„Боксерот од Ново Маало“ – Владимир Плавевски (Арс Ламина, Скопје)
Романот „Боксерот од Ново Маало“ ја доби наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра проза објавена во 2020 година. Мислам дека за книгата може да се зборува на две рамништа: за некогашниот свет во делото, и потоа за сегашниот книжевен свет надвор од делото, т.е. пред сè за пишувањето, а потоа и за книжевната критика и за вреднувањето на книгите. Во однос на првата точка, работата е сосема јасна: делото е многу глатко и внимателно раскажана приказна на маалскиот живот во Скопје во времето на социјализмот, каде авторот се сеќава – се добива силен впечаток дека книгата е (полу?)автобиографска – на своето детство. Главната приказна за маалскиот херој, боксерот Шуре е раскажана самоуверено и умешно се испреплетува со низа други „житија“ за маалски ликови (Ѕвиско, Пенка, „Боза Проза“, Шлае Куртар…), претставени пластично (па дури и фотографски/натуралистички). Иако во секое од поглавјата се среќаваат и женски ликови, може да се рече дека книгата е „машка“ – сите главни дејствија се во рацете на машките ликови: тие се тепаат (често поради/заради жени), се договараат, заминуваат, се враќаат, се одмаздуваат… Женските ликови се понекогаш соучесници во дејствието, а почесто се среќаваат како внимателно насликани статисти и/или како гротескни маало-граѓански Дулсинеи што ја истакнуваат донкихотовштината на (анти)хероите. Делото, освен што нуди реалистично (низ машка перспекти-ва) отсликување на маалото, ја претставува и „лектирата“ на главниот лик. Конкретно, се спомнуваат делата: „Винету“ – Карл Мај, „Грофот од Монте Кристо“ и „Тројцата мускетари“ – Александар Дима (таткото), „Хаклбери Фин“ и „Марк Твен“ – Марк Твен, „Козаци“ – Лав Толстој, „Капетановата ќерка“ – Александар Пушкин, „Татковци и деца“ – Иван Тургењев, „Глувци и луѓе“ – Џон Стајнбек, „Мртви души“ / „Тарас Буљба“ – Николај Гогољ, „За кого бијат камбаните“ – Ернест Хемингвеј, „На запад ништо ново“ – Ерих М. Ремарк, „Раскази“ – Антон Чехов, „Добра земја“ – Перл Бак, „Босанска трологија“ и други – Иво Андриќ. Освен тоа, направен е и убав омаж на македонски-от писател Божидар Тодоровски – Бодле, кој од своја страна зборува за Џакомо Леопарди и Мигел де Сервантес… Тука некој сигурно би го забележал и би го критикувал беспрекорното отсуство на жени авторки, но наместо тоа, јас повеќе би се прашал: смее ли човек едноставно да се сеќава на своето детство? Или мора таквото сеќавање со себе да носи извесна критика, па дури и суд? Исто, може ли по „Големата вода“ од Живко Чинго да се пишува за животот во социјализмот на одреден начин? Понатаму: до кој степен уредникот може да предлага измени и дополни на самиот текст? Имаме ли ние воопшто уредници што го прават тоа? Можеме ли да осмислиме безбедна „инфраструктура“ за нашите професори книжевници да бидат и критичари? Оставени ли се писателите сами со своите приказни?… Во последно време, често ми паѓа напамет една африканска изрека: „потребно е цело село за да се исрасне дете“. Наивен е и иритира овој идеализам, но мислам дека „потребна е цела книжевна заедница за да се направи една книга“.
„Витезот и Византијката“ – Кица Колбе (Или-или, Скопје)
Романот е приказна во која главни ликови се некогашните докторанди Даниел Клуге („Витезот“) од Германија, и Наталија Поленак („Византијката“), која е исто така Германка, но чие балканско потекло ја прогонува дотаму што станува централна нишка околу која се плетат темите во романот: стереотипите, (не)припадноста, (себе)прифа-ќањето и, најпосле, траумата што произлегува од овие прашања. Делото, за кое би рекол дека припаѓа на жанр што може да се нарече „нов битов роман“, го третира познатото имаголошко прашање на Балканот, виден од/загледан во Западна Европа, а двата главни ликови се своевидни претставници на „конфликтните“ страни: „Тој [Даниел] беше лицето на Западна Европа, за која таа беше уверена дека не ја прифаќа.“ (стр.172) / „…европската припадност, по кој таа сето време копнееше.“ (173). Делото плени со големиот број впечатливи и убаво одбрани историски податоци и референци на европската култура и филозофија, но исто така и збунува со преголемиот број извичници во дијалозите и со на моменти неубедливата приказна: главниот машки лик ја спасува од сигурна смрт нему блиската протагонистка, но потоа цели десет години живее во незнаење дали воопшто „византијката“ преживеала (иако инцидентот се случува пред неколку сведоци, нивни блиски пријатели). Читателот исто така има впечаток дека и самиот инцидент не е (доволно) мотивиран. Секако, повнимателен читател би обидел овие навидум неубедливи дејствија да ги разбере со тоа што ќе ги „декодира“ откако ќе ги издигне на едно повисоко рамниште на интерпретација, каде ликовите би биле видени како симболи (на различни општества, заедници, случувања…). Можноста за едно такво толкување дополнително е поткрепена од среќниот (и можеби пренагласе-но сентиментален) крај на романот, каде сите нешта си доаѓаат на свое место, а двата главни главни ликови, по долгата пауза од десетина години повторно се среќаваат, брзо го расчистуваат меѓусебното недоразбирање, и најпосле одлучуваат да живеат заедно (во домот на нивниот сакан професор и ментор Фон Блументал, на негова великодушна покана).
„Генералот и пеперутката“ – Луан Старова (МАНУ, Скопје)
Овој роман, пишуван од 2014 до 2018 год., од рецензентот проф. Ферид Мухиќ е опишан како „енциклопедија на хуманоста“ и претставува обемно четиво од 734 страници на кои авторот ни ја раскажува приказната за германскиот природонаучник и генерал во резерва Фриц Дагмар, кој на почетокот од првата светска војна ќе биде испратен во Македонија со цел да го проучува теренот и да ги избави германските војници од опасноста што ја носат маларичните комарци. (Понатаму во романот се забележува дека Романија е единствената земја во Европа во која ги има сите четири вида маларичен комарец што можат да се сретнат на „стариот континент“. Но, „постои веројатност тие да се најдат и во Македонија“ [стр.324]). Генералот природонаучник, инаку пасиониран проучувач на пеперуги, во оваа задача препознава единствена можност да се обиде да ја најде сината пеперуга, кралицата на сите пеперуги, која според некои сознанија живее единствено на планината Галичица. Затоа, кога генералот ќе пристигне во Македонија, ќе ги посети сите три езера, но ќе се задржи на охридското („најубавото езеро на светот“, во потрага по чудесната пеперуга. Тука, откако ќе истражи голем дел од растителниот и животинскиот свет (нарацијата, впрочем, е преполна со латински имиња на живи организми, но и богата со ретки податоци поврзани со живиот свет кај нас), при еден лов на пеперуги, генералот Дагмар ќе навлезе во француската окупациска зона и ќе биде заробен. Но, тоа ќе биде „среќно заробеништво“ (стр.347) затоа што генералот Фриц Дагмар во францускиот мајор (и исто така природонаучник) Жан Бувар ќе најде вистински пријател, кому исто така пасија му се пеперугите… Со оглед на тоа што во приказната не се среќава ни една битка, ни една човечка жртва, ниту каква била „негалантност“ достојна за војна, а германскиот генерал од Оската како да оди на посета кај својот француски колега од Антантата, читателот во еден момент може да му забележи на авторот за идеализирање на војната. Но, таа забелешка би била во извесна мера неоснована ако се има предвид (како што и самиот автор укажува) дека во текот на Големата војна навистина имало епизоди на „кратко братимење“ помеѓу двете непријателски војски, особено во деновите на големите празници (тема, помеѓу другото, и на францускиот филм „Среќен Божиќ“ од 2005 год.) Најголемиот дел од романот го претставува пријателството и интелектуалните дискусии на германскиот генерал и на францускиот мајор, кое многу потсетува на пријателството на Таткото и Климент Камилски во другите книги на авторот: и обајцата природонаучници разговараат за најразлични теми поврзани со живите организми (многу често во функција на метафори), но исто така и со историјата на регионот (манастирот Св. Наум), со културата воопшто (феноменот на јаничарството…), и пред сè со албанската историја (Скендербег, но пред сè привремена француско-албанска република Корча, која постоела од 1916 до 1920 год.) и култура (филозофијата на „бесата“, итн). На крајот од книгата, откако генералот и мајорот ќе се согласат да напи-шат книги за македонскиот (генералот) и за албанскиот (мајорот) народ, генералот Дагмар ќе биде ослободен, а наместо истражување за маларичните комарци, ќе направи студија за „балканските планктони“ (стр.683) од Охридското езеро, кои „постојат за да го одржуваат животот“ (стр.681). (Студијата, впрочем, ќе биде претставена на семинар, но нема да предизвика особено внимание.). На крајот од книгата, вешто се открива дека ликот Фриц Дагмар е фикционализација на научникот Франц Теодор Дофлајн (1873-1924), додека мајорот Жан Бувар го „застапува“ зоологот Жак Буркар. Претставени се и нивните книги (двете книги од Дофлајн се објавени и на македонски јазик, во 2010 и 2013 год.) Читателот би можел да му забележи на делото за релативното маргинализирање на женските ликови (во повеќе наврати пренесени се писмата на генералот Дагмар до сопругата Фелиција, додека самата таа се јавува со само едно единствено писмо, „кратко, но полно со значење“ [стр.663]) и за идеализирање на војната (каква е таа војна без макар една жртва, без макар еден повреден војник, макар случајно, бркајќи пеперуги?, но и тоа би биле невнимателни забелешки, пред сè затоа што не би ја зеле предвид состојбата со книжевната критика кај нас (и не само кај нас, за волја на вистината). Освен тоа, иако овој роман, во целосен дослух со најактуелните текови на современата книжевност, е во најголем дел посветен на важноста на живиот свет во природата, грижата за живиот свет е декларативна, додека самиот тој свет е во суштина само предмет на промислување и на откривање од страна на господарот хомо сапиенс: „Генералот Дагмар супериорно го набљудуваше вистинскиот елдорадо на езерската флора и фауна. Тој беше задоволен господар на мочуриштето.“ (стр.133)
„Курвински хроники“ – Александар Русјаков (Арс ламина, Скопје)
Иако поднасловот на делото, „Роман сошиен од шест парчиња време“, претендира книгата да ја претстави како роман, јас повеќе би рекол дека читателот во рацете држи збирка од шест долги раскази или новели, поврзани единствено од темите на проституцијата, блудот и прељубата. Првата приказна, „Камен“, е новелизација на новозаветната приказна за жената грешница од евангелието според Лука (7, 36-50). Умешно и убедливо раскажана од наратор во трето лице, според мене ова е една од најубавите приказни во книгата. Вториот дел, „Оган“, е сместен во доцниот среден век, низ неколку земји во западна Европа, каде инквизицијата е во полн замав, а жените се прогонувани, измачувани и јавно спалувани под разни обвиненија, помеѓу кои и поради блуд. Во овој дел, иако главниот лик и наратор (маж од тогашна Македонија) бескомпромисно го осудува патријархатот и срамното угнетувањето на жените на Западот, и самиот во суштина станува оска на приказна во која повторно тој, мажот, е оној „активниот субјект“ кој патува наоколу, ги погубува угнетувачите и ги спасува беспомошните жени, „дванаесет несреќнички спасени од огнот на машката безумност“ (стр.63). Протагонистот, најпосле, ќе успее и да ги омажи повеќето од спасените жени (некои од нив ќе се смират во манастир, некои ќе се самоубијат). Приказната завршува на заводлив начин, како мала химна на прошката, љубовта и разбирањето (како и првата приказна во книгата). Следните три приказни, „Болест“, „Тело“ и „Семе“ се сместени во ХХ век и нудат жестока општествена критика, со бројни референци од современието, но за мене е најинтересна онаа последната, шеста приказна, „Душа“, во која еден од главните ликови е робот. Иако во овогодинешната продукција има и други романи што се зафаќаат со темата на роботите и роботизацијата, овој дел од „Курвински хроники“ е единствениот што директно нè воведува во еден нов, пост-хуманистички сетинг, каде светот веќе не се врти само околу човекот и неговите навики и потреби. Тоа е можеби и најсилната страна на овој роман: ме потсетува на едно мое (и сигурно не само мое) убедување според кое – во еден свет во кој постојат „Сири“, „Алекса“ и ним слични „идентитети“, односно во еден свет во кој накои претпочитаат да бидат во врска со апликации, или со дигитални „личности“ со вештачка интелигенција, отколку со човечки суштества – книжевните дела што ќе ги игнорираат овие нови идентитети во еден миг ќе почнат да бидат сметани за анахрони текстови што „антропопровинциски“ орбитираат околу старата оска на строгиот антопоцентричен наратив, без да ги земат предвид другите форми на свест (?) од кои полека почнува да ни зависи секојдневнието.
„Лазарка“ – Љупчо Петрески (Арс либрис, Скопје)
„Интеркултуралноста, феминистичката и квир теоријата се дел од неговиот предмет на интерес“ – стои, помеѓу другото, во кратката белешка за авторот на крајот од овој краток роман, и тоа во голема мера ја одразува и природата, па и стилот на делото, раскажано фрагментарно, во десетина поглавја, најчесто низ текот на свеста на нараторот и на протагонистката. Главен лик е професорка по книжевност, па оттаму делото не само што изобилува и со книжевни (и воопшто културни) референци, туку и ги промислува самите книжевни и ликовни дела, односно начинот на кој тие комуницираат со ликовите и со сегашниот миг: во еден миг, протагонистката разговара со својата асистентка Силвија: „…сигурно ќе ја избришеш Г-ѓа Даловеј [од програмата] и на нејзиното место стави ја Кон светилникот. Доста беше. / Навистина?! Малку ме збунивте со ова. / Г-ѓа Даловеј е passè за студентите денес, Силвија. Денес истата таа Клариса, не би преживеала ниту Ден во современиот Лондон.“ (стр.17) Следејќи ја протагонистката, нарацијата алтернира помеѓу трето лице и прво лице – приказната од почеток до крај се навраќа на врската помеѓу главниот лик и нејзиниот поранешен партнер, култивираниот Аксиј, но истовремено „еволуира“ во нова приказна за врската со „Скинот“, дијаметрално спротивен лик, насилен, „површен и празен“ (стр.37) кого таа случајно ќе го сретне во градски автобус и ќе одлучи да го следи: Најчесто мажите ме бирале мене, сиот мој живот. Ти си првиот што вистински сум го одбрала само јас […]. (стр.32). Самата приказна за професорката (која се претставува како Ева, има асистентка по име Силвија и мачка по име Дора) пак, е пронижана од три поглавја во кои авторот, кој длабоко ги истражил биографиите на Силвија Плат, Дора Карингтон и Ева Браун, им отстапува простор на нивните гласови, за тие уште еднаш преку писмо до својот најблизок да раскажат дел од својата приказна (С. Плат праќа писмо до пријателката Џилијан Бекер, Дона К. до партнерот Литон Стречи, а Е. Браун до својата платонска љубов Фергелајн, инаку сопруг на нејзината сестра). Ова дело, кое е длабоко инспирирано од богатата феминистичка лектира на авторот, нуди повеќеслојна приказна за иницијацијата и за телото „подготвено за преродување“. Иако се има впечаток дека самиот лик „Лазарка“ непотребно се „вмешува“ на крајот, мислам дека делото ќе биде читано и анализирано од истражувачите на родовите студии.
„Највисокото дно“ – Марија Митева (Полица, Скопје)
Едно од најинтересните четива од романескната продукција за оваа година за мене беше „Највисокото дно“ – дело внимателно најавено како збирка раскази, кое сепак би можело да се квалификува и како роман (особено поради лајт мотивот на дамката темен сос, но и поради ликовите што се повторуваат во повеќето од расказите). Откако ги прочитав првите четири поглавја, потајно почнав да се надевам дека го имам својот фаворит: свежо, самоуверено раскажување, на места кокетно, но со убедливи описи и со впечатливи споредби, со неочекувано и умешно отворање актуелни прашања, и воопшто, ретко добро читателско искуство. Почетното внимание на нараторот кон прецизноста во природата (просторни координати, шеснаесетеречни кодови за
семрежните бои…) и кај детскиот исказ (стр.19) набрзо му отстапува простор на човечкиот хаос и на проблематичните избори и одлуки на луѓето, а читателот набрзо почнува да си поставува прашања за постапките на ликовите. Подражава-њето на детската перцепција е вешто (откако дедото ќе убие вилинско коњче, внукот се прашува: „Како би му било на дедо ако сега постоеја некои џинови многу поголеми од нас и нè трескаа со весниците по глава само затоа што сме досадни?“ – стр.17), умешно се третира прашањето на емпатијата и, воопшто, на човечката природа. Читањето продолжува со леснотија, благост и со сè поголемо уживање, па затоа и моите забелешки, додека го читав делото, почнаа да стануваат сè поафирмативни и сè поапстрактни: стр.29 – „кул“, стр.48 – „браво поттекст“, па „сјајни описи“, па „читателот го обзема радост од сладоста на напишаното“, па „со какви молитви се храни авторката“ и, најпосле: „од што е сплетена стапицата во која се наоѓа читателот?“. По оваа последна забелешка, сепак, читателот подзастанува и се навраќа на прочитаното, па препрочитува, прави резиме и ја анализира мрежата на писмото: сјајни споредби, блескави описи, суптилна циркуларност на дејствија за кои читателот не е сигурен дали се случиле, или само си ги замислил, грижливо дозирана ангажираност на список теми, кокетирање (кодовите за боите, прашањата и обраќањата до читателот…), и, најпосле: а) една по малку ризична акробација со фокализацијата („Јас и Вера сме едно многу долго време и ѝ ги знам нејзините најдлабоки тајни“ – стр.35), и б) „клизнувања“ со наводниците, каде пасусите завршуваат со горни наводници, но почнуваат без долни (стр.47). Токму кај овој „дриблинг“ со интерпукцијата читателот може да си помисли: „Еј, ова не е фер-плеј…“, и уште повнимателно (трезвено, „
со суви очи“, свесен за чарот) да почне да го следи раскажувањето. Но, тука веќе сме речиси на крајот од ова дело, кое освен со филигрански изработени реченици, се одликува и со книжевни референци и повикувања на грчката митологија. Делото не претендира да биде роман, и тоа е важно. Затоа, оваа книга е несекојдневно четиво, едно од поинтересните во овогодинешната продукција, и јас ќе го очеку-вам следното дело на авторката – многу ме интересира во која насока ќе продолжи да се развива нејзиниот стил и нејзините тематски интереси.
Приказна за трите града – Митко Маџунков (Три, Скопје)
Последниот роман на Митко Маџунков, „Приказна за трите града“, е всушност неговиот прв роман – пишуван е од 1960 до 1962 година, кога авторот – за мене исклучителен податок – бил на возраст од само 17-19 години). Овој роман, кој рецензентот проф. Венко Андоновски во предговорот го опишува како „праматерија“ (стр.6) од која се настанати сите подоцнежни дела на авторот, е впечатливо, и на збунувачки начин свежо четиво, за кое прашање е дали значително отстапува стилски од неговите претходни дела (во најмала рака судејќи според тонот во дејствието). Авторот, сепак, не се согласува со таквото поврзување на овој роман со следните негови дела: „духот е тука, но не и тварта“ (стр.190) вели тој во своето писмо до рецензентот проф. Андоновски. „Приказната за трите града“ е раскажана во прво лице, од недоверлив ракажувач (кого проф. Андоновски го посочува како една од главните одлики на модерноста на овој роман), а нарацијата е фрагментирана, со магловито дефиниран сетинг (иако може да се претпостави дека често станува збор за Струмица и за Белград). Дејствието, кое неретко се одлукува и со фантастични елементи, најчесто се одвива во една онирична атмосфера, непредвидливо се згуснува и се разредува, и тече со неочекувани пресврти и ненадејни скршнувања од едно во друго опкружување. Настаните, пак, лабаво орбитираат околу загадочните три града како околу нестабилна, невидлива оска („Што беше уште почудно, некои почнаа да зборуваат дека градовите не само што не постојат, туку дека никогаш не ни постоеле. Ако чул некој за нив, нека каже кои се? Струмица-Дојран-Кукуш? Серез-Драма-Кавала? […] Струмица-Белград-Скопје? […]“ – стр.142) Нарацијата е глатко испреплетена со гномски изрази и афоризми („Човекот не е подготвен, ама може да се привикнува. / Нашата судбина е нечиста, ама ние мораме да останеме.“ […] „Отфрли ја старата љубов; можеш уште да пееш за неа, и утре: денес работи.“ – стр.54), со моќни описи и надреални слики („Сонував Огнена река која се влева во мене, ми го заменува крвотокот и се излева на улиците и по полето.“ – стр.56) и со цели пасажи напишани на струмички дијалект. Ликовите се појавуваат и излегуваат од дејствието ненајавено и незабележително, со исклучок на Пределена, партнерката на протагонистот/наратор, која, според проф. Андоновски, е „лик-портпарол“ на сфаќањата (мудрости, филозофски погледи, поетички начела) на авторот („Одвикни се да претеруваш, одвикни се од општи места, одвикни се од квалификации, одвикни се од епитети, одвикни се од своите лоши навики.“ – стр.80).
Романот „Приказна за трите града“, своевремено, на почетокот од шеесетите, бил понуден на издавач во Скопје, но авторот, кој во тоа време немал никаква комуникација со „скопската книжевна чаршија“ (М.М., стр.166), воопшто не добил никаков одговор, а потоа ракописот и сосем се заметкал. (Свесен дека ова многу мириса на мистификација, авторот посочува дека за романот веќе зборувал во минатото: во едно интервју со Е. Клетников и во едно писмо до Г. Старделов). Затоа, за мене најинтересното прашање поврзано со оваа невообичаена книга (напишана пред точно 60 години, а сепак современа/(пост)модерна), е прашањето што проф. Андоновски го поставува во својот обемен предговор: „како ќе изгледаше мапата на македонската книжевност денес ако овој роман се појавеше пред Вкусот на праските на Урошевиќ, роман кој и денес е мера (заедно со расказите на Урошевиќ) за парадигмата „фантастично“ и „надреално“? И не само парадигмата фантастика, туку како воопшто ќе изгледаше и нашиот модернизам, со оглед на фактот дека книжевните влијанија на „првите појави“ во некоја жанровска или стилско-формациска смисла, се конститутивни по однос на следните дела од истата парадигма?“ (стр.12-13)
„Случајот Чернобог“ – Катерина Шошко (Антолог, Скопје)
Романот е психолошки трилер умешно раскажан од првата до последната страница, а приказната вешто и непретенциозно се одмотува и нанапред и наназад, сè до конечниот расплет кој, во духот на добрите примероци од овој жанр, е непредвидлив до самиот крај. Во средиштето на заплетот е младата режисерка Мона, која заедно со своите пријатели Павел, Исак и Тоби успева да дојде до старечкиот дом во кој се наоѓа стариот доктор Јан Леви, и успева да добие дозвола за да го интервјуира пред камера, за да сними документарец за Елеонора (Нора) Чернобог, загадочната девојка со натприродни моќи (телекинеза, проѕодливост…). Животот на Нора е минуциозно раскажан преку сеќавањата на доктор Леви (претставени во трето лице, што остава впечаток на филмска монтажа), преку неговиот дневник, но и преку сеќавањата на други ликови, а особено ликот на Кристина, некогашната управителка на домот во кој била сместена и младата Нора во деновите кога била испитувана од доктор Леви и неговата тогашна партнерка (љубовна и професионална), докторката Татјана. Приказната исто така дополнително се открива и преку сеќавањата за проѕорливоста на ликот Нора (која „не беше од овој свет“ – стр.18), но и преку самата „безграничност“ на овој лик: во мигот кога приказната за неа ќе ризикува да остане недораскажана (неснимена), Нора „се излева“ од приказната на другите за неа, па и самата деликатно влијае на дејствието во романот. На тој начин, овој роман, сместен во недефинирано време и на недефинирани места, станува приказна за приказната што се бори да биде раскажана, но и приказна за едни (релативно статични, но сепак) ликови со длабоко мотивирани дејствија, и длабоко втемелени во своите животни околности. Освен тоа, делото се одликува и со една скапоцена, ретко ненаметлива општествена ангажираност (во однос на третманот на штитениците во здравствените институции), но и со свест за родови прашања и прашања за животната средина.
„Тито – мојот претпоследен херој“ – Зоран Спасов – Ѕоф (Попули, Скопје)
Романот „Тито…“ почнува како приказна на малечката Камелија, која треба да напише „писмена работа“ на тема „Тајната на моето семејство“. Девојчето решава да пишува за својот дедо, но не успева да ја открие неговата „тајна“, скриена во сандак на таванот, и затоа прави обид да се договори: „…Драга наставничке, доколку ми ставите петка, ветувам дека ќе зборувам со дедо ми и ќе ја довршам писменава“ (стр.13). Оттаму, она од што е содржан најголем дел од книгата, пред Камелија да ја добие заслужената петка во последното поглавје, се ретките случки во нејзиното семејство (бабата оди во суперкаркет, дедото и таткото разговараат…), кои се во насока на евоцирање на спомените од времето на социјализмот; од раскажувањата на дедото на Камелија за ликот и делото на Јосип Броз, но и од епизоди каде наратор е самиот Маршал. Текстот се темели на истражувањата на авторот (наведена е користена литература од два-триесет книги и документарни филмови), а дејствието е раскажано главно на урбан скопско-чаршиски дискурс (тонот е левтерен и фер е да се претпостави дека авторот се забавувал пишувајќи). Делото е впечатливо и поради цитатноста, поради историските податоци и поради честите референци од популарната култура, но мене ми е интересно поради лексичката разновидност (пред сè жаргонските изрази). Освен тоа, книгата опишува и клучни настани од времето на југословенскиот социјализам, но ја има и добро познатата соц-носталгична критика на капитализмот и на империјализмот. Во еден миг, помеѓу другото, ликот на Тито се сеќава и на сите свои жени. За една од нив, која ја „жртвувал“ оставајќи ја да биде обвинета и стрелана, вели: „Ги имам заборавено чувствата, не се сеќавам на ликот. Знам само дека не бев фер кон неа.“ (стр.169)