Веројатно не постои човек кој барем еднаш не ја обвинил технологијата за создавање на едно френетично, плитко општество кое сè позабрзано ита кон катаклизма. Но, што ако давајќи ваков суд ние всушност гледаме од една „неапдејтирана“ перспектива? Што ако површноста е новата длабочина? Што ако дематеријализацијата на светот и неговото преточување во единици и нули е всушност една внимателно смислена стратегија од страна на едно човештво што прави сè за да не се повторат ужасите на дваесеттиот век? Барико, со само нему својствениот шарм, во ова дело, замислено како археолошки потфат на човек во потрага по фосили оставани од едно сè поживо општество, ни ги претставува своите луцидно откачени сфаќања за „дигиталното востание“, за „отаде-световите“, за „реалноста на двоен погон“… за на крај да изработи низа мапи со кои можеме да добиеме прилично јасна слика на тоа од каде доаѓаме и во која насока се движиме. Раскажувајќи анегдоти од својот и од животите на десетици други личности, анализирајќи појави од типот на супермаркети, авионски летови и претседателски избори, и пред сè укажувајќи на симболичноста на преминот од фудбалче преку флипер до Space Invaders, Барико ни го свртува вниманието кон видеоиграта, во која гледа еден феномен кој на ненаметлив, а сепак категоричен начин ги поставува клучните начела на една колку неопходна, толку и возбудлива доба од развојот на човечката цивилизација – добата во која живееме – The Game.