Заедница

Поглед наназад, резиме, исход: десет промени во работата и во ликот на Друштвото на писателите на Македонија од 1.6.2024 до 30.5.2026

Друштвото на писателите на Македонија во минативе две години мина низ значителни промени: и во начинот на работење, но и во изгледот на просториите. Спротивно на очекувањата на многумина, а и спротивно на моите лични очекувања, кои од една страна го имаа пред сè предвид личното неискуство со раководење институции од културата, а од другата страна не беа сосема свесни за моќта на љубопитноста, на креативноста и на вербата во заедничкото работење, па не се осмелуваа да одат подалеку од одржување на основното функционирање на институцијата. 

Две години и два месеци по почнувањето на мојот мандат како претседател на Друштвото, и два месеци по неговото завршување, овие денови, кога ги правиме последните примопредавања на раководството, ми се чини пригодно да се потсетам на изминатиот период и направам една сосем лична „топ десет“ листа на промени за коишто сметам дека би можеле да бидат инспиративни, или во најмала рака да бидат повод за разговор.

Оваа „топ десет“ листа ги изоставува активностите пред Собранието на 1.6.2026 г., пред сè изготвувањето единствен регистар на членови на ДПМ и нивни контакти. Потоа, ги изоставува и сите настани во изминативе две години (околу педесет) организирани во ДПМ и на други места, понекогаш во соорганизација со други институции. Го изоставува и „Стожер“, и напредокот кај решавањето на имотно-правната состојба на ДПМ, и ред други прашања. За некои од тие прашања може да се прочита во годишните наративни извштаи за работата на Друштвото на писателите.

10. Средување на просториите во Друштвото

Уредноста на просториите во кои работи Друштвото е нешто што треба да се зема здраво за готово. Присуството на проекторот и на платното, односно можноста Друштвото да функционира како кино-сала, исто така би требало да биде дел од вообичаеното работење на Друштвото. По овие две години, ДПМ има и средена претседателска канцеларија, како и канцеларија за техничкиот секретар на Друштвото. Сепак, останува простор и за други ангажмани на овој план. Една од можностите која беше во план е изработка на попис на богатиот книжен материјал во Друштвото: зошто ДПМ да не функционира и како библиотека?

9. Дигитализација на работењето на Друштвото на писателите

Дигитализацијата, односно работењето на Управниот одбор на Друштвото преку Zoom состаноци, исто така треба да се зема здраво за готово. Но, она што можеби го издвојува Друштвото на писателите од другите еснафски здруженија од овој тип во нашата земја е успешното спроведување на редовното годишно Собрание (17.5.2025 г.) на членството, и пред сè редовното изборно Собрание (30.5.2026 г.), каде мнозинство од 140 активни членови на Друштвото избра ново раководство на нашата писателска асоцијација со гласање во живо, во просториите на ДПМ, но исто така и со гласање по електронски пат.

8. Исплата на над 1.500.000 денари на членовите на Друштвото

Одржувањето на работата на Друштвото на писателите (како и на која било друга институција), неизбежно треба да води до финансиска награда за оние што се вклучени во тоа работење. Она што може да се заклучи од финансиски извештаи за работата на ДПМ, по крајот на 2025 г. Друштвото остварило добивка од околу 160.000 денари. Сепак, поинтересна е бројката со расходите: во овие две години, ДПМ има расходи од речиси 3.000.000 денари. Половина од таа бројка, односно околу 1.500.000 ден. се хонорари за членовите на ДПМ и за нивните активности во Друштвото: учество на конкурси, учество во жири-комисии, на настани во ДПМ…

7. Доделени 19, исплатени вкупно 23 награди на ДПМ

Како и уредениот простор, дигитализацијата и исплатата на хаонорари за членството, така и  редовното доделување на  книжевните награди е дел од вообичаената работа на Друштвото. Освен „Книжевен жезол“ за 2025 и 2026 г. и возобновената „Даница Ручигај“ за 2025 г., во изминатите две години, беа доделени по пет годишни награди на ДПМ за 2024 и за 2025 г., но беше спроведен и конкурсот за годишните награди на ДПМ за 2023 г. Најпосле, беа исплатени и четирите годишни награди за 2022 г., кои беа веќе врачени од претходното раководство на ДПМ.

6. Соработка со 16 институции од културата во Скопје и низ Македонија

Новитет во работењето на Друштвото на писателите во изминатите две години беше отпочнувањето соработка со повеќе институции од културата: пред сè во Скопје, но исто така  од другите градови во Македонија. Ова значи  конкретни придобивки и поттик за активното членство на Друштвото на писателите на Македонија, но исто така значи и потенцијални придобивки за книжарниците, театрите и Националната опера и балет, на кои им се отстапува простор за промоција на нивните активности, проекти и производи на страниците на „Стожер“, ревијата за уметност, книжевност и култура на Друштвото на писателите на Македонија.

5. Основање на едициите „Амаркорд“ и „Даница Ручигај“

Претходниот Управниот одбор на ДПМ донесе одлука да ја објави книгата „Амаркорд – сеќавања на некои од ветераните на македонската книжевност“, во која се поместени 21 расказ од исто толку автори: текстови пишувани во истоимената рубрика во „Стожер“ од 2018 до 2022 г. Сега во тек е подготовка на „Амакорд“ бр. 2, за 2026 г.

Исто така, УО направи измени и кај наградата „Даница Ручигај“, која од 2014 до 2024 г. девет пати беше доделена на авторка, за веќе објавена збирка песни. Во 2025 г. УО на ДПМ за првпат ја додели „Даница Ручигај“ на поетски ракопис, потоа објавен и како стихозбирка: „Ткажалки“ од Александра Јуруковска.

4. Култура на паметење: грижа за ликот и делото на македонските писатели

Една промена во работата на Друштвото на писателите што секојдневно позитивно влијае на одржувањето на културната и книжевната меморија преку славење на споменот и на творештвото на нашите книжевници е одбележувањето родендени на автори што не се веќе меѓу нас преку споделување нивни фотографии, кратка биографија и извадок од нивните дела: песни, романи, раскази… Континунираната грижа за книжевната и културната меморија и постојаното актуелизирање на творештвото на авторите е една од главните причини за самото постоење на Друштвото на писателите на Македонија.

3. Архива од 700 документи од работењето на ДПМ

На оперативен план, убедливо најважната новост во работата на Друштвото на писателите е тоа што новото раководство на ДПМ како наследство добива уредна Архива, во хартиена, но и во дигитална форма, која содржи 700 документи (PDF и DOC) кои биле скенирани, пишувани и собирани во текот на изминатите две години. Документите (правилници, договори, изјави, оперативни планови, извештаи, фактури, дописи…) се распределени во 7 големи регистри и во 1 ексел документ, преку кој лесно можат да бидат пребарувани, а потоа и отворани, копирани и обработувани. Освен Архивата, тука се и 30 усвоени записници од седниците на УО (12 во 2024 г., 26 во 2025 г., 3 во 2026 г.)

2. Инклузивноста како категоричен императив

Една промена во работата на Друштвото на писателите на Македонија, каде грижата како концепт ја надминува сферата на книжевноста и културата и станува грижа за целокупното општество е заложбата на ДПМ да овозможи Друштвото на писателите да биде пристапно за сите, вклучувајќи ги и лицата со попреченост. Благодарение на штедрата помош на ава Пимен и пријателите, ДПМ е снабдено со транспортер за колички за попреченост, со што Друштвото на писателите на Македонија станува пример за грижа за сите граѓани: пример кој би можел да биде следен и од другите државни и културни институции – не само во Скопје, туку и во другите градови низ земјата.

1. Усвојување правилници за работењето на органите и на телата на ДПМ

Како најважна промена во работењето на ДПМ, како бр. 1 на оваа „топ листа“ од десет промени, повторно се наоѓа нешто што би требало да биде земано здраво за готово: работата според правилници усвоени од Раководството. Регулирањето на работењето со правилници е од пресудна важност за транспарентен и успешен тек на работата. УО на ДПМ од 1.6.2024 до 30.5.2026 г. усвои вкупно 13 правилници (деловници, етички кодекс…) кои се достапни на веб-сајтот на ДПМ, и кои гарантираат транспарентност во работата и еднакви можности за сите – а тоа е пресудно за праведно, мирно и успешно работење: како на ДПМ, така и на секоја друга институција.

* * * * *

За крај, две забелешки.

Нешто што не може да се мери ни во милиони, ни во стотини ни во едноцифрени бројки, нешто од непроценлива важност не само за членовите на Друштвото, туку и за другите во контакт со него, е уникатната улога што Друштвото ја има во нашиот непрекинлив (личен и заеднички) духовен раст и во можноста за постојано себеусовршување: тоа е таа „огледална“ вредност на Друштвото на писателите, неговата често „непријатна“ улога да ни ги предочува личните недостатоци: и заедно со тоа можноста (потребата?) да работиме на зголемување на сопствената храброст, од една страна, или, од друга, на потребата да се откажуваме од себичноста и од склоноста кон себепровинцијализација.

По внатрешната консолидација на Друштвото и по остварувањето соработка со институции од главниот град и од земјата, на Друштвото на писателите на Македонија му претстои предизвикот да ги возобновува врските со други пријателски земји. Ова меѓународно поврзување е особено значајно во пресрет на одбележувањето на јубилејот: 80 години од основањето на Друштвото на писателите на Македонија – 1947-2027.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *