Враќање кај водопадот
Бјанка фрли уште еден поглед кон задното седиште од нејзината кола, на кое лежеа двата цртежи, уредно спакувани во украсна хартија и обвиени со светкава лента. Потоа се сврте и почна да се искачува по ридот над селото. Се искачуваше по невидливата патека низ ретките грмушки на пустата падина. Ѝ беше потребно малку време за себе, сакаше да остане сама. Сама, но и дива и непредвидлива, како и оваа пустелија, во која ги немаше магливите светулки од погледи на неми сведоци. Ја одбра пустелијата, оти ѝ наликуваше на неа.
Во суштина, Бјанка беше потиштена што не била во тек со своето опкружување. Беше гневна што не го препознала мајтапењето со нејзината болка. Поточно, Бјанка беше сè уште разочарана од еден наслушнат разговор помеѓу директорката на училиштето во кое таа работеше, и еден нејзин колега.
„Замисли, цела една година ја носам жедна преку река, а таа уште продолжува!“, велеше директорката. „Па, дали е таа нормална? Јас да ѝ барам компјутери. Ако барам, ќе барам за градскиве, а не за селскине и мрсулави деца. Не можам да ти опишам што сè не ми раскажа за тие деца: дека едното дете кривело со ноџето, а другото било со кревко здравје… А што можам јас да направам, кога социјалните служби не се грижат за децата, па ги оставаат на немилост на баби и дедовци? Тие пак, ако не се кадарни да се грижат за внуците, нека ги дадат во институција. Замисли, јас секојдневно се занимавам со триста папирологии, па уште и на неа и тие таму деца ќе мислам…“
Бјанка беше учителка по професија. Но, во последните три години не работеше во градот: секој ден со својата кола патуваше од Крива Паланка до малото село на границата во кое и самата израсна, и им држеше часови на единствените две дечиња што беа преостанале во селото, и кои веќе беа четвртоодделенци. Нејзината пријателка Ирина, убедена дека сака да ѝ помогне, ѝ нудеше работа во градот, но Бјанка одбиваше секаква мисла што би ја оддалечила од своето место. Од своите спомени.
Некои од нејзините колеги вработени низ градовите ја нарекуваа Бјанка „селската учителка“. Но, таа не обрнуваше внимание на нивните етикети и продолжуваше да си ја работи професијата, која и воопшто не ја доживуваше како работа, туку како уживање.
„Еј, не те научиле да тропнеш?“, еден далечен, но сепак некако познат глас ја разбуди од мислите, и Бјанка застана како засадена на патеката помеѓу грмушките, сета обвиена во прашања: кој е тоа? Се сврте и пред себе забележа еден крупен, висок човек, со мустаќи. Носеше кошула и тесни панталони, „последниот крик од модната индустрија“, би рекол некој. Но, од каде ѝ е познат овој човек?
„А, каде да тропнам? Во пустелија сум. И, од кај се појави ти?“, одговори Бјанка, затворајќи ја со својата ладнокрвност вратата за која овој човек сметаше дека ја има.
„Ја гледаш ли колибана на ридот?“, со глас полн ведрина ѝ се обрати човекот, покажувајќи кон некоја колиба што можеби постоеше само во неговите мисли.
„Не ја гледам“, одговори Бјанка. „Инаку, по гласот те познавам, но не можам да се присетам кој си“, додаде, и по мала пауза колебливо зеде длабок здив. До пред малку на пустата падина се беше надвиснал облак, но одеднаш на небото блесна јунското сонце. Топлите зраци се истурија врз неа, и нејзе природно ѝ дојде во тој миг да се спореди со нив, иако тие сјаеја немилосрдно. Да, одеднаш, како зраците само за неа да се појавија, а таа си ги пронајде и си ги присвои.
„Ех, верверичке, зарем не ме препозна?“, мустаќлијата се упати кон неа, по речиси пустата падина. Потоа застана, и ја крена едната рака, ја повика да дојде по него.
Бјанка за миг се двоумеше, но потоа се упати натаму. Невнимателна, се сопна од еден камен, и како и самата да се скамени. Се сопна, но не падна. Само клекна крај каменот. Но, дури и да паднеше, тоа ќе беше само со телото.
Кога Бјанка паѓаше со духот, тоа беше само поради децата. Поради двете дечиња во селото кои беа толку сиромашни што едвај имаа основни услови за живот. А камо ли компјутери. Тодор и Игор. Во една трошна куќичка Тодор живееше со баба си, а во соседната куќа Игор живееше со својот стар дедо. Нивните родители биле најдобри пријатели, но сите загинале во сообраќајна несреќа враќајќи се од некоја свадба. Страшна трагедија.
Куќичките на двете дечиња беа речиси пусти и во распаѓање, но чатмата која ги додржуваше беше таа, Бјанка. Таа беше спасителка на баба Стојна и на дедо Томе, бидејќи од неа во голема мера зависеа судбините на нивните внучиња. Бјанка ги сожалуваше баба Стојна и дедо Томе: тие не можеа во својата старост да ги обработуваат нивите и беа принудени од нивните бедни земјоделски пензии да купуваат храна во оскудни количини. Бјанка им помагаше, секогаш беше тука за нив, и секојдневно зборуваше со нив за потребите на нивните чеда. Во разговорите со нив таа секогаш се воодушевуваше од нивната пожртвуваност, од крпењето на дните, едвај задоволувајќи ги основните потреби на своите внуци. Децата имаа топли оброци, обично без месо. Исто, имаа топли, повеќепати крпени алишта од своите братучеди што заминале да работат во други земји, без повеќе да се вратат. И, она што беше најважно за Бјанка – колку и да се трудеа околу децата, тие не ни сонуваа да им обезбедат макар некој евтин компјутер на кој децата би можеле да вежбаат пишување, и да играат по некоја игричка. Ни Бјанка не успеваше да најде решение. Таа се лутеше на владините кампањи, кои од една страна велеа дека образованието е моќ, а од друга страна не правеа ништо за загрозените деца.
Бјанка, додуша, ги водеше овие битки, иако и сама едвај врзуваше крај со крај. И таа беше мајка на две преслатки дечиња – пет и седум години. Татјана и Ивана. Тие живееја со неа во градот – во „големиот“ град, кој изобилуваше со сè и имаше сè. Но, тие беа сами: таткото на Татјана и Ивана еден ден си отиде, исчезна во друга земја. Згора на тоа, одбиваше да плаќа алиментација.
Покрај сè, Бјанка колку што можеше им помагаше на своите ученици. Им носеше и храна: она што го јадеа Татјана и Ивана, тоа понекогаш го имаа за ручек и Тодор и Игор. За жал, Бјанка не можеше многу да одвојува од устите на своите деца. А кога поминуваше повеќе време во селото од потребното, поради снегот и мразот, се чувствуваше дека ги запоставува и своите деца – кога часовите ги држеа во некоја од куќите на децата, бабата или дедото редовно инсистираа на пиење кафе и на долги разговори. На крајот, изнемоштена од грижи и од прашања, Бјанка понекогаш сосема снеможуваше, и обессилена, по сите надојдени буици на немоќ и бес, се чувствуваше отуѓена и од сопствените деца. Нејзините деца беа неми сведоци за нејзините расеани погледи. Погледи, кои понекогаш сонуваа за приказните и случките од нејзиното детство, за некогаш прочуеното село во кое и таа пораснала. Сепак, децата не знаеја за најголемата празнина и болка во срцето на мајката, и не можеа ни да ја претпостават таа болка.
„Само еден човек ме нарекуваше верверичка…“, прошепоти Бјанка на пустата падина, чувствувајќи мала несигурност. Пред неа стоеше мустаклијата. „Но, со тој човек полека се оддалечивме, а потоа сосема го заборавив…“, додаде Бјанка, „веќе не се ни сеќавам точно во каква улога бев тогаш кога го познавав.“
Изразот на човекот пред неа остана ведар, но сега и во него како да се јави несигурност. Како и самиот негов дух да зависеше од нејзиниот поглед и од енергијата со којшто зрачеше Бјанка. Полека, и обајцата ги обви молк. Но не за долго.
„Ми мириса на темјан. А, тебе?“
„Да. Мириса на темјан“
„Да, на помирување.“
Бјанка си го призна неспокојот што ја измачуваше и ѝ наликуваше на пустината, а тоа, по којзнае кој механизам на свеста, како навистина да ѝ донесе мирис на темјан: Бјанка сети смиреност, чудна милост кон самата себе. Заедно со мирисот на темјан си призна дека – во ред е. Во ред е тоа што мислите ѝ се празнотија. Како пустината. Како самото село, кое беше станало пустелија.
Селото беше оддалечено од Крива Паланка осум километри. По втората светска војна, кога властите се грижеа за земјата, и овој пат тука, како и сите други патишта, беше прооден. А со самото тоа што беше во погранична околија, селото имаше повеќе од една привилегија: во сета дивост на околните планини, селото го красеа совршено проодни асфалтирани патишта. Но, така беше некогаш. Со распаѓањето на југословенската држава беше затворена и караулата, а тоа лошо се одрази и на самото село: набрзо беше заборавено.
Дремејќи во заборав, извишеното село нудеше поглед кон раскошните планини во далечината, но и кон раскопаниот пат што минуваше низ него. Запуштеноста најмногу се огледуваше во патчето што водеше до ридот: тоа беше целото испукано. Беа тоа истите оние пукнатинки што скришум се длабеа и во душата на Бјанка, и зјаеја како празнина и таму.
Бјанка и поради тоа се бореше со малодушност: иако заедно со другите селани се обидуваа да сторат нешто, пишуваа претставки и петиции до општината за да се обнови патот во селото, за селото да се поврзе со градот, бараа да се видат со градоначалникот… но што дека: нивните обиди како да завршуваа во канти за ѓубре. Заедно со другите непрочитани предлози од луѓето. А како што започнуваше иселувањето од селото така исчезнуваше и упорноста на обидите да се стори нешто.
Кога ги поднесуваше претставките, Бјанка ја апсорбираше омразената боја на горделивост што ја носеа врз себе службениците, а на крај, по сето отсуство на човечка волја, „селската учителка“ ја изразуваше таа потисната енергија при првите средби со планината, претворајќи ја во до очај гневни крици. Но, и тоа беше попусто – само шумата и дивечот можеа да ја чујат нејзината немоќ. Зарем не беше вистина она што го кажуваа староседелците, дека некогаш овој рид бил магично место на кое се случувале чуда? Па тогаш, што не се случеше барем едно чудо, си велеше порано, патот низ селото чудесно да биде обновен, да стане прооден? Или макар да биде достапна куќата во која беше сместено училиштето на децата, за да не ги држат часовите во домовите на децата?
Но, битката за уредување на селскиот пат беше стара приказна, веќе згаснат огин. Сега Бјанка сонуваше да обезбеди барем еден компјутер за учениците. Секако, децата не беа лишени од образование, но беа изолирани од своите врсници. Бјанка знаеше дека тоа секако ќе се смени штом тие ќе потпораснат и ќе почнат да учат во градот, но знаеше колку е важно да бидат во тек. Затоа, беше решена да им обезбеди компјутер. Веќе со месеци молеше на сите страни: и кај директорката, и во секторот за образование, и кај градоначалникот, и бројни компании што се претставуваа како фирми со општествена одговорност… Но, и во овој случај наидуваше само на отпор и на несочувство.
На најголемо противење наидуваше кај директорката. Таа како да сакаше да ги отежнува сите нејзини иницијативи. На почетокот, кога Бјанка ѝ ја објасни состојбата во која се наоѓаат семејствата на дечињата, директорката ја сослуша и ѝ вети дека ќе им се помогне. Самиот Устав му го гарантираше правото на секое дете на образование, а обврска на директорката беше тоа право да не го спречува, па макар се работело за подрачно училиште со само два ученици. Но, и покрај тоа, и покрај сè, директорката упорно ја убедуваше Бјанка дека никој не е заинтересиран за потфатите што таа сакаше да ги оствари: ни компаниите, ни секторот, ни таткото на општината. Бјанка, пак, ете ѝ поверува во лагите. Си проаѓаа месеци, па дури и цела година помина… Директорката си продолжуваше да си наоѓа разни изговори, а Бјанка секогаш имаше разбирање и оправдувања за неа. Сè до денот кога се увери дека била измамена: дека директорката, всушност, одбива да преземе иницијатива за да помогне. Тоа беше денот кога наиде на подотворената врата и го слушна громогласното смеење на директорката со еден од колегите што ја нарекуваа „селската учителка“.
Кога ги зачу зборовите од зад подотворената врата, Бјанка остана како пеплосана. Но, откако ѝ помина првиот бран бес и немир, подзастана. Пред очи ѝ се појави слика од нејзината младост, кога, како студентка, доаѓаше во тогаш за неа „големиот“ град Скопје. Во тоа време за неа се грижеа нејзините родители – од својата скромна живеачка собираа пари за да ја издржуваат ќерка си, да ѝ овозможат да учи во градот.
Очите повторно ѝ се наполнија со солзи од бес. Во првиот миг Бјанка доби порив некако да ѝ нанесе болка на директорката, да ѝ возврати со иста мера, да сети какво е чувството, како ја навреди. Да почне да ѝ се дере: да ѝ каже дека го злоупотребува училиштето, дека го претвора во туристичка агенција преку која таа и нејзините деца го прошетаа целиот свет, и тоа преку грбот на родителите од децата што учеа таму. Таа, директорката, го прошета цел свет, но не само во мислите, како децата, туку и преку аеродромите. А децата, за разлика од неа, за географијата учат само преку нивното село. А таа – преку континентите. Згора на тоа, има и деца на кои еден компјутер им значи цел свет… Да, Бјанка можеше да ѝ плесне в лице сè што знаеше за неа и да си даде отказ од работата, но се воздржа. Ја стисна долната усна за да ја здоболи до крв: така се самоказнуваше што не можеше да си даде отказ. Секогаш одново и одново се сеќаваше дека е учителка на две прекрасни деца, а и самата има две деца за хранење. Сиромашката Бјанка: се воздржа и ги задржа сите војници што ѝ струеја низ крвта, и само таму галопираа, спречени да ја освојат оваа неправда.
Тој ден, кога го начу разговорот низ подотворената врата, откако прво се разгневи а потоа се смири и се врати на себеси, Бјанка потона во мисли: Еј, зарем цела една година чекав на неа?! Побогу, дали сум јас дете, и очекував дека возрасните ќе ме залажуваат?! Јас сум виновна, требаше да забележам дека таа ништо не презема. Не, јас сум виновна за сè. Засега, ќе си премолчам. Но, како возрасна ќе се погрижам за сите деца во мојот живот. Ќе продолжам или ќе застанам? Не, не, не: нема отстапување, нема отстапување и нема отстапување! Ќе си го повторувам тоа секој ден, како исусовата молитва.
„Верверичке, сакам самата да ми го изговориш името. Копнеам да ме наречеш по име“, рече човекот со мустаќи, и Бјанка како да се врати назад во реалноста: повторно се најде на пустата падина, наспроти овој маж што од некаде ѝ беше познат.
„Да, да ме наречеш по име“, повтори мустаклијата, со насмевка, а веднаш потоа како и самиот да се смрачи: како да го загриза совеста, како да сети дека ја измачува. Но попусто – тој мал проблесок на свеста траеше само миг: тој веднаш продолжи да биде настојчив, и така да ја преплашува. Не можеше да прифати дека таа сè уште не го препознава, се препелка во непознато, му останува туѓа.
„Во овој апсолутен молк ти бараш од мене да те познавам“, рече Бјанка храбро. „Во ред. Но, барем посочи ми настан и место, па можеби ќе се сетам.“
Бјанка навистина не го препознаваше човекот, но и сама копнееше тој да продолжи да настојува, да ја охрабрува таа да продолжи да се обидува да се сети. Но, очигледно ни нему не му беше лесно.
„Ах, верверичке, и по толку време, по сиве овие години, ти пак истото ми го правиш!“, извика тој. Да имаше животинки во нивна близина, сигурно ќе се разбегаа низ гората од овој негов крик, кој повеќе наликуваше на рев од рането животно. Единствено ако беа хиени замислените ѕверки околу нив, можеби ќе се свртеа кон него. Можеби ќе насетеа во неговата рана идна мрша, свој иден пир? Исто како она што ѝ се случи и на Бјанка, кога директорката ѝ се потсмеваше на болката што ѝ ја нанесуваше со упорното одбивање да ѝ помогне?
Откако го наслушна разговорот кај директорката, и по срамот од понижувањето и од исмевањето, Бјанка со недели не успеваше да заспие: секоја ноќ се будеше и се превртуваше во креветот: зошто? Зошто, зошто? На крај, една ноќ се извлече од постелата, зеде еден лист хартија, молив и гума, и седна да пишува.
Почитувана директорке,
Ви се обраќам по писмен пат, а хартијата врз која пишувам е единствениот сведок за моите чувства. Не умеам да се изразам кога ќе Ве видам. Знаете, не умеам да зборувам кога сум збунета. А, ќе се согласите со мене дека збркан ум не е бистар ум и не донесува рационални одлуки. Таков е и мојот, кога сум вознемирена. Тоа е една расеана содржина, низ која пловат мисли што прво се предомислуваат, а на крај и се откажуваат, каква и да е темата: било работа, било живот. Но, кога сум ранлива, хартијата е онаа што будно стражари над мојата слабост. Слабоста што ја доживеав и со вас, откако го наслушнав разговорот помеѓу вас и Митко. Токму оваа белина на хартијата е она што и сега, противречно, одново и одново ја вшмукува црната дупка што ме разјадува однатре штом ќе помислам (а често мислам) на Вашата постапка. Ми предизвикавте толку несоници.
Но, јас со секоја моја несоница отсонував и еден друг сон: замислував како јас Вам Ви давам отказ од работата. Затоа што, ако самата јас си дадев отказ, ќе се откажев од себе. Тоа ќе значеше дека сум ја изгубила сопствената љубов кон училиштето, кон децата… кон сè. А токму таа љубов ме одржува да бидам јас – јас. Можеби е суета тоа, не знам, но кога ќе ја споредам таа суета со онаа на другите, тешко успевам да го наречам тоа суета. Како и да е, не се залажувајте дека, иако сум повозрасна, не можам да најдам друга работа. Да, би нашла. Знаете и сама дека огласите се преполни со понуди за работа како касиерки во супермаркет. Исто, знаете и колку се касиерите поценети: не само од работодавачите – и меѓусебно се ценат и се почитуваат. Затоа и се третирани со почит. И со добра плата! Знаете, разбрав дека Вие сте сакале да продолжите да ме понижувате пред колегите. Ех, да е само Митко… И други колеги ми раскажаа за Вашата изопачена потреба да ги залажувате луѓето. Не сум Ви била јас единствениот плен. Вие сте биле препознатлива по таа Ваша способност. Па дури и со хигиеничарките сте се подбивале со мојот предлог за обезбедување компјутер за децата! Помина една недела по случката со подотворената врата, а јас и Вие уште неколкупати се видовме и разговаравме – и тоа каде, ако не низ ходниците од училиштето. Но, по таа случка Вие можеби ја забележувавте промената што јас ја направив кон Вас. Кога се работеше ситни обврски и за задачи што секојдневно се појавуваат, јас Ве казнував со плитки разговори по ходниците. Веќе не Ве удостојував со посета во Вашата канцеларија. Па, Вие не сте ни достојна да имате канцеларија! Како и да е, со таа моја новостекната и во суштина бесмислена вештина за негрижа и за банално додворување, јас себеси се штитев од непотребни стресови и од кавги со Вас. А што ќе постигнев, ако се расправав со Вас? Ќе се себереализирав ли ако се расправав? Не, ќе си го упропастев животот. Ќе ја изгубев силата, трошејќи ја во одговари на Вашите напади. Ќе си ја потрошев нервирајќи се и со сите оние Ваши правдања, со Вашите „за твое добро ти велам“. Но, не помислувајте дека сум дволична кон Вас. Ако го наречете тоа лицемерие, јас ќе го наречам преживување. Кога Ве чув, сакав да ја отворам вратата и да влезам таму, за да ми ги забележите солзите. Но, се повлеков во себе. Сакав да размислам: што Ви сторив, за Вие така да се однесувате со мене? Да, Вие мислите дека можете од позиција на моќ да правите што сакате. Но, да Ве потсетам дека јас упорно не ја искористувам можноста да ја пријавам повредата на моите работнички права, кои ги имам. А би можела, да, да Ве пријавам и во општината! Знаете многу добро за што зборувам. Цел месец ми беше потребен за да си ја разјаснам дилемата, зошто не сте сакале да ми помогнете и зошто сте ги отварале и кинеле писмата што заедно ги адресиравме до институциите и до компаниите. Писмата што на двете дечиња требаше да им обезбедат еден компјутер завршувале како отпадоци! Зарем тие писма на некој начин ја загрозуваа Вашата работа? Ве прашувам! Затоа што лута сум, признавам! Да, за децата се лутам. Па, како можевте? Нели сфаќате дека со тоа и децата ги третирате исто како и писмата? Како отпадоци? Должна сте, да Ве потсетам, како директорка да обезбедите компјутер. Зарем јас немаше да Ви ја олеснам работата ако го обезбедев? Ако го донесев? Што, Ви се пројави ли суетата? Дека ако го донесам јас, тоа ќе биде моја заслуга? Па, нели се договоривме писмата да одат преку училиштето? Нели, „институционално“ рековме? Нели рековме дека ќе се погрижиме за социјално ранливите категории со педагошката служба? Не разбирам од каде таа перверзна потреба да ги фрлате писмата што заедно ги адресиравме до компании со општествена одговорност. Ако не сакавте да биде преку училиштето, зошто не ми кажавте? Има и други начини како да се најде еден компјутер. Но, можеби си мислевте дека ако се искористат други начини, тогаш училиштето, и Вие со него, ќе испаднете некадарни, затоа што не сте успеале? А, замислете, децата подготвија и подароци за Вас… Сè уште ги чувам: два цртежи што тие ги насликаа, за да Ви ги подарам Вам. Се двоумев, но сега сфаќам, колку е важно да Ви ги подарам тие два цртежа. О, колку би погрешила, ако не ви ги подарам еден ден!“
Уште пред да заврши со пишување на писмото, Бјанка сфати дека нема да го испрати. Не вреди! Но, уште поважно беше тоа што отако писмото беше речиси напишано Бјанка сфати дека – има надеж за неа. Веќе имаше силна инспирација за излез од овој предизвик и претчувствуваше дека приказната ќе има среќен крај. А осамените посети на планината, и дивината на таа пустелија што ја потсетуваше на самата неа многу ѝ помагаа да дојде до одговорите.
Сега Бјанка стоеше пред мустајлијата, кој ја гледаше со поглед на рането животно на кое му треба помош. Ја облеа студена пот и низ маглата на своите очила го разбра неговиот страв. И самата се исплаши.
„Немој да ми се лутиш“, му рече. „Цело време ти се обраќам на ‘ти’. Нели тоа значи дека имам доверба во тебе?“, додаде Бјанка и несвесно ги ококори очите. „Нели ти е доволна таа близина?“
Тој молчеше и само ја гледаше. Полека му омекна крутоста на лицето, па и болката како да му се повлече, како избега од него, како да исчезна некаде во планината.
„Во ред…“, рече тој најпосле, речиси помирен. Но, тогаш како одново да му надојде сила, и неговиот говор избувна како лава пред истекување: „а ти, верверичке, кај живееше пред да се преселиш во градот?“
„Тука, во селото“, одговори подготвено Бјанка и седна на големиот камен на кој пред малку се препна.
„А, кај одеше често? На кое место?“, упорен беше тој, инстинктивно отчекорувајќи до каменот на кој седеше Бјанка. Ѝ се приближи и се наведна над нејзината глава.
Бјанка го крена погледот кон човекот и напосле го препозна.
„Да, те паметам“, му рече. „Ти си малиот Тоде. Од маало Расковци.“
Бјанка бликна од радост, а како да забележа оддишка и на лицето на овој човек, кој веќе не ѝ беше непознат.
„Да. Јас сум!“, широко ги отвори очите и човекот. „Да, Тоде…“, додаде, и стивна. „Тој сум… знаеш кој“, заврши човекот, сосема тивко, небаре подиплашен, овојпат тој да не ја избрка од животот.
„Да, тој си“, се насмеа Бјанка, „детето од кое бегаа сите. Носеше нечиста облека и ширеше чуден мирис.“
„Да. Детето што брзо го надраснуваше секое аливце што ќе го облечеше, а потоа едвај чекаше да ги облече износените и ветви алишта од соучениците.“
Тоде сакаше да рече уште нешто, но тука Бјанка продолжи да се сеќава.
,,Да, момчето што лунѕаше низ житните полиња и скришум ме набљудуваше. Само тоа ја надгледуваше мојата плашливост и ја охрабруваше да се преобрази во големи дела.“
Ова како да го расположи Тоде и тој неколкупати кимна со главата. Но, Бјанка имаше уште за кажување.
„Помниш ли кога ги криев големите сендвичи од мајка ми? Таа мислеше дека сама ги јадам, а јас ти ги носев тебе. Со тебе ми беа највкусните залаци, кога ги начнувавме, ги гризевме во ситни залачиња и си го разлевавме уживањето низ телото.“
„Да, верверичке…“, рече Тоде и длабоко воздивна, „јас бев твојата тогашна љубов.“
Тоде како со тага да го констатираше изреченото, но истовремено, како да зацимолка од среќа.
„Да. За жал, тогашна…“ додаде Бјанка смирено, но тука одеднаш ја обезеде немир, па дури и некаков скриен гнев. Како да сети и љубомора. „Но, ти замина, а јас останав во селото“, рече таа, строго.
„Да, морав. Заминав од тебе, верверичке“, се одбрани Тоде. „Но, заминав заради тебе, за да се вратам малку подобар, подостоен за тебе…“
Бјанка го гледаше високиот човек во кошула и тесни панталони. Го препозна во него некогашното дете. Во себе, пак, сети милост кон него. А потоа се возбуди, и таа како дете. Без ни за миг да размислува, му ја подаде раката.
„Ајде да се прошетаме“, рече Бјанка и се насмевна. „Така можеби подобро ќе се сетам на тебе.“
* * *
Бјанка и Тоде се спуштаат надолу по падината. Чекорат еден крај друг без да изустат ни збор, и само одвреме-навреме се погледнуваат. Тој води. Таа не знае кај ја носи тој, но има целосна доверба во него.
Се спуштаат во долината, од некаде се слуша жубор на вода. Од каде ли дотекува вода?
Бјанка е збунета. Водата навестува плод и пород: зошто тогаш во неа како упорно да продолжува да се протега она непрегледно пространство сува, испукана земја, онаа пустелија? Во Бјанка, всушност, се мешаат чувствата: освен пустелијата сега тука е и Тоде, кој ненадејно ѝ го врати и она старо, меко чувство. Беа поминале толку години од нивната младост, а еве, тој сепак успеа во неа да ја предизвика посебната топлина што Бјанка некогаш ја откри, и си ја задржа во себе и долго откако си замина од родното место.
Бјанка не ги сфаќаше нештата здраво за готово, ги ценеше работите што ги има. Додека чекореше крај малиот Тоде од нејзината младост, овој јунски ден, на прагот од летото, Бјанка одеднаш се сети на минатата зима. Се сети на божиќните празници. На најсветлите денови. Кои некому се закитени, некому не. Оти некој има, некој нема. Милијарди облици го обликуваат и го шират универзумот.
Децата од селото на границата беа од оние што немаа. А Бјанка, удобно завиткана во топлото ќебенце крај нивното огниште, на Татјана и на Ивана им го предеше преданието за Игор и Тодор, нејзините ученици. Да, минатата зима Бјанка благословена го дочека Божиќ со своите ќерки, но сепак ѝ недостасуваше волшебна состојка, со која ќе можеше на своите двајца ученици да им ги отвори прозорците кон светот: шарениот свет полн наука, забава и дружби со деца далеку од нив, а сепак слични на нив.
На своите ќерки Бјанка им кажуваше за тоа како Тодор и Игор ја поминуваат зимата. Им кажуваше за тоа дека минатата зима ја покажа сета своја силина, испадна сурова. Како и обично, патот во селото беше подмрзнат и опасен, па така автомобилот со која Бјанка доаѓаше до селото не можеше да стаса до куќата на ридот во која беше сместена училницата. Баба Стојна и дедо Томе предложија часовите да ги одржуваат во нивните домови, а Бјанка и овојпат мораше да се согласи со тоа. Инаку, Бјанка инсистираше лекциите да бидат во куќата на ридот, затоа што тоа сепак беше училница, а децата треба да имаат сопствен простор, Бјанка беше убедена во тоа.
И на Бјанка исто така ѝ требаше нејзин простор. Затоа таа зачекоруваше кон дивината на гората, кон пустелијата. За да се соочи со пустелијата, и така да се соочи со пустелијата во себе. Така и го сретна Тоде, малата светла точка од нејзиното некогашно детство.
Кога го слушна жуборот на водата, на Бјанка ѝ беа потребни уште неколку чекори за да го препозне своето опкружување. Тоа, тоа беше точката од која ѝ надоаѓаше инспирацијата и тогаш кога ја немаше. Тоа беше водопадот, место на кое порано ниедно дете не се осмелуваше да доаѓа, бидејќи тој простор за нивните родители важеше за проклетија каде се случуваа злокобни настани. Но, таа сепак се измолкнуваше и скришно одеше таму. Другите деца немаа храбост да ја следат.
Само едно дете доаѓаше по неа и заедно со него се плискаа под силниот наплив на водопадот што како од небото да се истураше врз нивните тела. Бјанка се сеќаваше: тие уживаа, а таа се препушташе и му се радуваше на детето што упорно зјапаше во нејзините очи, поттикнувајќи ја во неа онаа нежна топлина што таа уште тогаш си ја освои и си ја задржа.
И еве ги сега, дваесет години подоцна, Бјанка и Тоде, стојат крај водопадот.
Во еден миг, како да забележаа една мала, но чудна промена. На местото од водопадот кадешто водата беше заезерена и мирна, како да видоа мали бранови. Како водата да се придвижи. Можеби тоа беше ветерот? Но, немаше ветер. Тогаш, која можеше да биде причината? Но, во крајна линија тоа не беше ни важно: тие со поглед ги следеа бранчињата што ги правеше водата од водопадот. Вдишуваа длабоко и ја чувствуваа свежината на бучната вода. Како некогаш, како во далечното детство.
Во нивните очи заигра сенка од истата насмевка од некогаш. Истото соучесништво, повторено по дваесет години. Бјанка се сврте со грб кон него, си ја поткрена малку густата и виткана коса, а потоа си го дофати патентот од карираниот фустан што го носеше во тој ден. Фустанот брзо се слизна по нејзините нозе и заврши на земјата. Се сврте кон Тоде.
Тоде си го ослободи ременот и си ги раскопча копчињата од панталоните. Се обиде, скокајќи на едната нога, да ај истегне другата ногавица од себе, но последниот крик од модната индустрија не се даваше: Тоде се затетерави и падна во тревата. Бјанка не се потресе, но прсна да се смее. Потоа му се приближи и почна да ја тегне ногавицата. Тоде лежеше на грб и гледаше во небото, а кога Бјанка почна да ја тегне ногавицата, и тој почна да се смее. И Бјанка, исто така, продолжи да се смее – гргна од неа нејзиниот глас, и со тоа како истекуваа и сите грижи од неа.
Тоде успеа на крај да се ослободи од панталоните, и овојпат тој ѝ ја подаде раката. Таа го фати за рака и тој се исправи. Сега обајцата погледнаа во заезерената вода од водопадот, а потоа се погледнаа во очи, си се насмевнаа и одново се свртеа кон водата. Со ситни чекори загазија внатре во неа. Влегувајќи така, врз својата кожа сетија топлина: како водата да беше греана и истурена да ги грее нивните тела.
„Еј, топла вода…“ – рече Бјанка.
„Да, ти се верува ли?“ – сега го ококори очите Тода.
„Но, како е можно, ова е водопад?“ – упорна беше Бјанка
Необична слика: една жена и еден маж, речиси голи, до колена, во заезерената вода под водопадот.
Бјанка си ги извади шнолите што ѝ ја затегнуваа косата, а заедно со неа и сиот живот. И – му се препушти на мигот. На мигот од кадешто започна сè. Одново се радуваше како дете, но ја сеќаваше и истата јанѕа, која некогаш ја гризеше од страв дека родителите ќе ја караат затоа што повторно била на местото што требаше да го одбегнуваат сите. Се издиша, и сети како од неа истеку сета грижа. Во крајна линија, зарем не беше таа единствената виновничка што не умееше да му се препушти на светот? Зарем не препуштувајќи се не го пропушти животот? Таа непрепуштена, и сè пропуштено.
Не, ништо не беше пропуштено, сепак. Бјанка гледаше во истите очи што и некогаш зјапаа во неа, и на кои не можеше да им одолее. Во следниот миг, веќе се капат под силните водоскоци. Водата се слева по нив, и како да ги измива од нивните тела напластените грижи, како да измива од нив тешки отрови, кои тие двајца, секој на својот пат, со години ги впивале во своите гради.
Сега се гледаат очи во очи, си се насмевнуваат. Водата од водопадот е бучна.
„Мислиш дека некогаш бевме заедно?“, вели тој. Одговорот не доцни.
„А што ако цело време бевме заедно, без да знаеме?“
Авторка на автофикцискиот расказ „Враќање кај водопадот“ е Мила, една од петмината учесници во втората работилница по креативно пишување автофикциски расказ „По природниот тек на нештата“, која се одржа во март и април 2024 г. Уредник на расказот е Живко Грозданоски, автор на работилницата и петтиот учесник во нејзиното второ издание. Расказот е напишан паралелно со пишувањето на расказите „Збор-два“, „Жешкото столче“ и „Ашрам“ од Елена, Бистра и Марија, други три сопатнички во пловидбата.
