Политика VS. Политикантство (неопходноста од РЕполитизација на општеството)
Политиката е благородна активност. Политикантството (она што најчесто го живееме) е помија, „снаоѓање“, битка за личен интерес. Политиката е несебична, и се залага за доброто на пошироката заедница. Политикатството е себично и се врзува за личните интереси, за интересите на помали групи и глутници, со умилкување на поголеми економски и политички центри на моќ. Политиката е етика, издигната од ниво на единка на ниво на заедница. Политикантството е малограѓанство, издигнато од ниво на единка на ниво на група. Политиката дејствува во насока на разбирање и помирување. Политикантството дејствува во насока на осуда и раздор. Политиката се гради врз морални вертикали од љубов, почит, правичност, разговор, демократичност, компромис… Политикантството не се гради: таму моралната вертикала е сведена на псевдоморална точка, камуфлирана зад „вредности“, а всушност постојано подготвена опортунистички да се лансира во секоја насока што поседува и ветува моќ, често газејќи ги самите тие вредности. Политиката бара личен интегритет, мислење со сопствена глава. Политикантството бара послушност, или одобрување од групата. Политиката нуди свои идеи и вредности како камшик што ненасилно дисциплинира. Политикатството бара туѓ камшик за да биде дисциплинирано. Политиката, како и етиката, е неизбежна должност на секој човек. Политикатството е погубен компромис, кога „снаоѓањето“ се смета за најмудрата опција. Политиката е кондиција и пливање меѓу струите на моќта. Политикантството е балансирање и сурфање: избегнување, ловење и јавање на струите на моќта. Политиката е навидум тешка и опасна. Политикантството е навидум лесно и безопасно. Политиката е борба за живот: прво сечиј, а со тоа и свој. Политикантството е играчка: прво своја, а потоа ничија. Политиката е бесценета. Политикантството го плаќаме сите, секој ден, сè поскапо и поскапо.
Се бара „деполитизација на општеството“. Но, оние што го бараат тоа се политиканти. Затоа што политикантите не можат да опстојат онаму каде што постои политиката. Засебните интереси не можат да се протнуваат онаму кадешто се гласни заедничките интереси, меѓусебната поддршка и разбирање. Онаму каде што говори политиката, политикантите можат само да молчат. Политикантите бараат „деполитизација“ за да можат да ги играат своите игри на моќ и опортунистичко лансирање од една во друга насока без моралните вертикали на политиката да им го попречуваат патот. Политикантите се обидуваат да ги сведат политичарите на ниво на политиканти, затоа што само на своето ниво знаат и можат да „дискутираат“ со нив. Политичарите се обидуваат да ги издигнат политикантите од калта на политикантството, да го извадат политичкото во нив, оти само со тоа можат да дискутираат.
Добрите новинари се неизбежно и добри политичари. Новинарите политиканти не се ни новинари, туку сеачи на отров.
Најголем дел од пратениците се политиканти: без право на свое размислување, гласаат по претходен диктат од партијата и го снимаат прстот додека го притискаат копчето определено од партијата. „Репрезентативната“ парламентарна (пост-)демократија не репрезентира никого во парламентот.
Функционерите поставени од политичките партии во најдобар случај прават компромиси помеѓу политикантството наметнато од партијата и личните политички (етички) принципи.
„Дневна политика“ е оксиморон: не постои дневна политика. Постои само дневно политикантство кое се протега во недоглед, како синџир од мали алки кои, како што се надоврзуваат со секој нов ден, од едната страна, така се распаѓаат оние вчерашните, од другата. Политиката трае низ времето: се храни од минати примери и однапред се засидрува во иднината, како пример.
Се бара „деполитизација на општеството“. А неопходна ни е РЕполитизација на општеството. За да се избавиме од политикантството во кое нè вовлекуваат центрите на моќ и пред сè нашата лична суета, заблуда. Потребна е политика, како противотров на политикантството. Потребна е политика, пред сè, на капиларно рамниште во заедницата: секој човек посебно – не „да одлучи“, затоа што тоа не е прашање на само една одлука, туку во секој миг, одново и одново да одлучува – да го поддржи политичарот, а не политикантот во себе. Грижата, алатките за критичко размислување и развивањето на свеста за политичките (VS политикантските) принципи би требало да бидат насочувани пред сè кон помладите генерации: постарите често се комотно заглибани во или помирени со политикантство.
Фотографија од Дејан Колевски, од неговата изложба „Јапонија“ (2019)
„Не се замарам со политика.“ Токму затоа што ти не се замараш со политика, политикантството со задоволство се замара со тебе. По инерција, научени да ја гледаме политиката како нешто „валкано“, и самите во добар дел стануваме политиканти, „снаоѓачи“, и така во добар дел зависиме од милоста на туѓото политикантство и „снаоѓање“.
Луѓето не се „поделени“ на политичари и политиканти. Во секој од нас, во поголема или во помала мера живеат обајцата: и политичарот и политикантот, а ние треба постојано да одлучуваме кого од нив двајца ќе го поддржиме. Кога нашата суета е голема, и најголемиот наш политикантски чин (ширење малодушност, страв, навреди, закани, раздор…) е само трошка во устата на политикантот во нас. Затоа тој е вечно гладен, а „снаоѓањето“ во играта се чини како вистинскиот пат. Од друга страна, пак, кога нашата суета е голема, и најмалиот наш политички чин (имање став, искажувањето и најмала поддршка на некој политички чин, солидарноста кон некој што е обесправен…) е обилен оброк за политичарот во нас. Затоа, политичарот во нас е (лажно) сит, а ние сме убедени дека сме го направиле нашиот дел од должноста да бидеме политички активни.
Политикантите се гладни и кога се на власт, и кога се во опозиција. Политичарите се сити и кога се на власт, и кога се во опозиција.
Партизацијата често многу придонесува за политикантството. Но, партизацијата во никој случај не ја исклучува можноста за чисто политичко дејствување.
Во секого од нас живее и политичар и политикант. Но, нашата суета најчесто е толку голема што прегладнетиот, жилав политикант, кој гледа само за себе, сосем го потиснува и го умртвува згоениот, успиен „политичар“, кој би требало да се грижи и за себе и за заедницата. Гладниот политикант е убеден дека е семоќен, или дека е преслаб, па така или ништо не го засега, или сè сфаќа лично. Или затвора очи, се плаши, игнорира неправда, „се снаоѓа“…, или отвора очи насекаде, насилен е, врши неправда. И во едниот и во другиот случај, на тој начин му ја затнува устата на политичарот, го врзува во некој ќош од својата лажно чиста совест.
Политичарот се грижи за целата Планета. Политикантот, во суштина, не се грижи ни за самиот себе. Политикантски несовесниот човек го злоупотребува политички нехрабриот. И тоа е она што ни се случува: ние сме заедница на политички нехрабри личности (малодушни политиканти и ние самите), најчесто во заложништво на политикантски несовесни „водачи“.
Политиката е лична самосвест во акција, обѕир кон себеси и кон заедницата. Затоа ни е неопходна РЕполитизација на општеството.
Автор – Живко Грозданоски
(Текстот е објавен на 28 јуни 2020, првпат изменет на 25.5.2022 г. , објавен во книгата со текстови „Булевар Ослободување“ бр. 10 во декември 2024, вторпат изменет на 18.10.2025.)
