Книжевност

Кон „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова

Дејствието на „Песот со тажен поглед“ (Матица, 2018), последниот роман на Оливера Николова, се одвива во болницата на британскиот црвен крст во Скопје, во текот на првата светска војна, а приказната, според точните зборови на самата авторка, произлегува како ехо од инспиративните спомени на д-р Џ. Џонстон Абрахам (Dr. J. Johnston Abraham), чијшто избор и превод (Владимир Цветковски) кај нас е објавен во 2009 година („Мојот балкански дневник“, Дирекција за култура и уметност, Скопје). Ова „ехо“ од авторкината кратка белешка на благодарност до докторот-автор на инспиративниот „балкански дневник“, суптилно одекнува уште во првата сцена од приказната, во која д-р Ира Зошченко, главен женски лик и двигател на централната приказна во романот, го прашува главниот машки лик и јас-наратор на приказната, како се вика. Војникот во заробеништво се претставува како „Алберт Гас“, а веднаш потоа се открива тоа дека неговиот пес се вика „Ал“. Тука веднаш се јавува една интересна двојна паралела: во една насока, „Песот со тажен поглед“ е ехо на „Мојот балкански дневник“ исто како што „Ал“ е ехо на „Алберт“, а во спротивната насока,, пак, „Песот со тажен поглед“ го „оживува“ „Мојот балкански дневник“ на истиот начин на кој Ал  (како што наскоро ќе се открие) прави Алберт да се почувствува вистински жив: „Порано често помислував дека живеам некако незаслужено. Тоа беше некоја варијанта на трајно чувство сè додека не го сретнав песот Ал.“ (стр.61).

               Мојот балкански дневник               > > > > >               Песот со тажен поглед

               =                                                                                    =

               Алберт                                             > > > > >              Ал

Со исклучок на песот со тажен поглед, кој е сеприсутен во романот, иако физички во приказната се јавува само во облик на сеќавање, мечта или сон (со само еден, блескаво прозрачен исклучок), животните во книгата се јавуваат ретко, но нивното ненаметливо присуство редовно дејствува врз ликовите, успевајќи во нив да разбуди чувства што човекот, поради самата своја природа, и особено во даденото опкружување – како да не е способен да ги разбуди во нивната чиста форма: „Ми падна жал за волот, тоа беше едно брзо чувство, ме расече како молња, за да не заборавам дека сум жив.“ (стр.24-25) Животните се податливи за анализа од гледна точка на екокритиката и поради тоа што се дел од еден многу посложен „еволутивен“ процес: од нехуманиот однос кон животните („Стражарите го клоцаа и го маваа [песот] со кундаците – стр.122“, преку повторното откривање на „изгубената“ врска со нив, се стигнува до финалната точка на обратна поставеност, каде „Учиме дека треба да го цениме животот не само на животните, туку и на билките, птиците и стеблата, а забораваме на родот човечки, небаре тој е вечен и неповредлив.“
(стр.76-77).

Односот на чинителите во романот, сепак, не може да се сведе на дихотомијата човек/животно, затоа што човекот во приказната е присутен само како уште една „кревка нишка во Универзумот“ (Унгарети, „Реки“), а прикажаниот свет е посложен, што повторно ме потсетува на сè поактуелниот концепт на „социјалитет“, термин од социјалната антропологија кој „исто така се обидува да излезе од антропоцентричната анализа на реалноста во која центар на сè е само човекот. Социјалитетот ја признава улогата на нечовечките фактори (животни, вода, кал). Во оваа насока особено е интересна улогата на животните во јавните простори.“[i] Тоа вдахнување живот на секое создание во „Песот со тажен поглед“ е особено индикативно во една споредба, каде „Моравме да одиме сосем полека, зашто калта нè влечеше како како живо тело што бара помош.“ (стр.88) Ова е деликатна и токму затоа скапоцена слика, која како вжарена игла допира до нервот на еколошката свест: изобличената земја (или Земја?) е како живо тело што бара помош. Мешањето (флуидноста) помеѓу војници, заробеници, лекари, пациенти, локални жители, помеѓу песот и главниот лик („Јас лаев, тој воздивнуваше“, стр.123), но и помеѓу живите и „неживите“ елементи најсилно е доловена преку сликата на снежењето: „Си гледал како снежи? Небаре небото сее низ некое сито. Неговото небесно сито. Е па така, и ние луѓето сме како некои сита… сееме, пресејуваме, јас во тебе, ти во мене… сè минува низ тебе што е мое, и низ мене што е твое. Ситата работат неуморно, сеат, Алберт, пресејуваат… Мојот живот, твојот живот… има ли меѓу нив реска граница?“ (стр.124) Оваа слика автентично ги одекнува древните духовни учења за единството на битието (учења кои, честопати упростени и изопачени од страна на
неолибералната книжарска индустрија за „самопомош“, стануваат „лизгав терен“ за голем број млади книжевни автори), и следствената преценетост (и толку сонуваниот залез) на индивидуализмот. Амбиентот во романот (иронично) нè тера да се сетиме и на концептот за „заедница“, кој е стар, но и сè поактуелен во современата културологија, како идеален противотров за еден сè поосамен и посебичен свет.

Во „Песот со тажен поглед“ нежно се допираат и некои осетливи точки од балканската историја (стр.70), и така бегло се третира и националното прашање, но истовремено се случува и еден друг нежен допир, но помеѓу фикцијата и документаристиката: авторката гради сцена (дијалог, амбиент – па и лик?) користејќи искази на д-р Џ. Џ. Абрахам, од неговиот „балкански дневник“. (стр.110)

Родовото прашање, сепак, како да се третира многу почесто, и тоа на еден многу посуптилен, па дури и провокативен начин: главниот женски лик, со својата пожртвуваност, инаетливост, снаодливост, кокетност… како да е извлечен од под безвременското клише за жената, но акцентот во однос на ова родово прашање е ставен врз двата машки ликови, пријателите Алберт и Ференц, односно врз нивните штури мачоизми во врските со сите нивни љубовни партнерки, без исклучок. Иако кај читателот се засидрува впечаток дека оваа одлика на двата главни ликови застапува една јасна, но попатна тема во романот, на крајот изненадувачки се открива дека тоа е всушност вешто, внимателно поставеното градиво од кое е конструирана централната приказна.

„Песот со тажен поглед“ е книга-потомок на вдахновувачките спомени на британскиот доктор што пред стотина години престојувал и работел во Скопје, но е дете на сегашноста – и на иднината. Во неа тивко како снег се просејуваат повеќе теми, но единствено песот Ал е невидливата axis mundi околу која се врти приказната – на повеќе нивоа. Песот Ал е, пред сè, референтна точка и коректив на главниот машки протагонист („Ме опфаќаше срам пред него, на пример, што не сум понизен и што барам секогаш повеќе одошто имам;“ – стр.62, или „Небаре го барав неговото мислење.“ – стр.80), но песот исто така задира во подлабоки, онтолошки прашања („Мојот пес […] ја пронаоѓаше во мене човечката суштина, длабоко запретана дотогаш од гордоста и суетата, суштина што речиси и самиот не си ја спознавав.“ – стр.168). Играта со физичкото отсуство на песот Ал, од една страна, и неговото сеприсуство во приказната, од друга („Тој како секогаш да е тука, со мене“ – стр.124) е отмено пресликана и во отсуството (и присуството) на намерно осакатените делови од телата на некои од војниците што – небаре според евангелискиот принцип – одбрале без три прсти или без една нога да останат во животот, наместо цели да отидат во пеколот на војната. Оваа вонредно комплексна споредба му дава несогледлива и неисцрпна длабочина на „Песот со тажен поглед“. Но, и отаде споредбата, оваа длабочина се протега и во обратна насока, како височина: песот што ни за еден миг не се појавува физички во приказната, за миг сепак се појавува, и конкретен и блескаво прозрачен, со што се проектира како вектор (споменатата axis mundi) и отаде приказната, отаде страниците на книгата, во самиот живот, и уште еднаш отаде.

„Песот со тажен поглед“ е книга која во себе поседува една „тенка светлосна жичка“ (стр.168), со чија мудрост нè учи како може да се пишува за одредени работи, и, можеби уште поважно – како може да не се пишува.


[i] НА КАНТАР СО РОЗИТА ДИМОВА: Ех да имам ко што немам (антрополошко видување на кризата со КОВИД-19) http://qantarot.blogspot.com/2020/05/blog-post.html

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *