„Гласот за кој сме биле баш препекани“
Кон „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски (Арс Либрис, Скопје, 2025 г.)
До пред околу една година, во ранецот што го носев насекаде со себе имаше и еден мал Нов Завет со тврди, пластични корици – како нож, солзавец или слично оружје за самоодбрана, или како тајно засолниште, како заклон, како некаква потврда дека веднаш тука, на дофат, во секое време, има некој што совршено те разбира, или некој со кого можеш да комуницираш, нешто со што можеш да се калибрираш, и, во крајна линија, нешто што како да ти го расчистува патот пред нозе, па можеш да продолжиш да се движиш, независно од сè. Како некаков powerbank. Или, како нешто што ранецот ти го преобразува во боца кислород на грбот – за нуркач или за астронаут – или во ракета за лик од цртан филм, за лет кон ѕвездите, за очи кренати нагоре, и шепот: „еј, види!“
Никогаш порано за малечкиот, распартален Нов Завет со црни пластични корици не сум размислувал на овој начин: овие слики за црното книже со тенки страници со позлатени рабови ми доаѓаат сега, додека барам соодветен начин да го почнам текстот за едни две книги: за збирката „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски и за уште една книга (за која, со обѕир кон читателот, ќе пишувам во друг текст). Голем дел од минатово лето тие две книги го поминаа во мојот ранец: често им се навраќав на тие творби, препрочитувајќи некои од нив по повеќепати: како потсетување на охрабрувачки разговор со соговорник, како утеха, како поткрепа, и, како потврда: „да, не си сам“, или: „да, има мали островчиња убаво заокружена смисла на кои можеш комотно да си ги одмориш очите и мислите“.
Помислувам на едно старо, клише прашање: „Дали книжевноста може да го смени светот?“ Одговор: „Да, со самото тоа што некој ќе се спаси: читајќи, спознавајќи, љубејќи.“ („Само да се љуби, само да се спознава вреди“ вели Пазолини на почетокот од една своја песна.)
* * *
Стихозбирката „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски, кортасарски поднасловена „бестијариуми“, е всушност извонредно хумана, длабокоумна и благородна книга, која на моменти ненаметливо, а на моменти реско (и пак ненаметливо) сведочи за човечките вредности и заблуди. (Тука веднаш да се појасни: „реско и пак ненаметливо“ е на оние места во вториот, најобемен циклус, каде некои песни – и визуелно – на читателот му се претставуваат како диптиси. Највпечатлив е контрастот на „песната џукела“ и „песната загар“ [30, 31], како и оној на „песната коњ“ и „песната магаре“ [32, 33].) „Со една четка два зајака“ е книга што во голема мера потсетува на претходните збирки на Мартиновски, а особено на збирката кратки раскази „Зоостории“ („Бегемот“, Скопје, 2019). Но, исто така, ова е книга која прави клучен исчекор: ова е сериозно ангажирана книга, во таа смисла што, од една страна, низ силни лирски митолошки слики ефикасно ја доловува општествената клима (циклусот „хипно-записи“), а од друга страна, како и секоја добра книжевност, и оваа книга е суптилен повик за себепреиспитување: зооморфизацијата на песната во вториот циклус е, всушност, зооморфизација на човекот, на неговите доблести и слабости. Тоа е тој храбар, скапоцен, ослободувачки, па дури и „субверзивен“ елемент.
Книгата е поделена во пет циклуси, ритмички внимателно поставени: првиот, „Зооминијатури“, и последниот, „Претопувања“, се мек вход во книгата и нејзин уште помек хаику-заод, каде лирскиот глас се покажува како импресивен набљудувач, прониклив владетел на мигот. Вториот циклус, „Жив(отн)и песни“, и четвртиот, „Скици за една зоосторија на уметноста“, можат да се гледаат како главниот корпус песни во збирката (иако вториот циклус, поднасловен „Сонетен физиолог“ и составен од четириесет пеења би можел сам по себе да функционира како збирка). Најпосле, третиот циклус, „Летни соништа на хибридни чудовишта“, сочинет од седум песни во проза поднасловени хипно-записи („ремикс“ на седум старогрчки митови) е циклусот кој, во отсуство на посоодветна метафора, би можел да се нарече магична (трогателна? потресителна? исцелителна?) „дијадема“ на оваа книга-круна на македонската поетска продукција во 2025 година.
* * *
„Песната жирафа“ од вториот циклус од „Со една четка два зајака“ прекрасно потсетува на илустација од Марко Трпески од неговото мултимедијално дело „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ (самиздат, Скопје, 2025). Кој од кого се инспирирал, Трпески од Мартиновски, или обратно? Двете жирафи на Мартиновски и Трпески се како една жирафа што се гледа во огледало. Претпоставувам дека никој не се инспирирал од никого: претпоставувам дека обајцата истовремено, секој од своја страна, го докопал својот пат до истото светло место што Унгарети го нарекува „Закопаното пристаниште“.
ПЕСНАТА ЖИРАФА
ако не гледаш подалеку од носот
ако ползиш само на површината
и не ѕиркаш во гнездото на косот
ако не си се одделил од глината
ако не си ги вкусил ни облаците
ни лисјето од највисоките гранки
ако не им се радуваш на зраците
од ѕвезди кои ги кршат сите пранги
ако ти е сеедно што има горе
над сите панаѓури на суетата
тогаш неа не мора ни да ја сретнеш
таа песна има свое небесно море
во кое подолго траат летата
за да пливаш во неа мораш да летнеш
Од „Жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески (Самиздат, 2025)
* * *
Стихозбирката „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски е богата со „песни-школки“ (15), „песни-мачки“ (29), „песни-пастрмки“ (43), „песни-соколи“ (49) и ним слични. Но, за мене лично, оваа збирка е многу важна затоа што е најслична на „песната жаба“ (39), која почнува со стиховите „џабе си песна ако / не се преобразуваш“. Затоа што оваа збирка е „преобразување“: ова е бесценета промена во изразот на Владимир Мартиновски и, со самото тоа, лирскиот глас во оваа збирка нам читателите ни се претставува како „гласот на паунот“ (11), кој „одекнува“ откако ќе стивнат „сите пили и чекани“ – гласот „за кој сме биле баш препекани“.
На едно друго, вонкнижевно рамниште, зборувајќи за вредностите од системот „по природниот тек на нештата“, збирката на Мартиновски нуди вистински раскош од автентичности, или вистинитости: не само поради Длабокото разбирање на човечката природа и поради сведочењето на важноста на преобразувањето (постепеното менување навики, по пат на ситни – или големи – премислувања), туку и поради цела низа други елементи. Кај хаику-прошетките и кај зооминијатурите, на пример, впечатлива е Смиреноста со која лирскиот глас го доловува светот, притоа вешто играјќи си со зборовите: „гуштерот / гушнал камен / камен скаменил гуштер – / секој секому / рамен“ (5). Воопшто, Играта (а заедно со тоа, суптилно, и Хуморот) се честа одлика на книгата. Многу почести се Љубовта кон природата и Радоста за животот воопшто.
„По природниот тек на нештата“, вреди да се забележи и тоа дека во 2025 г. Владимир Мартиновски објави две книги: освен „Со една четка два зајака“, кај истиот издавач од печат излезе и филигрански изработениот сонетен венец „Часови без часовник“. Обете поетски збирки беа пријавени на годишниот конкурс за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија, во јануари оваа година. Интересен е исходот: „тешката“, сериозна „Со една четка два зајака“, која во себе содржи 85 поетски творби: 24 хаикуа и 61 песна (помеѓу кои и оригинално „оживување“ седум старогрчки митови, како и „прошетка“ низ историјата на ликовната уметност) беше изоставена, а за финалист беше избрана „Часови без часовник“: сонетниот венец, бисер составен од 15 сонети, кој како носечка тема ја има еколошката свест.
На годишниот конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, од двете книги на Мартиновски пријавена беше „Со една четка два зајака“. Сосем разбирливо: за разлика од „Часови без часовник“, минуциозно изработениот сонетен венец, „Со една четка два зајака“, покрај широката лепеза теми и интереси, помеѓу кои и „посетата“ на старогрчката митологија, е богата и со омажи кон домашната и кон светската поезија и ликовна уметност (Михаил Ренџов, Будимка Поповска-Буде, Роберт Фрост, Леонардо да Винчи, Рембрант, Гоген, Иван Генералиќ). Сепак, на овој конкурс, збирката на Мартиновски не се најде ни помеѓу финалистите.
Автентичноста, храброста, љубовта кон уметноста, хуморот, играта, животната радост од типот на „Со една четка два зајака“ не се пробива лесно на виделина. Особено не доколку „им се отима на насилниците / на умислените и моќниците“ (како песната школка, 15), или да сведочи за оние поети и за онаа песна која е „чист прав инает / ни ја личи ни звучи ни значи / но сака на Парнас да се качи“ (како песната магаре, 33). Но, слично како и песната мачка (29), така и автентичноста од типот на „Со една четка два зајака“, за среќа „умее да чека долго“ и да знае дека „по многу утки ќе се врати долгот“.
