„Агресивната експанзија на англискиот јазик“
Ако погрешната употреба на глаголот „зема“ е внатрејазичен феномен, постои и едно друго осиромашување на јазикот кое се случува поради надворешно влијание врз јазикот – влијание кое е многу понезабележливо, посеоп-фатно и, би рекол, далеку позагрижувачко, а се однесува на она што професорот Влада Урошевиќ пред неколку месеци го нарече „агресивна експанзија на англискиот јазик“. Кога го чув овој израз од професорот, првиот впеча-ток ми беше дека ваквата загриженост е сепак преувеличена и во суштина непотребна, но набрзо сфатив дека тој е во право: не толку затоа што ние наеднаш „примивме премногу“ странски зборови од англискиот јазик, колку поради начинот на кој англискиот јазик влијае врз секојдневната употреба на нашите сопствени зборови. Покон-кретно, под влијание на познавањето, читањето и употребата на англискиот јазик, ние имаме најчесто несвесна тенденција да создаваме (навидум) нови изрази, кои се всушност кратки конструкции од буквални преводи на изрази засидредни во англискиот јазик. Со тоа, понекогаш се создаваат интересни изрази, кои би можеле и да се „вдомат“, затоа што сведочат за конкретни надворешни влијанија, убаво доловувајќи го сфаќањето дека јазикот е жива материја (лично, на пример, не ми пречи изразот „имај убав ден“ / “have a nice day”). Но понекогаш, исто така, се користат и погрешни зборови, a тие несвесни преводи водат до брутално осиромашување, упростување и, во крајна линија, запоставување и непознавање на сопствениот јазик.
Следува мал избор од 13 извадоци од различни романи објавени во минатата 2020 година, кои помалку или повеќе очигледно сведочат за „глобалниот империјализам“ на англискиот јазик. Некои од овие изрази се прифа-тливи, некои укажуваат на можни варијации на изразите што се веќе вгнездени во македонскиот јазик, но некои се гротескно погрешни.