваат неколку мигови во тишина. Потоа тој почнува да зборува, но овојпат со уште помек тон.
„Се предадов, знам…“, вели. „Просто не можев повеќе да се справувам со таков немир. И јас имам свои граници…“
Таа го слуша. Прво е смирена, но брзо ѝ се враќа чувството на недостиг, а со тоа и немирот.
„Не ме интересира извинување, знаеш? Само сакам да знам зошто. Те молам, само кажи ми зошто…“
Зборовите, сепак, изостануваат. И во тој миг им се причинува како тишината да е најгласно нешто. Таа не поднесува молк. Ја сподавува саклет.
„Ќе ќутиме ли сега?“ – повторно извикува таа. Тогаш, нему му светнуваат очите.
„А… што велиш“, ја загледува втренчено тој, „можно ли е таа врска да се истроши, да има рок на траење, па да моравме да се разделиме, за да се сретнеме повторно, преку твоето пишување?
Таа го гледа. Оваа мисла ја задумува. Хм… Можеби има право? Но, таа никогаш нема да да го прифати тоа. Никогаш. Апсурдна ѝ е помислата дека тие морале да се разделат. Па ништо не се мора, нели. Освен да се умре. Хм… иронично.
„Да“, продолжува тој, сè уште гледајќи ја право во очи, полн самодоверба: „јас бев далеку од тебе, а и ти беше далеку од мене… и нашата комуникација беше станала конфликтна, па дури и исцрпувачка. Тешко дека после сè, нашето евентуално обновено заедништво ќе беше успешно. Освен тоа, мојата изгубеност и тага беа заморни, речиси неподносливи… Кажи ми, те молам: можно ли е да не беа случајост оние трагедии, туку да беше сето тоа режирано, за и јас, а и вие, да бидеме најпосле на мир, вистински? Од една страна, да си признаеме, свесни сме дека возобновувањето на нашата врска ќе значеше конфликт, нели? Од друга страна, пак, се сеќаваш, за тебе следеа нови „случајности“, средби на автобуски постојки, носење мои кошули… Можеби тоа се случи за на крај да оствариме една нова, подлабока поврзаност, да оствариме целосно искажување и разбирање?“
Таа го слуша и молчи. Штама. Таа знае каква беше нивната претходна комуникација и сета мизерија што следеше. Ја насетува ли и потенцијалната возобновена мизерија? Ако мора да си признае: да, ја насетува. Но, сепак: моменталното неприсуство, подобро ли е? Свесна е дека голем дел од тие пет години комуникацијата им беше крш. Исто како што е свесна и за тоа дека во последните шест месеци од неговиот живот условите беа такви што тие зборуваа речиси секојдневно. Дури свесна е и дека тој ѝ пиша на осми март, а таа ја остави пораката да седи. Да маринира. Како и нејзините цртежи. Да, многу е некако свесна за тоа. Премногу дури. Но, ќе сменеше ли нешто ако таа му вратеше на пораката? Вреди ли таа да се криви себеси за неговите одлуки? Дали можеби ако му вратеше на осми, сега наместо таа да зборува сама со себе, тие ќе беа еден крај друг? Но, повторно: да ќе беше подобро, во суштина, тие да се еден крај друг? И дали ќе беше подобро за сите, дали тогаш ќе ечеше мир?
„Кажи ми, веруваш ли во случајности?“, ја прашува тој.
„Верувам, верувам…“, вели Јагода, се обѕрнува. Во белината наоколу, забележува миризливи стапчиња. Од едно од нив се крева една тенка нишка чад, а до неа допира мирис на портокали и цимет. „Знаеш, од тебе ми е таа спиритуална нишка.“
Тој ја слуша, на лицето му се појавува насмевка.
„Еј, не знаеш колку ми е мило што го слушам тоа… Е па, што мислиш, случајно ли го сретна оној писателот, на автобуска постојка, тогаш?“
„Нема шанси“, вели таа, одмавнува со главата.
„А, се сеќаваш ли на оној расказ, ‘Божури и незаборавки’ од оној Бугаринот?“, продолжува тој.
„Се сеќавам… “
„Која е главната тема? Два ликови, едниот машки, другиот женски, совршено се разбираат, но не можат да имаат заедничка иднина, па затоа си измислуваат заедничко минато.“
Таа длабоко се издишува.
„Сфаќам на кај одиш. Немој…“
„Но, нели сме во слична ситуација?“, упорен е тој, „Јас и ти, личности што станале ликови, во неможност да имаат заедничка иднина, одеднаш се наоѓаат во ситуација да си создаваат – заедничка сегашност. И тоа пишувајќи! Мене ми е посебна, па дури и чудесна таа случајност… Да, нели инспирира, па дури и восхитува таквото исцеление на нашата прекината приказна?“
Таа го слуша и размислува. Молчи. Мирисот на портокали и цимет како сè посилно да го исполнува нивното опкружување. Го погледнува кротко.
„Да, во слична ситуација сме…“, вели на крај. „Колку и да не ми се допаѓа тоа: сме. Замисли, еј… Толку ми недостигаш што зедов цел расказ да пишувам… Мислејќи дека со пишување ќе успеам да ја завршам нашата недовршена приказна. Но, ја завршив ли?“
Тој стои и ја гледа. Таа го крева апаратот пред очи. Штрак! Барем по нешто да го памти ова последно збогување. Хм… Последно? Ќе видиме.
Јагода повторно седи на
верандата од својата викендичка на Водно, ги слуша петте козички од дедо ѝ кои
сè уште не заспале во шталата, и блее во ѕвездите. Што се случи пред малку? Не
знае. Само знае дека не треба да се плаши од тоа што го пречекало. Всушност,
силно претпоставува што го пречекало. Колку повеќе размислува, толку повеќе ја
обзема чувство на спокој, па дури и на радост. Може дури ќе успее да спие
вечер? Којзнае. Петте козички ќе спијат спокојно, барем во тоа може да биде
сигурна.
Авторка на автофикцискиот расказ „Збор-два“ е Елена, една од петмината учесници во втората работилница по креативно пишување автофикциски расказ „По природниот тек на нештата“, која се одржа во март и април 2024 г. Уредник на расказот е Живко Грозданоски, автор на работилницата и петтиот учесник во нејзиното второ издание. Расказот е напишан паралелно со пишувањето на расказите „Жешкото столче“, „Враќање кај водопадот“ и „Ашрам“ од Бистра, Мила и Марија, другите три сопатнички во пловидбата.
