Заедница

Отворено писмо до Седат Сулејмани, министер за култура и туризам

Почитуван Министре,

Во очи на овогодишното издание на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, Ви се обраќам како уредник во „Булевар Ослободување“ (ТП) и како потпретседател на Друштвото на писателите на Македонија, со намера да го свртам Вашето внимание кон некои размислувања и кон една молба кои – имајќи ги предвид Вашата актуелна позиција и Вашата биографија – верувам дека ќе ги цените.

 

1.    Национален интерес

На минатогодишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата (од областа на литературата и издавачката дејност) за 2026 г., ТП „Булевар Ослободување“, чиј управител сум, се пријави со три проекти, преводи. Резултатите од конкурсот беа објавени во јануари, и се јавно достапни: најмногу средства, т.е. повеќе од милион и пол денари (1.520.000 ден.) ѝ се доделени на издавачката куќа „Арс Студио“, за девет проекти, преводи на дела од разни автори: Е. Џордан, П. Џејмс, К. Р. Хауард, Р. Тримејн, Џ. Гришам, М. Ѕилахи, П. Барбато, О. Каналс, Х. Ф. Рајан.

Од фирмите што се „ТП“ (трговец поединец), има и такви на кои им се одобрени и повеќе од четири проекти, односно над 600.000 ден.

На ТП „Булевар Ослободување“ му беа одбиени сите три понудени проекти. На 5 февруари беа поднесени три жалби, со надеж дека ќе биде уважена барем една, но, одговорот изостана.

 

2.    Заслуги

„Заслуги“, првиот клучен збор од овој текст, е табу поим од кој на многумина им се наежува кожата. Но, мислам дека е многу важно да зборуваме и на таа тема. Затоа што во едно релативно организирано општество, се очекува властите да ги земаат предвид и заслугите што учесниците на конкурсите ги имаат во културниот живот.

По низа перипетии, во 2024 г. ја имав среќата и честа да станам раководител на Друштвото на писателите на Македонија. Тоа е здружение на граѓани основано во 1947 г. од Блаже Конески и осуммина други втемелувачи на нашата државност и култура. Раководителот на Друштвото на писателите се наоѓа на релативно одговорна, мошне потценета и – целосно неплатена позиција. Од друга страна, пак, Друштвото на писателите значително придонесува за културата: не само со промовирање на домашната современа книжевност и со зацврстување на книжевните врски со другите земји и култури, туку и со негување на културната меморија, чествувајќи го споменот и делата на бројни наши автори: Албанци, Бошњаци, Власи, Македонци, Роми, Срби, Турци…

Од друга страна, независно од ДПМ, на веб-страницата на „Булевар Ослободување“ од 2014 г. наваму самостојно објавувам авторски текстови: колумни, есеи, преводи, рецензии, итн.

Поентата ми е: сметам дека е праведно, и пред сè крајно полезно за општествената клима, да се вреднува и да се поттикнуваат заложбите вложени во *заедничкото добро* – како што е на пример доброто работење на Друштвото на писателите на Македонија.

Заслугите на „Арс Студио“ и на оние ТП фирми на кои им се одобрени повеќе од четири проекти не сакам да ги оспорувам, ниту да ги коментирам – и тоа се фирми што работат и што издаваат книги, и секој бара начин да оствари успех, во рамката на своите способности. Тука единствено чувствувам потреба да го свртам вниманието кон одлуката на Министерството за култура и туризам да не поддржи ниеден од трите проекти на „Булевар Ослободување“, имајќи ја предвид и големата слика, во која важност би требало да имаат и заслугите.

Но, во крајна линија, иако заслугите се важни, има нешто многу поважно.

 

3.    Критериуми

Постојат точно определени објективни критериуми, кои треба да важат еднакво за сите лица што конкурираат со проекти од национален интерес, и според кои стручна тричлена комисија треба да носи објективни, што значи праведни одлуки. Тука не се важни никакви заслуги, туку квалитетот на проектите пријавени на годишниот конкурс што го распишува Министерството.

Сепак, во овој случај, независно од постоењето на објективни критериуми, по објавувањето на резултатите од конкурсот, од неколкумина вклучени во процесот ми беше дадено до знаење (бесценета е таа отвореност што ја негуваме едни кон други: тоа е она што нè крепи) дека трите проекти понудени од „Булевар Ослободување“ биле одбиени поради мојот расипан однос со Министерството за култура и туризам, односно поради моја навреда кон вработени во Министерството.

 

4.    Интегритет

Ние сметаме дека има принципи што треба да се подразбираат, но се чини дека е неопходно принципите да се повторуваат повремено. Еден таков принцип е почитувањето на објективните критериуми. Исто, важен е и принципот на негување на личниот интегритет. Изневерувањето на критериумите и компромитирањето на личниот интегритет не само што никогаш не може да поминат незабележани, туку се и основната неправда што потоа може да генерира цела низа неправди и немири. Кога постојат јасни критериуми, односно *објективни* мерила според кои треба да се носат праведни одлуки, мошне ризично е одлуките да се носат според лични, или според надворешни влијанија. Точно е тоа дека Министерството за култура и туризам е она што „им ја дава работата“ на членовите на комисиите, кои потоа „им даваат работа“ на учесниците на конкурсот. Но, работа на стручните комисии е пред сè и над сè можност и обврска да се даде придонес во *објективно* и независно менаџирање на распределбата на средствата од буџетот: средства обезбедени од даноците што ги плаќаме ние, граѓаните.

 

5.    Навредата

Во случајов, важно е да се има увид и во навредата.

Со оглед на тоа што, од една страна, првпат учествував на конкурсот (како претседател на ДПМ, но и како управител на ТП), а од друга страна помеѓу проектите на ДПМ имаше и некои сложени, често имав потреба од појаснувања околу процедурите: обрасци, планови, договори, извештаи… Откако повеќепати го посетив Министерството за култура со прашања и барања за појаснувања, дојдов до идеја: да се изработи визуелен, графички приказ на текот на проектите, од нивното започнување, па сè до затворањето: нешто што би ја зголемило транспарентноста во спроведувањето на постапката, нешто што би им ја олеснило работата на сите: и на оние што конкурираат со проекти, но и на вработените во Министерството: „нешто како ‘мапа’, можеби и интерактивна: со линкови, за да можат да се симнуваат обрасците…“ Но, мојот ентузијастички *предлог* не само што бил виден како моја критика, туку бил сфатен и како навреда.

 

6.    Контекст, Разбирање и Извинување

Ваквата состојба на нештата би можела да води до моја индигнација, и/или до разочарување, но, за среќа, тука преовладува разбирање. Затоа што тука клучен е обѕирот кон контекстот: во двете години како раководител на Друштвото на писателите на Македонија, во повеќе прилики го анализирав односот на некои членови на ДПМ кон мене, тогаш кога ми даваа ситни *предлози* за подобро работење: тоа го правеа со неверојатна понизност, со бројни извинувања, со молби за мое разбирање и со нови, искрени извинувања… Очигледно, кај нас (како и другаде) преовладува убедувањето дека на „шефот“, или на оној што „ја дава работата“, крајно ризично е да му се даваат предлози, затоа што тие предлози би можеле да бидат видени не само како критика, туку и како – навреда.

Оттаму, разбирам како мојот ентузијазам кон вработените во Министерството за култура и туризам бил сфатен како навреда. Затоа, искрено и без никаков цинизам и иронија им се извинувам на вработените во Министерството за мојата невнимателност.

 

7.    Што понатаму?

Никола Гелевски, во својот неодамна објавен текст „Елементи за манифест за независната култура“, во поглавјето „Немате монопол врз јавните пари“, пишува: „Бараме и нудиме поинакви концепти за финансирање на независната (неинституционализирана) културна сцена.“ Тука, јас би се заложил за тоа да се стави акцент на *нудењето* поинакви концепти: на укажувањето на можноста (и потребата) да бидат пред сè понудувани, а потоа и прифаќани механизми за обезбедување уште потранспарентна и уште поефикасна работа на Министерството за култура и туризам, со цел што поправедна распределба на средствата од буџетот: избегнувајќи неоправдано и неприфатливо фаворизирање на едни, а потиснување и исклучување на други фирми и автори.

 

8.    Знаења и љубов

За волја на вистината, и покрај незаобиколливата потреба да ги искажам своето разбирање и подготвеноста (особено по релативно успешното раководење на Друштвото на писателите на Македонија) да му биде понудена соработка со нашето Министерство за култура и туризам, во себе насетувам извесна загриженост поради можноста таквата понуда за соработка да биде одбиена, а финансиската поддршка за моите понудени проекти од национален интерес повторно негирана. Накратко: постои загриженост поради можноста системот да покаже неразбирање и отпор, па да се придвижи во насока на намерно исклучување на оној што бил воведен во конфликт од страна на личниот ентузијазам. Но, во тој случај, само по себе се наметнува едно прашање: зошто некој би инсистирал да исклучува некого што еднаш веќе се довел, или бил доведен, во состојба на целосна разнебитеност, и како да умрел, како да минал неколку секунди во рај, потоа и неколку секунди во пекол, за на крај да биде вратен назад, по Божја милост и по природниот тек на нештата, со стекнати знаења и со љубов докажано способни да доведат до конкретни позитивни промени во општеството?

 

9.    Плетено Министерство

Пред некое време актуелна беше видео-приказната за мајмунчето во зоолошката градина во Ичикава, Јапонија, кое, родено слабо, било отфрлено од мајка си и, со тоа, без таа основна поддршка, оставено на сигурна смрт. Но, малечкото беше спасено на необичен начин, од вработените во зоолошката, кои му подадоа *плетена мајмунка*, кон која мајмунчето можеше да се приврзе: и да преживее. Познато е дека кај животните, малечкото отфрлено од родителот потоа го отфрлаат и другите од групата, па шансите тоа да преживее се мали. Логиката е проста: оној што не е во можност да обезбеди ресурси за себе станува товар за сите, и е непожелен.

Интересно како и ние, луѓето, сме во суштина животни, и функционираме по ист принцип: по отфрлањето на сите три проекти понудени од ТП „Булевар Ослободување“, можев јасно да забележам промена на односот на лица од книжевната и од културната заедница кон мене: не само дистанцирање, туку и презрив и понижувачки однос, видлив и во конкретни дејствија (а и во конкретни, јавно достапни одлуки). Јасно е дека таквиот континуирано негативен однос е не само неправеден, туку е и неодржлив: можe негативно да влијае и на здравјето, но и на квалитетот на животот воопшто: и тоа не само на еден човек, туку и на оние во неговото поблиско и пошироко опкружување. Овој континуирано и неоправдано негативен однос е, всушност, една од клучните причини за објавувањето на овој текст.

Поентата е во тоа дека мене никој нема да ми подаде плетено Министерство кон кое би можел да се приврзам за да преживеам: јас немам друга опција освен упорно да се залагам за што поправедна и што потранспарентна работа на Министерството за култура и туризам, кое ќе продолжи да работи пред сè создавајќи и почитувајќи објективни критериуми што отвораат еднакви можности за сите, а потоа и ценејќи ги реалните заслуги на чинителите во нашата културна средина.

 

10. Почитуван Министре,

Верувам дека управувањето со Министерството за култура и туризам е комплексна задача, која изискува одржување внимание кон голем број потфати истовремено. Еден од тие потфати е и составувањето тричлени комисии за секторите што го менаџираат годишниот конкурс за поддршка на дела од национален интерес. Ве молам, за миг застанете и прашајте се: „Какво сакам да биде моето наследство, по што сакам да ме паметат?“ А потоа направете си себеси, и направете ни на сите нам услуга со тоа што ќе составите компетентни тричлени комисии што независно, непристрасно, објективно и праведно ќе го распределат буџетот со кој управува Министерството за култура и туризам. Ве молам да не запаѓате во можната замка да допуштите некои „одозгора“ однапред да Ви влијаат и да ја договараат распределбата на средствата: тоа не само што би можело да биде преочигледно (резултатите од конкурсот се јавно достапни, а ние сме релативно мала средина и се познаваме меѓусебно), туку тоа би можело да ги доведе во многу непријатна положба пред сè вработените во Министерството, кои потоа би морале да вложуваат сериозни напори за што поуспешно да посредуваат помеѓу очекувањата наметнати од власта, од една страна, и фирмите и авторите што конкурирале за заслужената финансиска поддршка, од друга. Најпосле, тоа би можело да ги доведе во непријатна положба и членовите на комисиите, а и голем дел од самите учесници на конкурсот, кои би биле доведени во состојба јавно да го искажуваат незадоволството од работењето на Министерството за култура и туризам. Верувам дека ќе се согласите дека ние сме кадарни за многу подобро и многу повеќе од тоа.

Со верба во Вашите управителски способности и во Вашата подготвеност,

 

Живко Грозданоски

главен и одговорен уредник во „Булевар Ослободување“

 

11.9.2026 г.,

Скопје

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *