Друштвото на писателите на Македонија во минативе две години мина низ значителни промени: и во начинот на работење, но и во изгледот на просториите. Спротивно на очекувањата на многумина, а и спротивно на моите лични очекувања, кои од една страна го имаа пред сè предвид личното неискуство со раководење институции од културата, а од другата страна не беа сосема свесни за моќта на љубопитноста, на креативноста и на вербата во заедничкото работење, па не се осмелуваа да одат подалеку од одржување на основното функционирање на институцијата.
Две години и два месеци по почнувањето на мојот мандат како претседател на Друштвото, и два месеци по неговото завршување, овие денови, кога ги правиме последните примопредавања на раководството, ми се чини пригодно да се потсетам на изминатиот период и направам една сосем лична „топ десет“ листа на промени за коишто сметам дека би можеле да бидат инспиративни, или во најмала рака да бидат повод за разговор.
Оваа „топ десет“ листа ги изоставува активностите пред Собранието на 1.6.2026 г., пред сè изготвувањето единствен регистар на членови на ДПМ и нивни контакти. Потоа, ги изоставува и сите настани во изминативе две години (околу педесет) организирани во ДПМ и на други места, понекогаш во соорганизација со други институции. Го изоставува и „Стожер“, и напредокот кај решавањето на имотно-правната состојба на ДПМ, и ред други прашања. За некои од тие прашања може да се прочита во годишните наративни извштаи за работата на Друштвото на писателите.