Кон „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски (издание на „Антолог“) – „Роман на годината“ 2020 и кон 4-те други романи финалисти
„Лето во кое те нема“ (Петар Андоновски, „Или-или“), „Суво мастило“ (Владимир Илиевски, „Македоника литера“), „Сфинга на гневот“, (Жарко Кујунџиски, „Антолог“) и „Куќа над брановите“ (Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“)
„Скриени желби, немирни патувања“ – Владимир Јанковски („Антолог“, Скопје)
И во своето трето прозно дело, авторот останува доследен на зацртаната поетика, во чиј фокус се најразличните начини на кои може да биде очудена човечката личност. Слично на Томаш, кој во „Неподносливата леснотија на постоењето“ кај секое следно сексуално искуство со различна партнерка секогаш одново го бара оној „илјадити дел“ што е повторно нов и различен, така и секој еден наратор (во прво или во трето лице) во СЖНП како нена-метливо да се труди да го изрази она што неговиот лик го прави (навидум) единствен во мноштвото поединечности. Многу често таа различност се состои во баналните, но и во сосем невообичаените навики на ликовите, во нивните несекојдневни желби, во обидите да се опишат себеси (во една, две, три реченици), или во начините на кои тие ликови се препознаваат себеси во другите или во светот. Стотици човечки судбини се инкапсулирани во лапидарни реченици и во куси поглавја, кои сепак орбитираат околу вртлогот на главната приказна за Бистра и за тројцата други ликови што на конкретен начин се поврзани со неа. Сите ликови – со неколку впечатливи исклучоци, кои како да се тука само за да ги доистакнат оние од мнозин-ството – се урбани, еманципирани личности, без „профани“ егзистенцијални предизвици и конфликти со своето опкружување, и чија добра ситуираност е земена како природна состојба, и ни случајно не се доведува во прашање. Тоа се ликови кои или „немаат“ конфликти, или чии конфликти се деликатни и/или добро замаскирани од „правот“ (стр.110) на нивната приказна. Ликовите се најчесто господари над своите тела, но и привремени тирани над оние туѓите: под покровителство на нивната финансиска моќ, која не само што безгласно алудира на политичката моќ на добро ситуираните, туку и може да се гледа како мала успешна (и тажна) „биопсија“ на современото општествено ткиво. Освен на ликовите, во делото повремено им се вдахну-ва дух и на градовите: и тие живеат, стареат, се гневат… како и луѓето – а тоа е повторно во совршена доследност со тематските интереси на авторот. Со оглед на тоа што конструкцијата на книгата е замислена како мозаик од разни гласови, на делото не би смеело да му се забележи на кревката носечка приказна. На делото, сепак, јас би му забележал за неуморната, „бариковска“ стилизација на ликовите (и на настаните): се добива впечаток како ликовите да се прекриени со дебел слој мазна и сјајна гума, која колку и да е убава „за око“, како да не дава нивните тела да се допрат, односно – во значителна мера ги дехуманизира. Сите тие живеат во својот совршен свет, најчесто опседнати со самите себе, со сопственото гледање на себеси и на другите, и незаинтересирани за страдањето на другите (кое често и сами го предизвикуваат). Романот, најпосле, не нуди лесно и брзо читање, бара постојана концентрација, посветеност, трпение и подготвеност од чита-телот одново и одново да го „изострува“ погледот, да го фокусира кон некое ново ќоше од светот, и кон некое ново ќоше од некој нов можен дух на неко-ја нова можна личност – ќоше вешто осветлено од неутралната, студена светлина на нараторот, во оние моменти кога тој дух не е свесен за самиот себе.
„Лето во кое те нема“ – Петар Андоновски („Или-или“, Скопје)
„Нема ништо поубаво од предизвикот да се биде некој друг“ (стр.50) вели во еден миг Владо, еден од главните ликови во „Лето во кое те нема“, и тоа е една од двете носечки максими на кои почива целата приказна во овој роман. Другата (или можеби сепак првата?) максима би била: „Нема ништо поубаво од предизвикот да бидеш она што си“. Последниот роман на Петар Андоновски е умешно структурирана приказна за сепството, прељубата и отсуството, но нуди многу поширок распон теми, вешто сместени во неколку координатни системи, од кои највпечатлив е оној каде оската присуство/отсуство се сече со оската лажно/вистинито. Читателот веднаш е соочен со темата на сепството и на идентитетот (разгледани од неколку аспекти, од кои највидливи се родовиот, социјалниот и духовниот), но и со темата на животната средина, односно со двојниот обѕир кон неа: од една страна драматично искрен (кога станува збор за самите животни и за нивните избори – претставени преку кученцето Флафи, кое може дури и да се смета за лик во книгата, иако се појавува во само една сцена), а од друга страна суптилно циничен – кога станува збор за самите луѓе, односно за начините на кои тие (мислат дека) дејствуваат во/врз природата околу себе (одлично доловени преку оној транспарент „превртен наопаку“ на стр.94). „Лето во кое те нема“ е приказна и за бегањето, но не само за бегањето сфатено како лутање на релација кон себеси/кон другите, туку пред сè спасоносното бегање од оној „мртов град“ (стр.63), кој како да го застапува малодушното тонење во инерцијата од штетни сфаќања, очај, срам и смрт. Ликовите во романот се изразено тридимензионални, иако авторот речиси и да не се занимава со нивниот физички опис. Исто, се чини дека секој од ликовите мора да се најде во некакво тројство за да може да се оствари себеси во сиот потенцијал: јас-нараторот+Владо+Иван / јас-нараторот+мајката+бабата / Индира+Нита+Мила / Иво+Мелита+Владо / Владо+главниот лик+мачката на дождот… Клучот за целосно доживување на романот е токму оваа „мачка на дождот“, односно расказот од Хемингвеј (1925). Овој расказ е огненото јадро на „Лето во кое те нема“ затоа што авторот ја зема огромната потен-цијална енергија на овој расказ и ја претвора во кинетичка; со други зборови, авторот го зема *пот*текстот на расказот, и го сместува во својот текст, во нов (нашиот, современ) контекст. Според некои теоретичари, мач-ката по која копнее жената во расказот всушност е проекција на копнежот на жената по – деца. Оттаму, кога оваа сцена ќе се „трансплантира“ во современо дело, објавено денес, во екот на третиот бран на феминизмот, а потоа ќе се интерпретира во констелацијата на битката за неприкосновено-то право на секој човек/пар да има сопствено/посвоено потомство, романот „Лето во кое те нема“ станува колку интимен толку гласен примор-дијален крик, усвитен копнеж по семејство. Малиот роман со корица со боја на кајсија станува црвен картон вперен во лицето на ограниченото хете-ронормативно сфаќањето на семејството.
„Суво мастило“ – Владимир Илиевски („Македоника литера“, Скопје)
Романот како своја оска ја поставува животната приказна на фиктивниот (?) лик Андон Цветков, Македонец од Битола, и преку неа ја раскажува не само приказната за изумителот Славољуб Едуард Пенкала, туку и голем дел од историјата на Балканот помеѓу XIX и XX век, со акцент на состојбите во Македонија (Отоманското царство) и Хрватска (Австроунгарија). Романот е историска метафикција, исклучително богата со историски податоци за конкретни личности и настани, и внимателно го доловува духот на времето за кое раскажува. Главниот лик е Андон Цветков од Битола, кој од татка си, имотен трговец, најпрво ќе биде испратен да студира во Солун, а потоа, откако ќе се појави некое „чудно бранување меѓу луѓето“, и ќе почне да се зборува за „некакви промени, очекувана слобода, потребна решителност, бесчувствителна Европа, еднаквост и правда, широка автономија, револуци-онерна организација, борба до конечна победа“ (стр.14), ќе биде испратен да студира музика (неговата најголема желба) на Конзерваториумот во Дрезден. Таму Андон ќе се запознае со изумителот Едуард Пенкала и со неговата идна сопруга Емилија Стофреген (во која на почетокот ќе биде и заљубен) и со нив ќе развие пријателство кое не само што ќе трае целиот нивен живот, туку и ќе се прелее во животите на идните генерации. Романот умешно ги третира деликатните прашање на националниот идентитет и на припадноста, но вешто се воздржува и од каков било суд (и експлицитен, но и имплицитен, со грижа на тонот во нарацијата) и од какви било родољуби-ви и културолошки „поуки“ поврзани со дејствијата и со исказите на ликови-те (и тоа е можеби најсилната страна на делото). Конкретно, некое време откако Германецот Едуард Пенкала ќе биде поканет да работи во Загреб, во Управата за индустриски и технички надзор при Кралското унгарско министерство за финансии во тогашна Австроунгарија, ќе се почувствува „како Хрват и како Славољуб“ (стр.130) и ќе донесе решение да го промени името. Од друга страна, Македонецот Андон, колку и постојано како да „бега од нешто“ (стр.187), сепак не смогнува сила да се пресели од својата земја кај своите пријатели во Загреб: во себе носи „товар“, за кој смета дека е „единствената врска со коренот, со земјата, со семејството. Ако се ослободиш од него, ќе се распаднеш, ќе се уништиш, ќе исчезнеш“ (стр.251). Но, иако со вакво убедување, ветрометот Балкан не го поштедува семеј-ството на Андон: и тој и брат му ќе решат да се преселат во Бугарија, каде ќе останат до крајот на животот… Исто толку убедливо и некритички, романот ги пренесува и традиционалните вредности во патријархалното семејство но, повеќе од сè, „Суво мастило“ е приказна за длабокото пријателство: во една прилика, Емилија на ќерка си Теа Пенкала (нараторка во последниот, трет дел од романот) за Андон и за татко ѝ Едуард (наратори на првиот и на вториот дел) ѝ вели: „Татко ти го создаде сувото мастило. Прав, обичен безвреден прав во боја. Навидум бескорисна хемиска смеса која не служи за ништо. Но кога ќе ја натопиш, кога во тој прав ќе додадеш неколку капки вода, тогаш ја гледаш вредноста на тој прав. Токму такви беа татко ти и Андон – како сувото мастило и водата.“ (стр.298). Но, штом земеме предвид дека насловот на романот е „Суво мастило“, метафората се издигнува на ново рамниште, и ја означува половината од една нова Другост, онаа помеѓу книгата и нејзиниот читател: книгата сама по себе е само „суво мастило“, безвреден прав, и неопходен е читателот, како вода, за да се предизвика хемиска реакција и – да се остави трага.
„Сфинга на гневот“ – Жарко Кујунџиски („Антолог“, Скопје)
Романот „Сфинга на гневот“ е најавен како дело „меѓу границите на мистеријата и книжевниот трилер“, но е многу повеќе од тоа. Од самиот почеток, романот (на кој може да се гледа како на еден голем омаж на книжевноста и на уметноста воопшто) ја „позајмува“ атмосферата од „Мајсторот и Маргарита“ (дело кое ќе биде спомнато и подоцна во една автореференцијална расправа за оригиналноста), но истовремено го позајмува како наративна подлошка мотивот на „Фауст“: продажбата на „душата во замена за нешто што му е најпотребно“ (стр.21). Главен лик во романот е Лазар Отадески, безмалку банкротиран издавач од Скопје, на залезот од неговата некогаш славна кариера, а главна тема е неговата фанатична потрага по (замислениот) нов ракопис од неговиот некогашен автор. Токму поседот на тој ракопис ќе му го понуди непознатата загадо-чна девојка, која на самиот почеток ќе „влета“ (стр.17) во дејствието (во неговиот стан), и ќе му се претстави како „Велзевув, Воланд, Мефистофел, Сатаната или Луцифер“ (стр.21). Иако некогашниот автор на Лазар Отадески со својот глас во дејствието се појавува само двапати (еднаш индиректно, еднаш директно), тој е сеприсутен во приказната, дотаму што фер е читателот да помисли дека тој и девојката Ана-Марија, се всушност главните ликови, а Лазар е обично бело глувче, заморче несреќно-среќно вплеткано во навидум дијаболичните, а всушност филантропските плано-ви на неговиот некогашен автор и Ана-Марија. За „Сфинга на гневот“ исто така може да се рече дека е „три романи во роман“, затоа што централна, двојна (ако се пренебрегне книгата AD IRAM) оска на книгата се двата романи на некогашниот автор на Лазар. Првиот „подроман“, „Отворање на кутијата“ е „историска фикција во која се мешаат антиката и првите години од новиот век, но всушност гази помеѓу нестварното и измисленото, помеѓу стварноста и јавето“ (стр.41), и е инспириран од митот за Пандора, односно е негово феминистичко промислување. Но, овој роман е исто така и силна прегратка помеѓу авторот на „Сфинга на гневот“ и неговиот роден град. Вториот подроман, „Жива сфинга“, се покажува како поголемо изне-надување, (за мене) поинтересно за толкување од првиот „подеоман“. И без овие две „поддела“, рамката „Сфинга на гневот“ е комплексно, лесно-тешко книжевно-детективско четиво, плод на особен труд и истражувања на авторот. Тоа е и омаж на Константин Миладинов (верувам дека некои македонисти ќе бидат заинтригирани од малото откритие на авторот со транскрипцијата на крила во криля на стр.156), но и добар омаж на Иван Мештровиќ и на други уметници. Понатаму, Скопје не е главен град на романот, туку го дели тој статус заедно со Сплит – градот со кој авторот на „Сфинга на гневот“ ќе го оправда името и презимето на Лазар Отадески. Овој роман, всушност, изобилува со ликови, а приказната е раскажана во трето лице: на почетокот се чини од омнисцентен наратор, сè додека нараторот во еден миг за миг не прозборува за себе, што од гледна точка на фокализација е интересно за испитување и толкување: „Јас се вклучив во приказната на почетокот од 1990-тите, поточно во 1992 година, тукушто излезен од клупа, а веќе тропав од врата на врата по азбучен ред на издавачките куќи. Мојата потрага не траеше долго, бидејќи ‘Веда’ ме посвои.“ (стр.42). Ако за нешто би му забележал на овој роман, тоа би било сталоженото „расплетување“ на сложениот заплет, каде на главниот лик долго и внимателно му се објаснува што (му) се случувало. Но, тоа е „искупено“ од завршницата, но и од многуте други теми што се начнати во книгата (коментарите за „Скопје 2014“, приказната за императорот Дио-клецијан и сфингите, итн.)
„Куќа над брановите“ – Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“, Скопје)
Изземајќи ги прологот и епилогот, романот е поделен на три дела: „Трансмисија“, „Шум“ и „Тишина“. Првиот дел, раскажан во прво лице, од двајца наратори (Бела и Лукијан), го поставува апокалиптичкиот сетинг на приказната: Планетата Земја била зафатена од „Големата бура“, глобално невреме што по сите климатски промени и по сета човечка негрижа најпосле ќе доведе до „големото чистење“ на планетата која „умира, но повторно ќе се роди“ (стр.121). Бела се наоѓа сама со своето милениче Макс, на некој непосочен мал остров на Земјата, забарикадирана во своја-та „куќа над брановите“ (еден вид „тврдина“, изградена од нејзиниот татко Петар), и со помош на малата радиостаница во нејзиниот дом, разменува пораки со Лукијан, кој заедно со еден мал тим космонаути се наоѓа на колонијата „Амарна“ на Калисто (втората по големина месечина на Јупитер), во обид да ги обезбеди условите за нов почеток на својот живот (заедно со Бела), но и нов почеток за човечкиот род. Иако главни носачи на дејствието во романот се Бела, Лукијан и „Помначот“ Арон, во нарација-та се вклучени повеќе ликови, а приказната се одмотува и нанапред и наназад, пред сè преку честите соништа и сеќавања на Бела, но исто така и благодарение на „дневникот на самотникот“, односно записите од нејзи-ниот дедо Михаел што Бела случајно ќе ги пронајде во куќата. Освен човечките ликови, во заплетот на книгата се вклучени и „помначите“, антропоморфни андрогени „водоземци“ со супериорна свест, жители на светот што ротира околу загадочното „црно сонце“, „центарот на сè“, околу кој „сè се врти“ и од каде „сè излегува“ и каде „сè завршува“ (стр.121). То-кму преку овие „помначи“ книгата составена од зборови се стреми да се надрасне и така целосно да се оствари себеси – не само што „помначите“ се целосно посветени на мисијата сè „да се запомни, за да може да се создаде од почеток“ (стр.116), туку и често инсистираат на тоа дека „зборовите немаат значење“ (стр.104), „зборовите се ограничени“ (стр.122), и дека за да се разберат побитните работи е потребно многу повеќе од зборови. Откако главните ликови полека ќе исчезнат во заплетот (Лукијан ќе се слее со својата мисија, а Бела ќе биде поведена кон црното сонце од Помначот Арон), во третиот дел, „Тишина“ им се отстапува место на „записите“ од „колективната меморија на Помначите“, односно се раска-жува „житието“ на Земјата, од „првото доаѓање“ на Помначите, сè до „големата тишина“. Како и кај голем број други дела, и тука една од главни-те мои забелешки би била таа дека идиолектите на различните ликови си наликуваат еден на друг. Тоа е, на пример, воочиливо на стр.40, каде употребата на трите точки, несигурноста во исказот (едниот лик вели „не знам“, а веднаш потоа другиот вели „штознам“) и „лабавиот“ младешки израз прават двата различни говори, на Бела и на нејзиниот дедо, да имаат идентичен тон. Во првиот дел од романот, пак, каде Бела и Лукијан си разменуваат и љубовни пораки, книгата исто така нуди и мала „компилација“ од хитови од англофони (кант)автори и музички групи, чии дела не само што помагаат за да се долови атмосферата во делото, туку и убаво ја дополнуваат средишната тема на делото (Елвис Присли, Дејвид Бауи)…
„Здивот ти е сладок,
очите – две парички на дно.
Грбот рамен, косата мазна
дур спиеш на перничето…“
(За мене најубавата песна од компилацијата на Бела и Лукијан.)
(Мој обид за препев на песната.)
Линк до освртите кон 23-те книги што испаднаа во првиот круг.
Линк до освртите кон 9-те книги што испаднаа во вториот круг.
Линк до освртите кон 4-те книги што испаднаа во полуфиналниот круг.
За авторот на овие осврти.
