1. „Идол на ѕидот“ – Елена Филиповска (Сигмапрес, Скопје)
Најубавото изненадување на овогодинешниот конурс за „Роман на годината“ за мене (поради самата појава на книгата) и воедно разочарување (поради непрепознавањето на неговата вредност и непласирањето во следниот круг) е романот „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска. Романот е внимателно обмислен како нешто што јас би го нарекол „историска дистопија“, а раскажан е кохерентно, сталожено, со многу такт и без никаков „вишок“ (описи, епитети, патос…); умешно е поделен на поглавја, со почит кон приказната, но пред сè со почит кон читателот и кон целокупното читателско искуство. Беспрекорноста од формален аспект е во тандем со повеќеслојноста од содржинска гледна точка: приказната е маестрално сместена едновремено и во минатото, и во сегашноста (2020), и во иднината; сместена е на нашето поднебје, но, со својата универзалност – и во секое друго општество. Книгата е суптилен омаж на татковината и на нејзиното културно наследство (книжевно, ликовно, музичко…) од втората половина на ХХ век, но пред сè е омаж на (некогашниот) град Скопје: дејствието не само што спомнува и се одвива на повеќе топоними низ градот – „Ванила“, „Чичко Стоилко“, „Алуминка“… – туку и говорот на ликовите убедливо го подражава некогашниот скопски дијалект (презаситен со србизми) од средината на ХХ век. Книгата од една страна е југоносталгична, и одлично го доловува амбиентот во некогашното милје на социјализмот, но, од друга страна, книгата бескомпромисно расчистува со (или во најмала рака ја „зауздува“) југоносталгијата, на начин што покажува до кој степен на стигма, расипништво, безочност и нечовечност (можат да) еволуираат тоталитаристичките политички системи. Но, и наспроти политичките системи, книгата поттикнува на размислување за тоталитаристичкиот мајндсет и на единката во заедницата, како безвременска појава со која секогаш одново ќе се соочуваме. И покрај сè, јас најголемата вредност и „новина“ кај ова дело ја гледам во автентичниот и умешно реализиран обид да се укаже кон можноста/неопходноста за изградба/возобновување на нашата заедница преку храбро, топло и неизвештачено третирање на деликатното прашање на меѓуетничките односи и соживотот. Тоа убаво е покажано преку ликот на Чичко Орхан, но уште подобро преку ликот на Дардан: „Не знам што сум мислел, ама денес знам дека го земам Дардан со себе секогаш кога немам храброст да зачекорам некаде сам“ (стр.150). Книгата се зафаќа и со родови и феминистички прашања, но главната тема, барањето на изгубените деца „посвоени“ (киднапирани) од тоталитарниот режим, е вистински школски пример за тоа како нашата локална приказна може да биде претставена како моќна метафора за целото човештво. Поради тоа, се надевам дека овој роман еден ден (што поскоро) ќе биде преведен и на други јазици од нашата заедница и ќе биде земен предвид во креирањето на изучување и обработка како лектира во некоја од годините од средното образование. Потребни ни се што повеќе вакви приказни.
2. „Турнеја“ – Сашо Огненовски (Бегемот, Скопје)
Горчливата сатира „Турнеја“ не прави никаков напор да поштеди апсолутно никого: и можеби токму тоа отсуство на каква било задршка беше пресудно делото да не се пласира (на мое големо изненадување) во вториот круг на овогодинешниот натпревар за „Роман на годината“. „Турнеја“ е вешто вкрстување на одлично одбраниот (поради метафоричноста на исходот на пиесата?) шекспиров „Хамлет“ (претставата што и самата несреќна театарска група од „Балканска Македонија“ треба да ја игра на својата „турнеја“ во десетина градови низ светот) и булгаковата „Мајсторот и Маргарита“ (гротеската, фантастиката и препознатливата загадочна атмосфера се сеприсутни во „Турнеја“, а особено мајсторски одекнуваат на крајот од секое поглавје). На книгата единствено би можело да ѝ се забележи за извесната предвидливост што настапува по третото поглавје, но и таа само условно речено „предвидливост“ е умешно „искупена“ од постојано новите теми што се отвораат во секое од поглавјата. Како главна тема, сепак, останува острата осуда на малограѓанштината, клиентелизмот, корупцијата, силеџи-ството и полтронството што владеат во голем број (културни) институции.
3. „Мртвите знаат најдобро“ – Владо Јаневски (Арс либрис, Скопје)
„Мртвите знаат најдобро“ е приказна раскажана линеарно, од раскажувач во трето лице, а главниот протагонист, по име Фуриозо е лик со дубиозна пресметливост (уште во првото поглавје се јавуваат Алберт Ајнштајн и Мерилин Монро како негови имагинарни пријатели). Со оглед на тоа што имињата на најголем дел од ликовите се јапонски, (Шикамото, Нозоми, Каруачи, Такахиро…), би се претпоставило дека приказната се одвива во некоја урбана средина во Јапонија, но дејствијата се одвиваат во генеричко опкружување кое не сака да биде својствено за јапонската култура, туку би можело да се однесува на кој било град од (условно речено) западната цивилизација. Фуриозо и неговиот татко Шикамото се платени убијци; поради потребите на „бизнисот“ тие во својата мрежа ќе го вплеткаат и градинарот Хироши (стопан на Коџи, интелигентниот гавран што зборува), кому ќе му биде дадено задолжението да се ослободува од телата, закопувајќи ги во градините. Набрзо, Хироши во криминалот ќе го замеша и својот брат, кој и ќе настрада. Книгата се одликува со вешта нарација и со ретки описи, а фантастичните елементи се во служба на суптилната општествена критика. По низа перипетии и чудесни „сршнувања“ на приказната, на крај Нозоми (девојката од цвеќарницара, златната нишка со која е опшиена целата приказна), е онаа која како некое отелотворение на љубовта/убавината/прошката, ги искупува изгубените ликови од нивните злодела.
4. „Јаничари“ – Луан Старова (Три, Скопје)
Може да се рече дека романот „Јаничари“ е „продолжение“ на „Балканвавилонци“ (МАНУ, 2014, награда „Роман на годината“), претходниот роман од авторот, поради најмалку три причини: 1) и тука главни ликови се Таткото и неговиот пријател Климент Камилски, кои катадневно се среќаваат во домот на Таткото со цел да ги проучат книгите од нивните „обединети библиотеки“, и така, со тој нивен донкихотовски поход да ја исполнат својата спасоносна мисија („справување со опасните турцизми“ во „Балканвавилонци“, односно „избавување на Балканот од новото јаничарство“ во „Јаничари“); 2 обете книги се одликуваат со познатата енциклопедичност, цитатност и со (книжевно)историографскиот пристап на авторот, при што на читателот му се нудат анализи на цела плејада книжевни дела и портрети на бројни личности од историјата и културата; 3) во обете книги главната приказна е маргинализирана и потисната од размислувањата, анализите и „откритијата“ на двата лика, кои толку совршено се разбираат и меѓусебно се надополнуваат, што се добива впечаток како да се два различни гласа од еден ист лик. Во романот „Јаничари“ авторот го разгледува феноменот на „јаничарство“ преку анализа на избор користена литература (со фокус на делото „Хасан јаничарот“ објавено во Париз во 1891) притоа правејќи интересна, но можеби и „преширока“ употреба на поимот „јаничар“ (помеѓу другото, го поврзува со ликот на Сталин, но и со учесниците во војните при распадот на Југославија).
5. „Вокабуларис“ – Ен Игма (Темплум, Скопје)
Краткиот роман „Вокабуларис“, потпишан од авторката Ен Игма е вонпросторно урбано четиво удобно вкотвено во сегашноста. Дејствието се развива на две нивоа, низ две приказни во два паралелни света, сè до оној миг кога имагинарната приказна глатко не се „влее“ во онаа реалистичната. Нарацијата тече меко, со повремена суптилна лиричност и со грижливо изградени дејствија и ликови (во реалистичната приказна) и симболи („Вирусот на неписменост“, итн) во имагинарната приказна. Апстрактноста на многубројните ликови-зборови и ликови-мисли во имагинарниот свет Вокабуларис, кои донекаде потсетуваат на анимираниот филм “Inside out”, го прават ова рамниште од приказната по малку опскурно и непроникливо. Независно од тоа, недвосмислена е повремената општествена ангажираност на приказната, честопати искажана афористички: „Природата создава животно, но системот обликува чудовиште“ (стр.180) или „…ги користиме зборовите само како робје на нашата наивна, корумпирана, измамничка природа.“ (стр.182) и пред сè: „Можеби треба да престанам со рамнодушноста и да се обидам да бидам таа една капка [што ќе ја прелие чашата]“ (стр.131).
6. „Туѓо тело“ – Владимир Плавевски (Арс либрис, Скопје)
„Туѓо тело“ е многу краток роман (59 стр.) во кој приказната е раскажана линеарно, во дванаесет поглавја. Дејствието е динамично и се одвива брзо и лесно, а за тоа многу придонесува фактот што помеѓу ликовите не постои никаков антагонизам (единствен антагонист во приказната е незнаењето поврзано со нејасната дијагноза на еден пациент). Освен тоа незнаење, кое е двигател на сите дејствија (истражувања) во приказната, нема друг внатрешен или надворешен конфликт кај ликовите. Ваквата природа и поставеност на ликовите на читателот му создава утописка илузија на „обединето човештво“ (во име на науката? „против“ непознатото?), во една современа научнофантастична приказна во која на туѓото тело може да се гледа како на примамлива метафора податлива за различни толкувања.
7. „Распетието на мојот татко“ – Зоран Стојаноски (ПНВ публикации, Скопје)
Овој роман, чијашто приказна се протега во временска рамка од триесетина години и на повеќе места (Мостар, Торино, Стокхолм, Риека, Милано), е одлично структуриран, а распоредот на поглавјата и текот на дејствието потсетуваат на вешта филмска монтажа. Делото се одликува и со вешти описи на некои од клучните епизоди од животите на ликовите (свирепоста на војната во БиХ, трулоста на одредени појави во црковните институции…), а приказната, иако на моменти неубедлива, раскажана наивно и со нагласена мелодраматичност, е сталожена во својата дозирана христоцентричност, и сведочи за лечебната/воскресителната моќ на трпеливото прифаќање на сопствениот крст и на распетието/воскресението што (христијански кажано), според чудесната и човекољубива Божја Промисла особено може да се посведочи од житијата на некои луѓе.
8. „Христо Егеецот“ – Васко Џамбазоски (Матица, Скопје)
Ова дело, напишано во духот на битовиот роман од раната втора половина на македонскиот ХХ век, се занимава со незавидната положба на македонските иселеници од Егејска Македонија по граѓанската војна во Грција, и со најразновидните егзистенцијални предизвици и неприфаќања со кои тие се соочуваат во „новата“ татковина. Романот, кој се сосредоточува на судбината на едно семејство, нуди детални описи од секојдневниот живот во Македонија пред седумдесетина години и е податлив како материјал за антрополошки истражувања, но воедно има обѕир и кон „големата слика“, односно нуди една конкретна перцепција на историски случувања на почетокот од минатиот век, на локален и на меѓународен план. Притоа, македонскиот народ некритички е претставен како жртва не само на политичките претензии на соседните народи, туку и на сопствената неорганизираност. Како и да е, овие сведоштва и историски толкувања треба да се земат со резерва и да бидат мотив за дополнителни истра-жувања, затоа што, како што забележува и самиот автор на крајот од делото, „при пишувањето на оваа книга не се користени релевантни извори и податози за датумите, за износите во бројки, за историските настани“.
9. „Денот кога не се разбудив“ – Моџо Килингтон
Роман кој потсетува на „Божиќна приказна“ од Чарлс Дикенс, а донекаде и на филмот „Животот е прекрасен“ (режиран од Френк Капра во 1946, и исто така во извесна мера базиран на книгата од Дикенс), „Денот кога не се разбудив“ ја раскажува приказната за еден средовечен навидум успешен маж кој под водство на неговиот ангел „поштар“ сфаќа дека е починат, и дека неговиот живот бил една голема лага (поточно, голема низа мали лаги). Романот не претендира да се претстави како уметничка литература, но исто така е многу побогато четиво од голем дел од романите од жанрот „самопомош“, кои најчесто упорно ги повторуваат излитените неолиберални максими од типот „не се откажувај“, „можеш да бидеш сè што ќе посакаш“, итн. Оваа книга, исто како и книгата „Колку убав погреб“ од Марјан Анѓеловски, ме наведуваат да помислам на Џим Кери и на Расел Бренд, односно на „предодреденоста“ на некои јавни личности поврзани со сатирата и со комедијата во одреден момент од своите животи да започнат да понираат длабоко во безвременски теми од типот на вредности/заблуди, смислата на животот, легитимноста на стравот од смртта…
10. „Колку убав погреб“ – Марјан Анѓеловски (Марјан Анѓеловски, Скопје)
Овој многу краток роман (63 страници) претставува приказна за невообичаената и бескомпромисна слобода што еден млад човек ја практикува среде општеството задушено од најразличните стеги на конвенционалноста. Раскажана со многу црн хумор (кој на места не е особено впечатлив), оваа приказна колку левтерно толку умешно се зафаќа со темата на смртта, и нејзината древна поврзаност со темата на љубовта. Дејствијата повремено се одликуваат со непотребно пренагласен патос, но тоа не е многу важно, затоа на овој роман, кој нуди и отворена и суптилна општествена критика, може да се гледа и како на ретко убава скица што има потенцијал да прерасне во дело чии дејствија би се одвивале со посталожен ритам, ликовите дополнително би добиле на длабочина, а приказната за заразноста на слободата и ослободувањето би зажарела со сиот свој сјај.
11. „Името ми е Вивиен Ли“ – Горјан Петревски (Македонска реч, Скопје)
Романот „Името ми е Вивиен Ли“ е „ехо“ на својот триесет години постар „татко“, романот „Снеговите на Климен-тина Евин“: постарата книга не само што е важен елемент во новата книга, туку и главната тема во „Името ми е…“ е иста како и онаа на „Снеговите…“: недозволената љубов на една извонредно интелигентна (свесна, помеѓу дру-гото, за постмодерната и за „компаративната“) деветтоодделенка кон младиот и згоден „Норвежанец“, наставник дојден на замена. Но, за разлика од „Снеговите…“ во „Името ми е…“, речиси и да не се појавува наставникот, а дејствието се фокусира главно на протагонистката/нараторка Вивиен Ли и на нејзината неразделна другарка. Авторот, свесен за дистанцата помеѓу неговиот стил на изразување и говорот на најмладите генерации, преку гласот на самата хероина вешто го оправдува/легитимира нејзиниот идиолект: „Ако сретнувате старински зборови, како, на пример, тормозење, тие ми се наследство од ‘старците’ кои со говорот никогаш не си заминаа од селанските корени на нивното љубено Љубојно.“ (стр.17) Авторот го згуснува романот и со (искажаните) паралели помеѓу „Името ми е…“ и приказната на „Однесено во виорот“, но она што сметам дека му дава особена вредност на ова дело е третирањето (со скромен успех, би се рекло, но тоа е многу помалку важно) на „современата“ тема на хомосексуалноста. Ваквата храброст да се излезе од сопствената зона на удопство и да се обработуваат нови и актуелни тематики е одлика на раскошните креативни духови и веројатно една од причините зошто „Исти очи“ од Горјан Петревски е една од книгите што го одбележаа моето детство.
12. „МоЛчИ и ТаНцУваЈ“ – Светлана Антоќ – Јовчевска (НУЦК „Трајко Прокопиев, Куманово)
Главна одлика на делото „МоЛчИ и ТаНцУваЈ“ е фрагментираноста на нарацијата, во која главната приказна на нараторката речиси во манир на „тек на свеста“ се испреплетува со нејзините размислувања за животот, за пишувањето/читањето, за хуманоста и за тоа што значи да се биде човек; но и со обмислувања на актуелни прашања и морални дилеми од кои е засегнато човештвото. Раскажувањето исто така се одликува со извесна афористичност, но и со повремено изразено нестабилна синтакса и патос. Една од главните предности кај ова дело е цитатноста: нараторката многу често своите размислувања ги поврзува и ги преиспитува повикувајќи се на ставови од писатели (од Милан Кундера до Сузана Тамаро), историски личности, и пред сè колеги новинари.
13. „Виенски гамбит“ – Анде Јанков (Антолог, Скопје)
Роман замислен и реализиран како детективски трилер, „Виенски гамбит“ нуди интересна и комплексна крими-приказна лоцирана во Виена, во која главни ликови се браќата Виктор и Даниел Николови – полицаец и писател. Набрзо по отворањето на дејствието се случува убиство, а потрагата по злосторникот е главната оска околу која се плете и расплетува приказната до самиот крај. Нарацијата тече самоуверено, ликовите се убедливо изградени, а некои од ситниците на кои може да се забележи се употребата на непотребни епитети – „…месечината низ прозорецот од ходникот, која гордо го красеше виенското небо.“ (стр.99), ретките повторувања на лексика и дејствија, како и повременото користење клишеизирани изрази – „…тој немаше речиси никаков контакт со припадничките на понежниот пол“ (стр.109). Во делото се среќава и едно имаголошко клише, кое некритички сè уште се провлекува и кај искусни автори: „Македонија, велиш… Никогаш не сум била на Балканот. Слушам дека во последно време има доста нереди долу.“ / „За жал, да. Ја знаеш онаа изрека: When things go south (во фуснота: Шта јужније, то тужније (колокв.)), кој и да ја сковал, мислел на Балканскиот Регион во тој момент“ – се пошегува Виктор (стр.44), но ако се пренебрегнат тие забелешки, „Виенски гамбит“ е умешно спакувана приказна, а „фиат пунтото“ на почетокот и на крајот од романот е ненаметлив показател за таа умешност.
14. „Асистола“ – Марија Јаневска (Три, Скопје)
Првиот роман на авторката на „Белешките на Лајла Грејс“, раскажан од наратор во трето лице, e љубовна приказна, но и драма во чие средиште се наоѓа младата лекарка Лена. Приказната, која тече брзо и линеарно, повремено е испресечена од кратки епизоди каде Лена се наоѓа во посета на психолог, и тука тонот станува бавен и медитативен, соодветен за себеиспитувањата и реминисценциите што го градат психолошкиот профил на главната протагонистка. Ликовите најчесто се здравствени работници по професија, а дејствието ротира околу настаните во Државната болница во Скопје. Професионалните предизвици, често опишани до детаљ, од една страна ги формираат ликовите, а од друга страна го прават ова дело (како и делото „Туѓо тело“ на Владимир Плавевски) вистинска ризница со поими од медицинската терминологија (кои тука понекогаш се причина за непотребни повторувања и фусноти). Ако не му се забележи на повремената нагласена сентименталност, особено кон крајот на приказната: „Биди моја.“ / „Доцна е“ – изусти плашливо. / „Никогаш не е доцна“ – рече Гаврил. – „Биди моја. Речи ми дека ќе бидеш моја.“ / Нешто во неа се скина. (стр.263), романот е интересна љубовна драма за созревањето на една млада личност.
15. „Незадоволна“ – Ксенија Николова (Култура, Скопје)
„Незадоволна“ е замислен како епистоларен роман кој може да се подели на три дела: 18 писма од Марго, главниот женски лик до Артур, нејзиниот партнер и љубовник; едно писмо од Артур до Марго, и едно писмо од Марго до нејзината мајка (Епилог). Своите писма Марго, сепак, не ги испраќа до Артур, па оттаму тие повеќе ја имаат функцијата на дневник. Писмата на Марго сведочат за нејзината трансформација од личност која има категорична одбивност кон партнерот во личност која успева да созрее и да оствари емотивен и духовен раст, сфатен како неопходност од постојана промена. Оваа книга, во која исто така се третираат и семејните врски (односот мајка-ќерка), како да сака со насловот да го заведе читателот (читателката, поточно), за потоа, низ низа лични согледувања својствени за современата литература за „самопомош“, да ја поведе на пат до „второто раѓање“, до (себе)прифаќањето и благодарноста.
16. „Шардоне и шпагети карбонара“ – Марта Димитров (Антолог, Скопје)
Младата писателката Миа, главен лик во овој роман, на почетокот од приказната им се обраќа на читателите дојдени на потпишувањето на нејзината книга: „Ако сте љубители на трогателни приказни, на заплети, на реченици полни со епитети што укажуваат на емоции, немојте да си го губите времето со романов. […] Ако сметате дека во животот животните мудрости од секого се добредојдени секогаш, повелете пред бирото. Ова ви го велам затоа што главниот лик е млада девојка, но е мудрица, која и преку своите животни настани ќе ве натера да извлечете поуки.“ (стр.14) Овие неколку реченици јасно ја искажуваат намерата на писателката на „Шартоне и шпагети карбонара“, роман во кој секое поглавје започнува со краток гномски, афористички исказ: „Чекорењето кон непознатото е шанса да ни се отворат нови видици“ (стр.82) или „Секој во поголем дел од времето е себичен“ (стр.90). Созревањето на главниот лик, и нејзините размислувања околу зрелоста, умешно кулминираат во отворена завршница, без преценетиот (иако суптилно најавен?) „хепи енд“.
17. „Песја прељуба“ – Велко Неделковски (Арс ламина, Скопје)
Краток роман во кој се третираат голем број социјални прашања од современото живеење (класни разлики, вработување, корупција, иселеништво…) во нашата поширока заедница, но исто така и еден од ретките романи (и дела воопшто) во кои постои целосна рамноправност помеѓу животните и луѓето од аспект на градењето на ликовите и дејствијата. Ова е важно затоа што потсетува на поимот
„социјалитет“ кој отвора простор за толку потребниот „излез од антропоцентричната анализа на реалноста“, но без да се „загази“ во познатата дихотомија со теоцентричноста, туку отворајќи една т.н. „биоцентрична“ перспектива,
особено актуелна во културата/уметноста/книжевноста во последно време. Друга впечатлива карактеристика (на овој роман, на другиот роман од истиот автор, но и на многу други романи, пред сè од автори од постарите генерации) е претераната употреба на „?!“, која сериозно (барем мене ми) пречи во читањето.
18. „Бричење петли“ – Владо Димовски (Арс Ламина, Скопје)
Дело кое во прво лице ја раскажува приказната на еден новинар кој се наоѓа во длабока средовечна криза, во „неодредена и недефинирана тага“ – отуѓен на работното место, во бракот, од ќерката и од светот околу себе. Главниот лик се обидува да се прилагоди на општествените промени („А времињата се матни. Транзиција, колега, транзиција.“ – стр.9) и, низ низа „перипетии“ се трансформира „од истакнат новинар во мачор, па од мачор во козар“, со што на крајот си наоѓа место во заедницата. Хуморот во оваа сатира веројатно комуницира со одредена генерација читатели, а лајт мотивот на „бричење петли“ нуди извесна општествена критика: „Да ми го бричиш петелот“, значи дека не ми можеш ништо. […] Нè задушува, ни ја растура концентрацијата, нè држи прикковани за ѕид… „бричењето петли“. (стр.93)
19. „И не биди млад мајмун“ – Велко Неделковски (Арс ламина, Скопје)
Конципиран како краток криминалистички роман, „И не биди млад мајмун“ е приказна во која главното дејствие (злосторничкото здружување на неколкумина престапници на законот) се алтернира со деветте појави на една оса, која на крај се покажува како битен соучесник во фабулата. Приказната се одмотува брзо и јасно, со еден непроменливо и можеби прекумерно лежерен тон. Дијалозите се исто така брзи, но и често неубедливи, а интерпункцијата (пречестата употреба на извичници и на „?!“) не го олеснува читањето. Ликовите имаат еден ист идиолект, т.е. се одликуваат со една извонредна, „старомодна“ досетливост во изразувањето: „Зет како мед. Збиј ги секундите. Конкретно! / Имам сомнеж. Крт ми ја прекопува нивата! / Ја разбрав земјоделската порака. […] Каде се наоѓаш? / Катна златна! / Лоциран си, чекај ја пратката. Држи ги семејните узди. Дисциплината е половина или еден и пол успех.“ (стр.44). И покрај претерано жовијалниот тон и по малку извештачените дијалози, книгата има цврста структура и може да биде интересно четиво за некои читатели.
20. „Своја“ – Ирена Никола Чаушевска (Ирена Даниловска, Скопје)
Најавена како книга „за најважните работи во животот за кои никој не нè подготвува“, „Своја“ претставува приказна за растењето и созревањето на една млада жена, која низ подеми и порази успева да истрае и да се реализира приватно и професионално. Нарацијата се одвива во брзи потези, а на крајот од секое поглавје следува по една најчесто клишеизирана „животна поука“ за читателките, заокружена со императив: „Не постојат никакви ограничувања за тоа што можеш да станеш, освен оние што си ги поставуваш самата. Избери да веруваш во себе и обиди се.“ (стр.119) или: „Слушај си го телото и кога ти шепоти, некогаш знае подобро и од лекарите. Мајчинската интуиција е твојата суперсила.“ (стр.185). „Своја“ е графички одлично уредена книга, со фотографии во боја, посвети, благодарности, штедри впечатоци од читатели… а со својот тираж од 1100 примероци, претставува блескав пример од книжарската индустрија за „самопомош“ во времето на неолиберализмот (авторката е основачка на платформата за инвестирање Next Billionaires Capital), каде човековата индивидуалност (оттаму и „Своја“) и личниот успех во светот се апсолутен императив.
21. „Воскресение“ / Experience / Патот на духот – Мирче Нешовски (Македонија презент, Скопје)
Дело кое се одликува со крајно херметичка, криптичка нарација, во која омнисцентниот раскажувач неумоливо се обидува со зборови да ја долови состојбата на постојана духовна просветленост на главниот лик Матеј (Монах Рим Шен). Дејствијата на главниот лик и интеракциите со ретките други ликови се претежно во доменот на една апстактна теоцентричност, со повремени цитати од Библијата и со спорадични коментари „за македонската самосвест, за македонската кауза, македонскиот национален идентитет“ (стр.61). Поетската вокација на авторот може да се воочи во честата употреба на алитерации, а тие мигови, како и интригантните описи на единството на главниот лик со космосот се чести проблесоци во претежно непроникливите, крајно нематеријални дејствија на страниците на оваа книга.
22. „Изгорени души“ – Ѓорѓи Прчков (Графопром, Битола)
Приказна за егзистенцијалните премрежија низ кои поминува едно македонско семејство од ниските општествени слоеви. Нарацијата, која е често неразбирлива поради фрагментираната синтакса, се одликува со изразен патос, а ликовите се статични во своите најчесто страдалнички улоги. Читањето на книгата е отежнато поради честите правописни грешки, но и поради неприродната структура на реченицата, во која глаголот многу често е на крајот: „Деновите ден за ден си поминуваа. Симона почна на работа да оди. Баба Ката за Влатче се грижеше.“ (стр.212). Оваа книга (педесет и шесто дело на авторот), сепак, има најмалку две позитивни страни: од една страна, книгата неретко изненадува со по некој редок лексички бисер кој го поттикнува читателот на дополнително истражување, а од друга, делото е повод да се размисли околу придобивките од објавување книга во издавачка куќа (лектура, уреднички совети и забелешки, графичко уредување, дистрибуција, итн.) наспроти печатењето на книгата како самиздат.
23. „Мемоари на болниот ум. Зависност.“ – Бошко Ангеловски (ПНВ публикации, Скопје, 2019)
Книгата е претставена како „возбудлив еротски роман напишан во стилот на Чарлс Буковски. Главниот лик е депресивен човек во зрели години што својата депресија ја лечи со зависност од секс. Оваа книга претставува продолжение на романот ‘Мемоари за болниот ум. Разоткривање.’“ Делото е објавено во 2019 година.f