Заедница

5 точки за ДПМ: околу поднесувањето (по третпат) кандидатура за претседател на Друштвото и некои други теми

1.     За отвореноста на комуникацијата

Во изминатиов период, можеби поттикнати од позитивната клима во Друштвото на писателите, повеќемина пријатели и познајници ми пристапија изразувајќи поддршка. „Те следиме на Фејсбук, гледаме  што се случува, гледаме колку си активен, во тек сме“. Пред сè бев позитивно изненаден од множината во исказите („гледаме“, „следиме“), но исто така ми се виде интересно и предочувањето дека мојот ангажман околу ДПМ е најчесто отворен, непосреден. Ваквата забелешка ме потсети на едно конкретно четиво што ме инспирираше уште пред неколку години.

Во книгата за клучните концепти на Жорж Батај, уредена од Марк Хаусон и Маркус Коелон (Рутлеџ, 2016), се спомнува и експериментот „Акефал“, заедницата што Батај ја основал во 1936 г. Независно од релативната краткотрајност и од контроверзноста на оваа група (особено критички бил настроен Валтер Бенјамин), вреди да се спомене тоа дека неформалната организација имала за цел „да го подготви тлото за будење на свеста за заедницата воопшто“, а посебно импресионира тоа што како модел за експериментот на „Акефал“, „во недостиг на посоодветен пример“, Жорж Батај ја предлага – ранохристијанската заедница.

Главни одлики на ранохристијанските заедници биле меѓусебната поврзаност, споделувањето на поседите и отвореноста, непосредноста во комуникацијата (за мене најочигледна кај посланијата на апостол Павле, кои не се единствени текстови од тој вид). Во истата таа смисла, денес, исто така во насока на „будење на свеста за зедницата“, полето што нам ни овозможува најнепосредна отвореност, можност за директна, интензивна и конструктивна комуникација се – токму социјалните мрежи.

2.    За мотивите

Кога се работи за мојата одлука да ја поднесам кандидатурата, главно влијание има тврдоглавата убеденост во незаменливата вредност на Друштвото, но во иста мера влијание има и нешто што обично се занемарува, затоа што не може да се затемели на принципи: *интуицијата*. Можеби на некои ќе им звучи банално, па дури и несериозно, но според некои сериозни истражувачи, еден од деветте клучни фактори што придонесуваат за негување добросостојба е токму *следењето на интуицијата*. Оттаму, мојата убеденост во значењето на ДПМ е изградена врз основа на искуство и на сознанија, а одлуката за поднесување кандидатура е во суштина рационална, но, исто така е и силно интуитивна. Најпосле, рационалното може и да се избегне некако, да се „бајпасира“, да се заобиколи со некој механизам, со некоја нова рационализација… но, со интуицијата нема ни преговори, ни компромиси.

Освен тоа, постојат уште неколку суптилни, а сепак за мене битни „мотиватори“. Издвојувам два.

Една таква инспирација е филмот „12 гневни мажи“ (1951) од Сидни Лумет, Ме фасцинира ликот на Поротникот бр. 8 (Хенри Фонда), кој со својот начин на дејствување ќе успее да издејствува поволна пресуда за обвинетиот. Овој филм може да се користи како материјал за изградба на фикционални ликови, а во поглед на инспирација, ова е филм што мене ми доаѓа како мала света книга. 

Друга слична инспирација е „Икиру“ („Да се живее“, 1952) од Акира Куросава: ме инспирира приказната за ситниот службеник Канџи Ватанабе (Такаши Шимура), кој ќе реши да ги помине сите бирократски пречки, и сиот пат што треба да се помине, само за да се оствари изградбата на едно мало детско игралиште – како да е тоа најважната работа на светот. Ме воодушевува последната сцена од филмот, во која главниот лик се нишка на една лулашка од паркот, најпосле мирен, додека околу него паѓа снег.

Гледано од една конкретна перспектива, и ДПМ може да се види како едно разрушено детско игралиште.

3.    Значењето на ДПМ

Се прашувам дали има потреба да се зборува за незаменливото значење на ДПМ: не само за книжевната и за културната заедница, туку и за угледот на земјата, па и на целиот регион – особено имајќи го предвид колонизаторското минато и неоимперијалистичките тенденции на поголемите Други, но и нивните имаголошки претстави за Балканот. Евентуалната пропаст на Друштвото (која сега за среќа се чини подалечна) би била само уште една црта што би ги подвлекла туѓите стереотипи за Балканот. Но, верувам дека може да се развива свест за вредноста на континуитетот, и тој континуитет да се одржуваВо крајна линија, ДПМ е можеби единствениот жив „проект“ на Блаже Конески и на неговите современици.

На ДПМ може да се гледа како на чувар на културната меморија, како на силно сврзно ткиво помеѓу различните генерации писатели; да се гледа како на *канал* што овозможува скапоцено меѓугенерациско поврзување (по вертикала), но и *пат* преку кој писателите (по хоризонтала) се вмрежуваат: не само меѓу себе, туку и со читателите, и со другите припадници (лица, групи, образовни и други институции) на книжевните и на културните заедници, но и надвор од нив.

Освен за очигледното значење на ДПМ за книжевниот живот и за културата воопшто, може да се зборува и за еден друг, посуптилен, но исто толку битен аспект од постоењето на ДПМ, а тоа е самиот негов начин на работа. Со самото тоа што ДПМ е здружение на граѓани, а не приватна институција; со самото тоа што раководството се бира на Собрание од целокупното членство; со самото тоа што раководството одлучува *заеднички*, преку Управен одбор, а не како приватните институции, каде одлучува еден, двајца или едвај неколкумина; со самото тоа што раководството работи без хонорар и се менува на секои две години  ДПМ има неисцрпен потенцијал да дава благороден пример на *заедништво*. ДПМ има потенцијал да биде скапоцена оддишка во нашиот локален контекст во кој сè поинтензивно доминира опресивниот неолиберален ментален склоп на *индивидуалниот* посед, на *личното* влијание, на *индивидуалната* финансиска и политичка моќ.

Едно уште посуптилно, и за мене уште поважно ниво на значење на ДПМ е она што се однесува на „ненамерниот“ личен развој на неговите членови; разликувањето помеѓу „служење“ и „моќ“ (нешто за што веќе пишував на мојот Фејсбук-ѕид, на 18 октомври, пред последните две Собранија: интересно е да се препрочита тој текст од денешна перспектива). За разлика од проектите организирани од приватни институции, во кои управителите најчесто по сопствено убедување бираат со кого ќе соработуваат, ДПМ налага работа според критериуми што ги вклучуваат *сите*, ни налага скапоцена *непредвидливост*, соработка со другите околу нас, и со самото тоа препознавање на себеси во заедништво со другите. На едно најинтимно рамниште, со својот начин на работа, ДПМ отвора можност за соочување со сопствените чувства и одлуки, можност за нивна анализа и (пре)испитување (или не), можност за остварување лична промена (или не), можност за личен раст (или не).

 

4.    Неолибералниот принцип наспроти заедништвото

Во последно време почнав да водам една работилница за креативно пишување автофикциски расказ која, на моја голема радост и благодарност, добро функционира. Најважно од сè е тоа што оваа работилница отвора голем број можности што допрва треба да се испитуваат. Но, тоа е во суштина еден *личен* проект, токму во духот на индивидуалистичкиот, и во крајна линија неолиберален начин на функционирање. И тоа е, на некој начин, „решен“ проект, чии *можности* можат и треба само да се надградуваат. Од друга страна, актуелност е и Друштвото на писателите, чие правилно функционирање, со конкретни визии, би отворило простор за развивање на една многу поширока *мрежа од можности*, како и простор за вклучување на поголем број чинители, и тоа на сеопшто задоволство и оддишка. Всушност, на некој начин, и мојот „личен“ проект со работилницата би можел да биде, макар со само еден настан, вклучен во програмата на ДПМ. Мојот личен проект би можел „да расте“ со помош на ДПМ. На тој начин, и други „приватни“ институции (издавачка куќи, или макар иницијативи) би можеле „да растат“ под закрилата на Друштвото на писателите. Обратното (ДПМ да расте под закрилата на приватни потфати) е многу потешко остварливо. Токму затоа природно доаѓа ДПМ, како колективно (но и лично, на индиректен начин) добро, да биде поставено како приоритет.

5.    Големата слика

Во 2018 г. се зачленив во ДПМ со цел список конкретни визии, со верба во потенцијалите на Друштвото, и набрзо по зачленувањето бев ангажиран како еден од членовите на редакцијата на „Стожер“. Благодарение на соработката помеѓу членовите во редакцијата, следеа и некои убави промени во списанието.

Пред две години, пред изборното Собрание, по долги разговори и убедувања за некој постар, поискусен, и можеби на некој начин „позаслужен“ од Друштвото да се кандидира за претседател, на крај се кандидирав јас. Во најмала рака, како „лакмусова хартија“, што ќе покаже каква е климата во Друштвото. Си дозволувам да сметам дека тестот се покажа како повеќе од успешен.

Минатата година, по низа перипетии, отсуство на комуникација и недоразбирања, повторно се кандидирав за претседател. Откако ја повлеков кандидатурата, сепак *ги поддржав* оние на кои им се укажа можноста да бидат новите раководители само да се надмине кризата. Но, Собранијата на 25 ноември 2023 и на 27 јануари 2024 беа неуспешни, па и она малку верба што беше останала кај членството на ДПМ како сосема да исчезна, а ситуацијата во Друштвото се чинеше безнадежна.

Откако ја имавме среќата да се издејствува правна помош од Македонското Здружение на Млади Правници, и по консолидацијата на Управниот одбор на ДПМ, распишани се нови избори за први јуни оваа година, на кои ќе можат да учествуваат сите оние што ќе имаат регулирано членарини.

* * *

     Ја најавив својата кандидатура веднаш по консолидацијата на Управниот одбор и по закажувањето изборно Собрание. Првично, ја најавив кандидатурата за, контактирајќи го членството, да му излезам во пресрет на Управниот одбор во насока на успешна организација на Собранието. Но, кандидатурата исто така ја најавив за уште еднаш да ги претставам своите *визии* за ДПМ, како и придобивките за коишто сум убеден дека би ги имале не само членството, туку и пошироката заедница. Во крајна линија (и можеби пред сè?) ја најавив својата кандидатура за да ни се отвори оваа несекојдневна можност *заеднички да испишеме една радосна, ретко инспиративна приказна*. Од секого од нас во извесна мера зависи какви ќе бидат резултатите. И, гледајќи во големата слика, какви ќе бидат нашите идни сеќавања.

Спомената литература:        

“Georges Bataille – Key Concepts”, edited by Mark Howson and Marcus Coelon, Ruthledge, 2016

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *