Додека се гледаше во огледалото, се насмевна бидејќи тукушто заврши со пишувањето на песната за тој ден. Во моментите кога ја пишуваше, чувствуваше силен ентузијазам, мислејќи дека токму оваа песна ќе го допре светот, дека таа песна ќе биде вистинската што ќе направи публиката конечно да сфати која е таа. Го исчисти лицето, коешто изгледаше на прв поглед симпатично и започна да нанесува темна сенка на очните капаци. Нејзините очи и без тоа оставаа печат врз свеста на секој маж што ќе ѝ се допаднеше. Освен можеби вез свеста на оној што ја избегнуваше неколку дена.
Се прашуваше што го исплаши. Можеби токму темната сенка? Или муабетот за животот по смртта? Нејсе. Сепак, знаеше дека печатот е оставен, макар бил невидлив деновиве. Планираше наскоро да дознае зошто ја избегнува.
Мајка ѝ нонстоп ја фалеше нејзината убавина, но повеќе ја фалеше уникатноста што таа ја поседуваше кога ќе влезеше во игра нејзиниот несекојдневен карактер. Таа и мајка ѝ. Се сакаа толку, што не можеше повеќе. Ја немаше видено веќе неколку месеци. Мајка ѝ замина со еден куфер од својот дом. Таа не знаеше дека мајка ѝ била сериозна со она што ѝ го велеше, дека ѝ е мака од сите збиднувања во нивните животи. Постојано ја замислуваше мајка си на одмор, како медитира во некој ашрам во Индија и како со насмевка се изедначува со светлината.
Мислам дека замина само со еден куфер. Само што не се сеќавам со кој точно. Пола од моите куфери ми се испогубија на аеродроми, ама тоа не беше никогаш битно за мене. Ми рече дека се враќаш за две недели. Тогаш си мислев дека тоа е долг период. А што е тоа во однос на неколкуте години колку што те немам видено? Знам дека ти стана мака од мојот животен стил, што летав со паметот, летав од идеја на идеја, од цвет на цвет во бесконечната градина од хаос… Ние сме различни, и двете го знаеме тоа. Дали барем малку се радуваше за мене, кога мислев дека успеав во некои од моите цели? Што сакаше да остварам? Сакаше ти нешто за тебе да исполниш, нешто што преку мене требаше да се случи? Не те исцрпи тој твој перфекционизам? Мислев дека знаеш дека подобра мајка од тебе не можам да замислам, никој не би можел. И да сакам, не би можела да те надминам. Си замислувам како пиеме кафе и ти раскажувам за сите случки од претходната вечер, а ти се смееш со неверување. Кога влегувам дома ми се причинува дека си тука. Ти пишувам, а не знам на која адреса да ти го пратам писмово. Еден примерок ќе го пуштам во воздух од врвот на планината во близина. Другите неколку примероци ќе ги пратам на адресите на неколку ашрами во Индија. Изборот го стеснив, така што ги гледав сите на интернет и размислував кои тебе би ти се допаднале. Останаа 47, така што толку ашрами ќе добијат ова писмо. Ти праќам бакнежи, знаејќи дека се смешкаш цело време и дека наскоро ќе се вратиш.
Се запраша што би рекла мајка ѝ за песната што ја напиша денес. Почувствува нелагодност во стомакот: знаеше дека мајка ѝ сакаше таа прво да заврши други задачи: да ја смени работата што не ја исполнуваше, да најде дечко „соодветен“ на неа, да започне да се храни поздраво… Да, мајка ѝ ќе речеше „какви глупости пишуваш, па ова не е ни песна, ова е ништо…”.
Се вознемири од мислата и посака веднаш да го искине листот со песната и да го запали. Доби импулс да престане за миг со дотерувањето за да ја уништи творбата за која беше убедена дека не би ѝ се допаднала на мајка ѝ. Но, се сети дека ја запиша на мобилниот. За миг помисли да го тресне телефонот од земја, но се смири кога погледна во огледалото. Сенката, вешто нанесена, правеше погледот да ѝ делува уште попродорно врз луѓето. Можеби повторно ќе исплаши некого? Добро, барем нема да зборува за живот по смртта. Ноќта беше пред неа.