„Нема ништо поубаво од предизвикот да бидеш она што си“
(Кон „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски, „Или-или“, 2020 г.)
„Нема ништо поубаво од предизвикот да се биде некој друг“ (стр.50) вели во еден миг Владо, еден од главните ликови во „Лето во кое те нема“, и тоа е првата од двете главни максими на кои почива целата приказна во овој роман. Другата (или можеби сепак првата?) максима би била: „Нема ништо поубаво од предизвикот да бидеш она што си“. Последниот роман на Петар Андоновски е умешно структурирана приказна за сепството, прељубата и отсуството, но нуди многу поширок распон теми, вешто сместени на неколку координатни системи, од кои највпечатлив е оној каде оската присуство/отсуство се сече со оската лажно/вистинито. Читателот веднаш е соочен со темата на сепството и на идентитетот (разгледани од неколку аспекти, од кои највидливи се родовиот, социјалниот и духовниот), но и со темата на животната средина, односно со двојниот обѕир кон неа: од една страна драматично искрен (кога станува збор за самите животни и за нивните избори – претставени преку кученцето Флафи, кое може дури и да се смета за лик во книгата, иако се појавува во само една сцена), а од друга страна суптилно циничен – кога станува збор за самите луѓе, и за начините на кои тие (мислат дека) дејствуваат во и врз природата околу себе (одлично доловени преку оној транспарент „превртен наопаку“ на стр.94). „Лето во кое те нема“ е приказна и за бегањето, но не само за бегањето сфатено како лутање на релација кон себеси/кон другите, туку пред сè спасоносното бегање од оној „мртов град“ (стр.63), кој како да го застапува малодушното тонење во инерцијата од штетни сфаќања, очај, срам и смрт. Ликовите во „Лето во кое те нема“ се изразено тридимензионални, иако авторот речиси и да не се занимава со нивниот физички опис. Исто, се чини дека секој од ликовите мора да се најде во некакво тројство за да се реализира себеси со сиот свој потенцијал: јас-нараторот+Владо+Иван / јас-нараторот+мајката+бабата / Индира+Нита+Мила / Иво+Мелита+Владо / главниот лик+Владо+мачката на дождот… „Лето во кое те нема“ е роман ненаметливо богат со книжевни референци (набројани и во штедриот поговор од рецензентката Оливера Ќорвезироска, на крајот од романот), кои се суштински дел од градивото на делото. „Пасажите, пак, во кои Владо е де самиот тој, де Иван, се литерарна досетка на Андоновски“, забележува (стр.105) рецензентката, но јас не би бил изненаден ако оваа мала „досетка“ е всушност умешно изведена варијација на „играта“ на главните ликови од расказот „Лажен автостоп“ од Милан Кундера (од збирката „Смешни љубови“, но објавен исто така и во антологијата „Пат околу светот во 20 раскази“).
Рецензентката на книгата исто така забележува дека „текстот е полнозначен“ (стр.113) независно од тоа дали читателот последната слика од романот ќе ја развие низ филтерот на расказот од Хемингвеј, но јас можам да тврдам дека ако го прочитав крајот на книгата без да го имам предвид текстот (и пред сè поттекстот) на „Мачка на дождот“ од Хемингвеј, јас ќе прочитав само еден квир-роман чија тема е љубовниот триаголник. Но, „ние сме џуџиња искачени на рамената на џинови“ запишал Умберто Еко (цитирајќи – и самиот така качувајќи се на раменото на – џин по име Бернардо од Шартр, француски филозоф од 12 век), сакајќи да каже дека нашата големина и нашата способност да гледаме далеку ние всушност им ја должиме на големите наши предци, на чии рамена (дела) се искачуваме, и мислам дека токму тоа е случајот со „Лето во кое те нема“: без „Мачка на дождот“, романот на Андоновски за мене ќе беше „џуџеста“ квир-љубовна приказна. Вака, романот е „џин“ – затоа што има џин во себе. Дури и би рекол дека самиот поговор на книгата, со самото спомнување на „Мачка на дождот“, всушност станува и мал „прирачник за употреба“ за читателот, а имплицитната порака е: „за вистински да ја прочиташ и темелно да ја доживееш оваа книга, прочитај го и истражи го овој расказ од Хемингвеј“. Во „битката“ за „роман на годината“, овој краток роман од точно 100 страници го гледав како некој мал Давид, наспроти неколкуте големи и тешки Голијати, а „Мачка на дождот“ во таа приказна беше она мало и пресудно камче што Давид го става во праќата, го лансира на крај и триумфира.
Најпосле, зошто „Мачка на дождот“ е огненото јадро на „Лето во кое те нема“? Затоа што, ако го земеме за точно тоа дека потенцијалната енергија на веќе напишаните текстови (посебно оние напишани од „џинови“) зависи од тоа во кој миг од Историјата тие текстови се препрочитуваат, се обмислуваат и се поврзуваат со /вградуваат во нови текстови, можеме да тврдиме дека овој расказ на Хемингвеј наликува на огромна тркалезна карпа поставена на раб од стрмна падина, а она што го прави авторот на „Лето во кое те нема“ е – ја „поттурнува“ потенцијалната енергија на таа карпа во својата приказна, за таа да „удри“ во свеста на читателот-„истражувач“ со разорна кинетичка моќ. Расказот „Мачка на дождот“, ставен во романот „Лето во кое те нема“ наликува на џин разбуден од стогодишна кома („Мачка на дождот“ е објавен во 1925 г.) Поконкретно: авторот на „Лето во кое те нема“ го зема дејствието на овој расказ, и заедно со тоа го зема и поттекстот на расказот, и тој поттекст го сместува во сопствениот текст, во нов (нашиот, современ) контекст. Имено: според некои теоретичари, мачката по која копнее жената во расказот на Хемингвеј всушност го претставува копнежот на жената по – деца. Затоа, кога истата таа сцена ќе се „трансплантира“ во ново, современо дело, во овој миг од Историјата, во екот на третиот бран на феминизмот, и ќе се интерпретира во контекст на борбата за човековото право на секој пар да има деца, да има свое/посвоено потомство, овој расказ се покажува дури и како далеку помоќен и поактуелен од времето во кое бил објавен, а новото дело станува древен крик, израз на усвитен копнеж по сопствено семејство. Малиот роман со праска корица станува црвен картон вперен во лицето на ограниченото хетеронормативно сфаќањето на семејството.
Според професорот Антоан Компањон, „литературата треба да биде читана и изучувана затоа што таа нуди начин – некои би рекле дури и единствен – за зачувување и пренесување на искуството на другите, на оние што се оддалечени од нас во просторот и времето или што се разликуваат од нас поради условите во кои живеат. Таа прави да бидеме чувствителни на фактот дека другите се многу различни и дека нивните вредности се оддалечуваат од нашите.“ („За што служи литературата“, Артконект, 2020, стр.127, тука курзив од Ж.Г.) Во прилог на поентата од претходниот параграф, мислам дека овие зборови на професорот одекнуваат подеднакво моќно прочитани и во негатив: „литературата треба да биде читана и изучувана затоа што таа нуди начин – некои би рекле дури и единствен – за зачувување и пренесување на искуството на другите, на оние што се блиску до нас во просторот и времето или што се слични на нас и покрај условите во кои живеат. Таа прави да бидеме чувстви-телни на фактот дека другите се многу слични и дека нивните вредности се исти како и нашите.“
Автор: Живко Грозданоски
