Кратки осврти кон четирите книги што не влегоа во финалниот круг од трката за „Роман на годината“ за 2020 г.
Во овогодинешното издание на конкурсот за наградата „Роман на годината“ беше пријавено 41 дело. Првиот круг гласање го поминаа 18 романи, додека 23 романи не продолжија во следниот круг. По второто бирање, девет од 18-те романи продолжија понатаму, а другите девет не влегоа во полуфинале. По третото гласање на петчлената жири-комисија, во финалето за „Роман на годината“ за влегуваат 5 наслови: „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски (Или-или), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски (Македоника литера), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски (Антолог), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски (Антолог), и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска (Чудна шума).
Следат четири кратки осврти (наредени по произволен редослед) кон книгите што не влегоа во финалниот круг.
„Шрапнел“ – Игор Анѓелков (Или-или, Скопје)
„Шрапнел“ е книга во која глатко се испреплетуваат повеќе теми: пишува-њето (и читањето), бракот (и пријателството), семејството (и тоа не само она хетеронормативното), градот (но и селото), татковината (и сегашната и поранешната)… Сиве теми се умешно наредени во три главни нишки: приказната на нараторот, приказната на Ангел, и кревката нишка со повеќе прашања кои можат да се сведат на изразот „поширока заедница“. Ако воопшто за нешто би можело да му се забележи на ова убаво обмислено дело, според мене тоа би била недоволната „хомогеност“ на третата нишка во однос на првите две, кои се совршено комплементарни. Носечки ликови на дејствието се нараторот и Ангел, двајца писатели кои на почетокот имаат конкретни замисли за книги, ракописи кои наскоро ќе се покажат како недоволно мотивирани обиди: „Најпосле, единствените вредни ракописи што потоа остануваат се оние што излегуваат од утробата“ (стр.26), вели во еден разговор главниот лик и наратор, а читателот на „Шрапнел“ во рацете го држи токму тоа. Делото, сепак, полека расте и мутира сè додека не дојде до својот финален облик. „Никогаш не треба да си сигурен, уметникот секогаш се преиспитува себеси.“ (стр.28), вели исто така главниот лик во книгата, алтер-его на авторот, пред да се реши да ја пишува книгата во која ќе ги истражи „суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности што влијаат врз емотивното и приватното“ (стр.28), книга која најпосле ќе биде умешно спакувана во еден „хибриден, фрагментарен роман“ (стр.96). Имајќи ја предвид ваквата фрагментираност на романот, односот на ликовите кон музиката, и пред сè стожерната тема (семејните односи, со акцент на врската помеѓу средовечниот главен лик/наратор со родителот [и тоа во периодот на неговото заминување], но и врската со новите генерации), не можам а да не помислам на тоа дека „Шрапнел“ формира убав диптих со „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков, роман кој излезе околу половина година пред „Шрапнел“, и во кој авторката ги третира, помеѓу другите, истите тие теми. Но, она што мене ми е посебно впечатливо во „Шрапнел“ е кротката и самоуверена одлучност на авторот директно да се посвети на грижата за различни аспекти на заедницата: фокусирајќи се од една страна на колективната свест, а од друга страна на индивидуалната свест на читателот. Поконкретно, од една страна авторот се зафаќа со прашањето „да се замине или да се остане“ (стр.88), но со дозираната родољубивост, не „во онаа, турбофолкерска смисла на зборот“ (стр.74), а од друга страна книгата во најбуквална смисла на зборот се грижи за читателот (поточно, за човекот зад читателот) – ту со смирено укажување на некои сирово профани замки за телото (болести), ту со ука-жување на конкренти замки за духот (малодушноста на хомофобијата, итн).
„Фантомско стапало“ – Блаже Миневски (Матица македонска, Скопје)
„Фантомско стапало“ е густо четиво, набиено со нетрасирани дејствија што се менуваат молскавично, во духот на (пост)модернистичката стихијна нарација. Најголем дел од дејствието се случува во непосочено село во централна Македонија, во блиско минато време, некаде „по пропаста на колективната преобразба на селата“ (стр.11), а неверодостојниот наратор, „коркач каков што нема на светов“ (стр.33), раскажува за својот соселанец Миле Пејкуре, „народен мислител“ (стр.5), кој „го изгубил левото стапало пред да прооди“ (стр.12). Стапалото, всушност (кое отсуствува), има симболично значење: и кога се работи за протагонистот, и кога се работи за дејствието во самата книга (во еден миг, главниот лик ќе го доведе нараторот до едно „втиснато човечко стапало“, какво што „нема никој жив на светот, и не може да има“, долго „повеќе од седум“ педи. – стр.34). Поманот е всушност една голема алегорија за исчезнувањето и отсуството (на селата, на луѓето, на јазикот…), и за чувствувањето на тоа што е отсутно: „ако мислиш дека имаш око што го немаш, зошто да не мислиш дека имаш душа што ја немаш, и дека патиш по она што го немаш како да го имаш, рече.“ (стр.196). На микроплан, романот е филигрански изработен калеидо-скоп од народни песни, преданија, суеверија, обреди… каде фолклорните елементи, историските податоци, сведоштвата, родословите, географските топоними, книжевните дела, итн. сочинуваат една „музика од заумни тоно-ви“ (стр.36), вткаена во богата, раскошна архаична лексика. Иако раскажан внимателно, со беспрекорна синтакса и интерпункција (нешто што би требало да го земаме здраво за готово) романот не дава да биде лесно „скротен“ од читателот, кој низ овој фуриозен пастиш од дејствија, ликови, цитати, гномски и афористични изрази („народот е мистична заедница на покојни, живи и неродени“ [стр.36] „животот е ампутирано време на вечноста“ [стр.58], „тагата е отсуство, а ние отсуство не признаваме“ [стр.199]) не успева така лесно да ја дофати главната нишка на нарацијата. Сепак, еден клучен настан – повторно симболичен, повторно податлив за различни толкувања – кој се појавува набрзо по закотвувањето на читате-лот во сетингот и кој ќе биде актуелен до самиот крај, е надоаѓањето на езерото: „Кај и да е, денес – утре, ќе ги испратиме ридиштата, ќе ги дочека-ме вириштата; езерото ќе почне да се качува по ридот и по реката, по нашиот поток. Големата река ќе го исполни полека, како вир, а потоа до врвот, толку колку што е висока браната. И ништо нема да биде исто како порано.“ (стр.41) „Фантомско стапало“ е постмодернистички „битов“ роман со фантастични елементи (каде свој глас имаат и животните, и птиците, и камењата, и инсектите, па дури и една раска во окото на писателот) но во иста мера е и дело отворено за еко-критиката („Иако водата сè уште го немаше исполнето долот под селото, езерото како да беше тука, брановите како да удираа во плотовите.“ – стр.79); и премолчан омаж на селото што исчезнува („Ќе заминеме сите, иако градот е само шест километри одовде; би можело да се живее добро и овде; ќе можеше да се живее, ако имаше памет таму каде што треба“ – стр.29/30), но пред сè е роман напишан со љубов за сопствената земја – и тоа не „евтина“, декларативна љубов, туку демонстрирана преку длабокото понирање во нејзините јазик и култура.
„На враќање“ – Фросина Пармаковска (Или-или, Скопје)
Романот „На враќање“ ја претставува личната драма на Емануел, писател кој полека ќе западне во средовечна криза и со тоа ќе ризикува да ги изгуби најблиските – синот и сопругата. Приказната е раскажана во два дела, преку гласот на самиот писател, кој (во „современиот“ дух на кризата на субјективитетот и фрагментираноста на себството) е неверодостоен, односно не е „оној чија реалност е релевантна“ (стр.154). Читателот е вове-ден во дејствието во втората третина од фабулата, односно во времето кога главниот лик ќе започне да чувствува криза во својот брак со Ирина, личност која за разлика од него „не леташе, беше стабилна“ (стр.201). Набрзо, сепак, главниот лик и наратор на своето синче Андреј ќе реши да му раскаже една „вистинска приказна за едни луѓе“ (стр.66), и тука читателот на „На враќање“ се запознава и со првата третина од фабулата, односно со еден критичен период од младоста на главниот лик, кога тој бил во кратка (и несреќно прекината) врска со младата Тулај, девојка израсната во конзервативно турско семејство. Во овој прв дел од книгата, насловен „Патување со воз“, главниот лик ја раскажува својата приказна, но, преку обилните, и на моменти можеби непотребно опширни описи, читателот исто така е сведок на впечатливи и добро доловени слики од секојдневието од раните деведесетти години во нашето поднебје, пред сè од животот на младите и децата: згаснати навики како снимање касети, но и исчезнати игри: „Жал ми е што Андреј никогаш нема да научи да игра Народна или Граница или Сакате ли војска или Џамија или многуте други, одамна пропа-днати во заборав“ (стр.60). Во вториот дел од книгата, насловен „Патување со летечки килими“, главниот лик се наоѓа во Турција, во градот во кој фабулата „се заокружува“ штом главниот лик ќе се соочи со клучните личности од својата младост. Откако „остарената“ реалност ќе ги потопи замислуваните идеали, сонувани врз „летечките килими на фантазијата“ (стр.162), главниот лик се враќа назад во својот град бездруго како блуден син. Впрочем, во романот, во кој главна тема се различните враќања, клучни се две приказни, и обете раскажани на мали деца од страна на главниот лик: во првиот дел тоа е приказната за Емануел Другиот (стр.82), раскажана на Андреј, а во вториот дел тоа е приказната за „еден млад чоек од Мало Коњари кој не си ги слушал родителите“ (стр.181), раскажана на двете дечиња од автобусот, додека чекаат да ја преминат границата во време на вонредните пандемиски услови. „На враќање“ е единствениот роман од оваа година кој нуди (детален) опис на искуството од карантинот по преминувањето на границата, но ова искуство тука има и метафорична тежина: писателот во карантин е во „инкубација“ пред „препород“, во време кога се чисти од отровните фантазии врз летечките килими и од средбите со „црниот проклетник“ (стр.150), за најпосле да расчисти, простувајќи, и со најстарите трауми од своето детство. Всушност, може да се рече дека „На враќање“ е и роман за гревовите на татковците.
„Ши“ – Сашо Кокаланов (Или-или, Скопје)
„Ши“ е уште еден постмодернистички фрагментиран роман, обид левтерно и низ хумор да се третира тешката и безвременска тема на смртта. Делото е поделено во две книги: „Кафе или кофчег“ и „Ши“, со прилог со афоризми, насловен „Седумте смртни гревови“. Во првата книга нараторот е исто така и главен лик, додека втората книга е раскажана од наратор во трето лице. Првата книга најпрво се одвива во јужна Италија, каде протагонистот, „професионален семинаролог“ (стр.71), во 2015 г. учествува на симпозиум на тема „Како свеста за смртноста влијае на социјалното поведение на луѓето“ (стр.12). Иако протагонистот изјавува дека „не знаеме што да мисли-ме за смртта“ (стр.24), се чувствува како да залутал во Бари „како гусак во магла“ (стр.19), и се наоѓа „во очајна потрага по приказна“ (стр.35), тој сепак се обидува од различни агли да му се приближи на сфаќањето за смртта: се сеќава на соочувањето со смртта во детството, ја промислува врската помеѓу смртта и храната, размислува за смртта наспроти „буквалната и симболичната безвременост“ (стр.39), итн. Главен соговорник на циничниот протагонист во Бари е неортодоксната религиозна Англичанка, чиј интерес се моштите на христијанските светци, и која во еден момент му раскажува за своето метафизичко искуство со божјата благодат, кога „почувствувала нешто“: […] „Како што ембрионот има свест за неговата мајка, иако не може да ја види, зашто е во нејзината утроба. Така и јас имам чувство дека не можеме да го видиме тоа нешто, зашто сме внатре во него. Сфатив дека тоа е психолошката сигурност што ја барам, одеднаш можев да мислам на својата смртност без да се плашам.“ (стр.46). Првиот дел завршува во 2020 година, а смртта тука е „врамена“ во промислувањето на тековната панде-мија, при што се цитирани и туѓи гледишта (Славој Жижек, стр.76). Втората книга од делото, „вистинското раѓање на неговиот роман“ (стр.94) е насло-вена „Ши“ и ни нуди сосема поразличен, подинамичен сетинг: дејствието се случува во Скопје, а освен главниот лик, поранешен наставник, приказната ја градат уште неколку други ликови. И во оваа втора книга, како и во првата, делото е богато со референци на филмови, книжевни дела, писате-ли, филозофи, политичари… но, посебно место зазема антропологот Ернест Бекер и неговото дело „Негирање на смртта“. Во вториот дел, едни од главните теми се пријателството и љубовниот триаголник, и – можеби пред сè – двојната врска со вештачката интелигенција: од една страна роботот како емотивен партнер на луѓето (и строго контролиран од нив), а од друга страна, вештачката интелигенција како коавтор во создавањето литература. Поднасловот на првата книга во „Ши“ е „смртта како автор“, т.е. смртта како главен двигател на дејствијата во тој дел од романот. Поднасловот, пак, на втората книга, е „смртта на авторот“, но не во познатата роланбартовска смисла на изразот, туку „смрт“ како замислен исход од ангажирањето на вештачката интелигенција во уметноста: „Напишав дека книжевноста во постмодерната, со новите технологии, не само што ќе го убие авторот туку ќе создаде нов, непостоечки автор, книжевен Франкештајн, преку кој, наместо да исчезне субјектот и да се избрише неговиот идентитет, ќе се создаваат милиони и милиони идентитети, што книжевноста ќе ја претвори во какофонија, од безгласен простор – во простор на многу гласови (стр.174). Во секој случај, за разлика од делото „Курвински хроники“ на А. Русјаков, вештачката интелигенција тука е претставена сосем реалистично, како алгоритам без сопствени потреби, во служба на седржителот човек.
