Песни за заблудата и за пркосот – на пат кон нова слобода
Кон стихозбирката „Раскинување на договорот“ од Сотирис Минас („Матица, Скопје, 2026 г.)
„Раскинување на договорот“, дебитантската двојазична (на грчки и на македонски јазик) поетска збирка на Сотирис Минас е впечатлива на неколку начини, и секој од нив на ова книжевно дело му дава изразена динамичност, јаснотија и, во крајна линија, важност. Песните во збирката можат да се расплетат во три нишки, од кои една, онаа најкрупната, е со „двојна плетка“. Иако овие три нишки во збирката јасно се издвојуваат, збирката не е поделена во циклуси, што го прави сопатништвото со лирскиот глас непредвидливо, а љубопитниот читател е поведен на возбудливо, автентично доживување исполнето со падовите, надежите и триумфите на еден човек на патот кон личното ослободување.
Првата, најтенка нишка, составена од пет песни (од вкупно дваесет и три песни во збирката), ја претставува љубовната лирика, во која преовладува силната расчувствуваност на машкиот глас, кој на мигови е очаен, а на мигови екстатично предан на женското присуство кон кое е насочена исповетта. Но, оваа љубов искажана кон една личност е само вовед во големата, новоосвоена љубов на поетот: љубов кон животот и кон светот – што значи љубов кон себеси.
Втората, централна нишка во оваа збирка песни е посветена на односот на лирскиот глас кон самиот себе и кон светот: станува збор за еден изразено конфликтуален однос, најпрво во внатрешниот хоризонт на гласот, каде за превласт се борат „еден светол град“ (29) и неговата сенка, темниот град, а потоа и воопшто, „во лавиринтот на постоењето“ (55), во еден фрагментиран свет „без воздух за дишење“ (31), во кој почесто владеат апатија (69) и индивидуализам (збор кој неколкупати се повторува во збирката). Оваа втора, носечка нишка песни во збирката е пред сè посветена на личниот „бунт“ на лирскиот глас (стр. 25) и на патот што го води до големото „ослободување“ (стр. 11), каде што „триумфалното се развејување знамето“ (79) на Постоењето со големо „П“. На овој свој пат, лирскиот глас минува широк простор од најразлични чувства и душевни состојби. Траекторијата е соодветно хаотична: се почнува од безизлезот на „очајот и тагата“ (7), но тука се и „топлата покривка на прифаќањето“ (61), а најпосле и „небесни чувства, нечуени, неискажливи“ (25), каде читателот осознава дека авторот на овие стихови се јавува како сведок на она што, неизбежно есенцијалистички гледано, би го нарекле „Едноста“. Тој есенцијализам е посебно впечатлив во оние стихови во кои поетот, со разоружувачка и воедно ослободувачка отвореност пишува за „единствената вистина“, која е видена како „градината“ во себе, „каде што течат реки од бистра вода, кои копнеат по љубов и правда, способни да издржат секакви тешкотии“.
Оваа прва поднишка од втората нишка песни е тесно испреплетена со втората поднишка. Ако првата поднишка ја наречеме „поглед навнатре“, втората би била „поглед наоколу“: ако како прва подгрупа е бунтот за личното ослободување на лирскиот глас и неговото „раскинување на договорот“ со измамнички поставениот свет, тогаш втората подгрупа, „погледот наоколу“ е набљудувањето на лирскиот глас на светот и (најчесто) неговото несогласување со поставеноста на работите. Ако во првата „подгрупа“ песни гласот што пее е самосвесен, внесен и тензичен, тогаш во втората подгрупа, гласот е насочен нанадвор, а поетот е самоуверен набљудувач на своето опкружување.
Третата нишка од збирката песни се состои од една единствена песна, која е храбро и директно политички ангажирана, беспоштедно посветена на деликатното, горливо прашање на прогонот на македонските семејства од Егејска („Јужна“?) Македонија, и пред сè прогонот на нивниот мајчин јазик од нивниот живот: асимилацијата и потиснувањето на македонското население преку забраната (одземањето) на јазикот. Тука авторот моќно и ефективно создава песна-огледало „по инспирација од прочуената песна од Одисеас Елитис ‘Ми го дадоа јазикот – грчкиот’“, која ја насловува „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“ (37), а тоа го прави со длабоко познавање на историските околности и со силна емпатија, земајќи го гласот на цел еден народ: „со првите химни на нашата земја, / и напалм бомбите / што горат на Вичо / селата ни исчезнуваат.“.
Ако преминот од првата кон втората нишка беше премин од љубовта на една личност кон друга личност кон љубовта на една личност кон себеси и кон светот (и во светот), тогаш преминот од втората кон третата нишка во збирката е премин од бунтувањето на еден човек за самиот себе („чудно ми е што конечно / се бунтувам и за моето право“, стр. 27) кон бунтот на еден потиснат народ за самиот себе („А ние, благословувајќи ги нашите сенки, / сè уште шепотиме на нашиот јазик“) (39). Така, бунтот и борбата на еден човек да Постои прераснува во борба за постоењето на цел еден народ. А најфасцинантното тука е тоа што бунтот на тој народ е артикулиран преку гласот на човек кој припаѓа токму на народот чиј естаблишмент ја вршел опресијата на потиснатиот (и преку гласот на поетот) побунет народ. Ова е впечатливо затоа што, имајќи го предвид тоа дека интересот за нацијата е типичен за романтизмот, Минас може да се нарече „обратен романтичар“: писател кој не пишува ни за својата нација (како на пример Италијанците Џакомо Леопарди и Уго Фосколо), ни за друг народ (како Англичанецот Лорд Бајрон за Грција), туку го зема гласот и застанува на онаа страна што „неговиот“ естаблишмент ја прикажува како непријателска.
Храброто, директно уважување на повеќегенерациската наталожена болка на македонското население од Егејска Македонија, од една страна, и самиот наслов на збирката, од друга (кој силно алудира на Преспанскиот договор: нова болка на голем дел од денешното македонско – и грчко, патем – население), ја прави дебитантската поетска книга на Сотирис Минас совршена „вирална вест“, податлива за дневнополитички националистички изблици страст, а со самото тоа податлива и за предрасуди од страна на книжевниците, кои ризикуваат лесно да ја пренебрегнат суштинската вредност на ова ретко дело: интензивната, отворена, исповедана (но не е патетична) лична борба на еден човек за сопствената слобода и постоење, и станиците, починките (веројатно најсвежите пеења во книгата) на патот до „триумфот“ во таа борба. Да, тука е и другиот слој, восхитувачката заложба на поетот за признавањето на „Другиот“, „Ближниот“, но и тоа би требало да биде во позадина, во сенка на космополитското, џонленоновско сонување за свет „без нации, граници и газди“ (17), свет во кој владеат „вистински луѓе“ (13) и „во кој зборот ‘моќ’ / ќе биде заборавен збор / од далечното минато.“ (17).
„Раскинување на договорот“ е раскошна книга затоа што во морето поетски збирки полни со банални и/или со самодоволни криптичко-херметични метафори, нуди храбра и длабоко емпатична исповедна лирика. Така, оваа книга на контрасти: песни за заблудата и за пркосот на еден човекот (и на еден народ, патем), во крајна линија е поттик за себепреиспитување, поттик за личен подвиг: читателот поставен на пат кон „нова слобода – внатрешна, вистинска, непоколеблива и неуништлива“ (59).
[1] Paul Verhaeghen, Shelley N. Aikman, Susann Doyle-Portillo, Christopher R. Bell & Nicole Simmons (2018): When I saw me standing there: first-person and third-person memories and future projections, and how they relate to the self, Journal of Cognitive Psychology, DOI: 10.1080/20445911.2018.1454451
На едно друго, вонкнижевно рамниште, зборувајќи за вредностите од системот „по природниот тек на нештата“, збирката на Минас е пред сè Автентична, се стреми кон левата страна на „сесодржечката хоризонтала“: таа е во најмала рака сјаен пример за Храброст, но и за Ранливост. Од дваесет и трите песни во книгата, осумнаесет се напишани во прво лице еднина, три во прво лице множина, а во една се алтернираат првото и третото лице. Најпосле, само една песна („Маж“, 19) е напишана во трето лице еднина. Тука лирскиот глас раскажува трогателна приказна која може, но и не мора да се однесува на поетот. Во секој случај, тоа е, на крај, неважно: оваа амбивалентност е значајна затоа што отвора можност да се зборува и за современите истражувања од областа на психологијата, според кои „лицата имаат поголема веројатност да се сеќаваат во трето лице кога спомените се исполнети со негативни емоции“[1].
Би можеле да зборуваме и за други вредности од „по природниот тек на нештата“ (веќе беше спомнато „Прифаќање“, 61), но би се задржале само на Премислувањето – централен, клучен, преломен и спасоносен елемент, цврсто вткаен и во самиот наслов на дебитантската поетска книга на Сотирис Минас, „Раскинување на договорот“.
