По природниот тек на нештата

Плочки

Пред една година, Карина се всели во станот што татко ѝ ѝ го отстапи на користење, но во себе чувствуваше силен немир. Тој стан беше на нејзините баба и дедо, местото каде што таа порасна и на некој начин доживуваше дека нејзе ѝ припаѓа, без да мора да ѝ биде „дадена“ дозволата од татко ѝ.

Една зимска ноќ, седеше сама во станот и се чувствуваше изгубено. Требаше да биде среќна, веројатно, но имаше некаква нечиста енергија во воздухот. Не знаејќи што да прави со себе, Карина зеде пенкало и лист хартија, и почна да реди зборови без да размислува.

 

„Избор без избор… Даваш, но под твои услови… Не, не сакам да сум тука, не сакам да сум ти во просторот што ти го окупираш дури и кога не си физички присутен во него…

Ми даваш стан на употреба, но не и дом… Ми даваш навидум можност да изберам што сакам, а нечујно ме ограничуваш на кој начин да го изберам тоа што ти го сакаш.

Еве, и ебаните плочки ти сам ги одбра. Зошто? За поефтино да поминеш? Воопшто, што ти требаше ова со станот? За да си ја испереш совеста, за да веруваш дека нешто си направил за ќерка ти?“

Карина погледна во писмото, го спушти пенкалото врз листот хартија. Фрли поглед околу себе: го виде расипаниот паркет, пукнатините на едниот ѕид, некои летвички и кеса со гипс оставени во ќошот од дневната соба. Повторно ја обзеде нервоза, го грабна пенкалото.

„Зарем не гледаш дека живеам во твоето ебано ѓубре… во твојот хаос… под твојот покрив… Дури и најгрдиот простор на светот да ми биде даден, но со чиста намера и без условување… ќе можам да го направам дом. Но, вака, што да правам? Каде корења да пуштам?“

Повторно го остави пенкалото на листот хартија, но се сети на другарка си Дарија. Веднаш го грабна пенкалото. Го притискаше како да сакаше да го смачка со прстите.

„Вчера бев кај Дарија… ги видов плочките нејзини… што те чинеше да почекаш јас да го направам изборот за СВОИТЕ плочки? Не е дека го реновираш тоалетот секој ден… Зошто јас го дозволив тоа? ’На подарен коњ заби не се бираат’… ова е односот што го дозволувам да биде…“

Карина подзастана за миг. Се праша дали некогаш воопшто била консултирана од родителите кога се работело за некакви одлуки. Можеби токму таа неможност да учествува во одлуките што ја засегаат правеше таа да се чувствува толку исклучено и беспомошно? Продолжи да пишува.

„Веројатно бидејќи не доживувам дека овој простор е мој… а гледам прилика дека сакаш да инвестираш и како така да ми помогнеш… и за да не ја пропуштам приликата се потчинувам на твоите услови… се потчинувам без’рбетнички, за да добијам било што… доживувам дека ова се моите пет минути да ’грабам’ и да бегам…Што сум јас? Глуп глушец што јаде од трошките?“

Карина сети морници по телото. Ги стисна забите. Го стисна и пенкалото.

„Еби се Тино… никогаш нема да ми бидеш татко… никогаш!!!

Се прашувам што јас да правам со себе? Кога знам во длабочината на душата дека не можам да го прифатам нештото дадено на нецелосен начин…

И што сега? Да одам да работам во „Мекдоналдс“ во Германија и да си земам стан? Да одам на брод и таму да подспечалам нешто? Како да пристигнам до простор и до место што ми дава чувство дека сум дома… дека сум пристигнала… дека сè е во ред… да можам да здивнам, да пуштам корења…“


Некако исцедена, Карина го остави пенкалото и продолжи да гледа во листот хартија, кој веќе не беше бел. Помисли да му го испрати писмото на татко си, но се исплаши од помислата: како би можел да изреагира? Си го замисли како ги чита нејзините зборови, и за миг ја обзеде срам, а потоа и цел коктел од емоции: лутина, гнев, тага, уште срам, уште лутина. Го зеде листот хартија, го превитка на половина, го превитка уште еднаш, и го скри во корнизот над прозорецот. Сигурно никој нема да се сети да чепка таму.

Карина не можеше да го издржи чудниот притисок што го чувствуваше во станот: тој простор како да немаше врска со неа. Како да не знаеше да се зближи со него, да го почувствува како близок, како свој. Зошто?

Еден месец подоцна, Карина отпатува за Шпанија: ѝ се укажа можност, преку една пријателка, да се пресели во една комуна во која живееше заедно со уште триесетина млади луѓе. Тоа заедничко живеење на почетокот ѝ изгледаше како вистински сон, и ѝ се чинеше дека може да трае засекогаш. Но, девет месеци подоцна, кога веќе беше целосно изолирана од нејзиниот претходен живот, едно утро беа тргнале да собираат дрва, заедно со уште неколкумина од комуната, и се случи нешто што како да ја разбуди од сонот: Хуан, еден од пријателите од комуната падна од дрво и лошо си го повреди ’рбетот. „Еј, ова можев да сум јас“, си помисли Карина, и таа мисла ја фрли во долго бунило. Со денови размислуваше за себе, за луѓето што ги познава, за иднината, и една вечер, додека седеше сама во својата соба, одеднаш почна да плаче. Да плаче, да плаче, и да плаче. И кога престана, излезе надвор на свежиот воздух, и вдиши со полни гради. Во тој миг, знаеше дека ќе се врати дома. Знаеше дека мора нешто да заврши.

 

Пристигна назад во нејзиниот стан во Битола, веднаш го вклучи болјерот и седна на масичката во кујната. Извади еден лист хартија, зеде едно пенкало, и фрли поглед кон корнизот над прозорецот. Знаеше што има таму. Но, сега знаеше дека може и подобро.

Стана, појде до тоалетот, се истушира, и на излегување подзастана. Погледна во плочките, се поднасмевна и продолжи, така во пењоар, кон кујната. Си направи голема шолја чај од нане и се врати кај масата. Седна и го зеде пенкалото во раката. Фрли поглед кон белиот лист хартија и длабоко се издиша.

 

„Помина некое време откако тоалетот беше реновиран (без плочките по моја волја), па со текот на времето ми спласнаа некои емоции на бес и револт кои ги имав кон целата ситуација.“

Подзастана, фрли поглед кон напишаното. Ѝ се допаѓаше тонот што зрачеше од нејзините зборови. Продолжи да пишува.

„Ме повредуваше тоа што често за важни работи кои имаат долгорочен ефект на мене и на целата фамилија, сум била исклучувана од процесот на донесување на одлука, па некогаш дури и од информираност за нешто што вие (ти, мама и Матеј) веќе претходно го имате одлучено. Низ тие ситуации сум се чувствувала дека не припаѓам во ова семејство и дека вие немате почит за мене како личност. Оттука ми се јавуваше желба да се истакнам дека можам јас и сама и дека не ми треба помош за ништо од тебе, ако таа помош не ми е дадена доброволно, без притисок или потсетување од моја страна.“

Подзастана, го препрочита текстот што го напиша. Кимна со главата, го помириса нането, отпи од шолјата чај и повторно го зеде пенкалото.

„Како што растам и созревам, започнувам да осознавам некои нешта во однос на призмата низ која ја воспримав реалноста дека не била баш исправна. Можеби е подобро да речам дека забележувам дека сум била доста себична и суетна во моите ставови кон животот. Како што поминува времето, ми се освестува краткорочноста на животот, а со тоа срцето почнува да ми омекнува и да ми се менуваат многу перспективи и уверувања низ кои ја доживував реалноста.

Да се навратам на ситуацијата со плочките и со тоалетот. Имав постојано некои очекувања дека затоа што сум истрауматизирана од тебе, дека заслужувам, односно ми следува да ми биде даден целосно реновиран стан. Бев огорчена и гневна дека ти со мерак ја градиш својата куќа, а мене ми ги даваш трошките од „твојот стан“ и згора на сè се фалиш и не ми помагаш. Тоа беше постојано призмата низ која гледав кон тебе, како огорчено девојче која бара надомест за штетата.“

Карина се исправи на столчето и длабоко се издиши. Сети силно олеснување. За миг погледна низ прозорецот, и се сети на богатата година помината со пријателите во Барселона.

„Ми беше потребно да сменам средина, за да добијам можност да ги видам малку работите од друга страна, од возрасната страна. Бидувањето во Шпанија ми помогна да ми се промени фокусот од она што го немам, кон она што го имам, односно ми е дадено. На пример, веќе не гледам дека имам стар стан, туку простор за живеење за кој не плаќам кирија и навистина сум благодарна за тоа.“

Тукушто го напиша зборот „благодарна“, Карина сети како низ телото ѝ минува еден невидлив бран топлина. Подзастана, некако изненадена. Знаеше за благодарноста како за најисцелителното чувство, и се надеваше дека еден ден ќе може да го почувствува тоа кон татко си, но не се надеваше дека тоа ќе дојде вака спонтано, „низ задна врата“, пишувајќи. Се насмевна, си се гушна со едната рака без да го забележи тоа и охрабрена, продолжи да пишува. И не застана додека не заврши.

„Повеќе не гледам дека имам одвратен татко кој е крив за сè што мене ми се случило, сега гледам дека ти си човек кој направил грешки во минатото, но човекот кој постои сега и во кој растеш колку и да ми беше тешко да си го признаам ова на себе, е навистина поинаков. Навистина се труди и дава колку што може, со сè што може…и тоа е доволно, повеќе од доволно. Прекрасно е всушност… сè повеќе почнувам да гледам како низ мали работи се грижиш за мене, истражуваш за да се зближиш со мене, го чуваш и се грижиш за папагалчето, за Кики, ми ги плаќаш сметките скоро цела година затоа што јас имам минимални примања откако напуштив работа… и многу други нешта кон кои сега ги отварам очите… ти благодарам…“

Кога заврши, Карина сети како од себе да извадила нешто големо, нешто тешко, за кое не знаеше дали повеќе личи на оловен синџир, или на огромна грутка злато. Но, не беше ни важно. За миг се праша дали можеби треба да го му го испрати писмото на татко си, но и таа мисла брзо ѝ испари: ни тоа не беше важно. Најважно беше тоа што таа сега веќе насетуваше што може да се очекува од неа. Зошто треба да се помине толкав пат, за да се дојде до нешто толку основно, како што е разбирањето?

Го допи сега веќе оладениот чај, стана од столчето и се упати кон тоалетот. Ја отвори вратата и очите ѝ ги исполни сината боја на плочките. Карина продолжи да гледа во нив, а потоа ѝ се замагли погледот. Се сети на Хуан. „Треба да му пишам“, си помисли. „Никогаш не му се заблагодарив за тоа што ми е пријател.“

Автофикцискиот расказПлочки“ е коавторски труд на Ана, една од тројцата учесници во првата, „пилотработилница по креативно пишување (автофикциски расказ) „По природниот тек на нештата“, и Живко Грозданоски, автор на работилницата, кој исто така е уредник на расказот. „Плочки“ е пишуван во втората половина од 2023, на македонски јазик, паралелно со пишувањето на расказите „Викендот“ и „Љубовно писмо“ од Лети и Живко, двајцата „сопатници во пловидбата“, а преведен е на англиски од страна на авторот на работилницата, во консултација со коавторката, и со помош на вебстраницата Deepl.com.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *