Книжевност

Пет погледи кон бунтот и кон иднините на бунтовниците – низ призмата на пет македонски прозни дела

„Мојот непријател Итар Пејо“ од К. Малеска, „Сè уште можам нешто да сторам“ од Ф. Пармаковска, „Пиреј“ од П. М. Андреевски, „Диво месо“ од Г. Стефановски и „Проникнување“ од о. Д. Нинов и С. Трпкова

 

1. 

Носечкиот расказ во збирката од Калина Малеска е вешто спакуваната приказна за мариовецот Итар Пејо и за нараторот, кој е вториот главен лик, сожител на Пејо. Третиот важен лик е туѓинецот Марин, дојден во Мариово со намера да ги запише приказните. Резиме: Итар Пејо, живото олицетворение на малограѓанството и на измамата, е подлиот непријател на нараторот, кој е гласот на разумот и на солидарноста во Мариово. Но, нараторот, кој од некоја причина го изгубил своето име, не може повторно да открие како се вика, и покрај сите напори што ги вложува, уште од првата реченица во расказот. Конечен исход: по сите измами и по сета нанесена штета, Итар Пејо триумфира среде пропаста, а нараторот е очаен, но сè уште се надева дека ќе си го дознае името. „Прочитај ми ги“, му вели на Марин, мислејќи на запишаните приказни. „Марин ми е благодарен. Јас сум единствениот што се заинтересирал да ги чуе приказните, ми вели.

Марин ми ги чита приказните: за барата што на Итар Пејо и рибарите им послужила како рибина чорба… […] …за дождот и идејата на Итар Пејо селаните да го запалат целото сено за да ги растераат облаците… 

Марин ми ги чита сите овие приказни – а јас сум избришан од секоја од нив. Итар Пејо е мојот непријател, но изгледа дека јас не сум неговиот. Не сум доволно впечатлив да постојам дури ни како противник на Пејо. Моето име е отсутно од сите приказни за Мариово.“

2.

На почетокот од романот „Сè уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска, нараторот се сеќава на дедо си Санде, „сертифициран магионичар“ и си споменува: „ми раскажуваше за патувачките авантури од младите времиња и настапите од најаразличен тип – од паркови и други отворени сцени, салонски родендени и разни прослави, но и во Друштвото за применета магија од кое дедо ми се имаше разочарано и оддалечено многу години пред јас да се родам, односно пред да се родат мајка ми и вујко ми. ДПМ се наполнило со луѓе што не биле достојни за професијата што ја претставуваат, но главната причина била што тој, на извесен начин бил прогонет од таму и иако не зборуваше за тоа, успеав низ годините понатаму да поднаучам дека имало некаква врска со тогашните политичари кои го третирале друштвото како нивен терен за пропаганда, на што Санде, со уште двајца-тројца колку што останале од првичните два-триесет иницијатори, им се спротивставил.

Па така, него го немаше во нивните истории, простории и разни антологии, но дедо ми го помина целиот остаток од животот со магијата како нераскинливо сраснат дел од него.“

* * * 

Точката во која се пресекуваат двата светови, оној на расказот „Мојот непријател Итар Пејо“ и оној на романот „Сè уште можам нешто да сторам“ е очигледна: во ситуација во која се заканува неправда, дрскост, насилство,  незаинтересираност за доброто на заедницата; се појавува индивидуа (нараторот во „Мојот непријател Итар Пејо“ и дедото Санде во „Сè уште можам нешто да сторам“) која пружа отпор за да го заштити општото добро, и на крај таа индивидуа доживува не само пораз, туку и целосна пропаст, комплетно бришење: „Моето име е отсутно од сите приказни за Мариово“ (нараторот од Мариово), и „него го немаше во нивните истории, простории и разни антологии“ (за Санде од ДПМ).

Во овие две приказни, двата наратори имаат идентичен однос кон неправдата, бунтот и револтот: оној што ќе се осмели да се спротивстави на дрскоста и на силеџиството („Итар Пејо“), односно окој што ќе се осмели да се спротивстави на групните обиди за злоупотреба на општото добро („луѓе што […] го третирале друштвото како нивен терен за пропаганда“) – тој ќе заврши исклучен, избришан, заборавен. И расказот, од една страна, и романот, од друга, го водат читателот до истото поразително предупредување: доколку се осмелиш да им пружаш отпор на агресивните и на претерано амбициозните во нивните намери и доколку се обидеш да дејствуваш за општо добро, тоа не само што нема да биде ценето, туку тоа ќе доведе и до твојата пропаст, до целосно исклучување. Или, кажано со зборовите на оној седиментиран израз, во добра мера прифатен како категоричен императив, народна мудрост со легитимност и непобитност на природен закон: „будалите гинат за идеали“. Значи (навраќајќи се на насловот од овој наш текст) во пресрет на иднината, човек најдобро да не им пружа отпор на агресивните и на претерано амбициозните лица, затоа што тој пркос ќе однесе до разочарување (дедо Санде „не зборуваше за тоа“), до погибел и до заборав.

3.

„Пиреј“ од Петре М. Андреевски е романот за истрајноста на македонскиот народ. Во делото, објавено во 1979 г., се опишани премрежијата на едно македонско семејство во текот на балканските и на првата светска војна. Романот завршува со страшни загуби за семејството, но исто така и со раѓањето на Роден Мегленоски, кој ја симболизира непокорот, иднината, континуитетот на животот. Во еден типично романтичарски наратив, се прославува нацијата и нејзината истрајност, како „пиреј“: „троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“ Сред невремето на историјата, нацијата е претставена како жилава и неуништлива – беспрекорна манифестација на отпор пред лицето на неизвесноста. Беспоговорен оптимизам и верба во претстојниот живот, кој е Роден.

        4.

Помеѓу дефетистичкиот, песимистички, обесхрабрувачки поглед на „Мојот непријател Итар Пејо“ и „Сè уште можам нешто да сторам“, од една страна, и бајковидниот, епски оптимизам и пркос на „Пиреј“ од друга страна, интересно е погледот да се сврти кон едно трето дело и кон визијата што тоа ја нуди за иднината. Помеѓу двете дела, од К. Малеска и Ф. Памаковска, кои пренесуваат една негативна слика во која бунтот е поразен, од една страна, и романот од П. М. Андреевски, во кој се прикажува бескомпромисен триумф на бунтот, пригодно е да се спомне пиесата „Диво месо“ од Г. Стефановски. Пиесата завршува со буквалната, материјална пропаст на домот на семејството Андреевиќ во Скопје. Клучна е последната сцена, во која Вера, сопругата на келнерот Симон (човекот што од првата сцена на пиесата ја моли својата жена да му роди дете) стои среде разрушената куќа, веќе подолго време отсутна, исклучена; стои како змаена, сега со целосно изгубен поглед. Се држи за стомакот и, како последна реплика од пиесата, вели: „Мислам дека му го слушам срцето“.

Она што особено придонесува кон тоа „Диво Месо“ да биде извонредно уметничко дело е амбивалентноста на крајната реплика, по која читателот на пиесата, или гледачот на претставата, и самиот е оставен во бунило, со прашања: „Полуде ли жената, најпосле, по сите притисоци и немоќ? Или успеа, најпосле, оваа Вера (nomen est omen, секако) да им испркоси на болката и на несреќата, за да триумфира бунтот, и да се роди толку посакуваниот „Роден“?

* * * 

Раскошот на „Диво месо“ се состои во таа амбивалентност, во двозначноста на крајната реплика. Со овие зборови на Вера, кои се подаваат на различни интерпретации, секој може да биде и задоволен и незадоволен. Ако си дозволиме да зборуваме за лични „преференци“, јас би морал да речам дека ова дело мене „најмногу ми се допаѓа“. Затоа што оваа последна реплика ги прави сите „среќни“: и оптимистите и песимистите – и оние што веруваат во Роден, и оние што веруваат во лудилото на Вера. Оваа ситуација потсетува на едни други зборови на Горан Стефановски, кои одат (помалку или повеќе) вака: „моите пријатели знаат дека ми е добро, и се радуваат за мене. Моите непријатели мислат дека ми е лошо, па и тие се среќни. Како Дедо Мраз сум, сите ги правам среќни.“

Спореден со ваквиот исход на „Диво место“, крајот на „Пиреј“ е бездруго досаден: таму триумфира македонштината; по сите црнила, најпосле сепак триумфира Роден Мегленоски, тоа е тој „пиреј“ што не дава да биде искорнат… Не е оставен простор за неуспех: Роден е роден. Од друга страна, пак, страшна е неизвесноста што ја носи телото на Вера Андреевиќ: тоа е како упорно стоење на раб. Но, Роден е јасна и недвосмислена порака на триумф, цел свет можности свртен кон иднината.

Споредени со богатството на „Диво месо“, крајниот исход на „Мојот непријател Итар Пејо“ и на приказната со дедото Санде во „Сè уште можам нешто да сторам“ се подеднакво „досадни“ како и „Пиреј“: со таа разлика што во овие две дела триумфираат потиснатоста, стравот, поразот и исклучувањето, преовладуваат намерите на снаодливецот и на насилниците. Сè е јасно и недвосмислено: иднината и тука, како и во „Пиреј“, е очигледна: на оној што им пружа отпор на снаоѓачите и на узурпаторите, загарантирани му се поразот, исклучувањето, избришаноста и заборавот, и тука нема ни сенка од можност за поинаква интерпретација, не е оставена ни подотворена врата кон инаква иднина.

       5.

Отаде ваквите перцепции на иднината на пркосниците како просто „победничка“ („Пиреј“), како неизбежно губитничка („Мојот непријател Итар Пејо“, „Сè уште можам нешто да сторам“) или како победничка и губитничка истовремено („Диво Месо“), последното поглавје од овој текст е за книга што ја трансцендира дихотомијата „победничка/губитничка (иднина на бунтовниците)“ и отвора нова димензија, во категорија која може да се нарече „вистинита“, или „автентична“. Се работи за место во кое нема ни „победа“ ни „пораз“, туку надразумна логика и – подлабока смисла. Ова одлично го доловува Џелалудин Руми, кој во една од своите песни пишува за неговата „посебна полјана“: „Над мислите за дела добри и зли / послана е една полјана. / Ќе се сретнеме таму.“

На самиот почеток од епистоларната книга „Проникнување“, о. Давид Нинов на својата собеседничка Синоличка Трпкова ѝ пишува писмо во кое ја спомнува и иднината:

„…Се шетав на блискиот рид… […] Штом стигнав до врвот, изумен, ме обзема некаков божествен ерос и почувствував дека го љубам целиот свет и сите луѓе, без исклучок. Верувам дека најголемиот број луѓе го делат истото чувство.

Мислам дека сосема малку се нажалостувам кога ќе ми помине трепетното внатрешно настроение и, всушност, тогаш почнувам да зборувам. Ќе речам по нешто неповрзано, се повторувам, веројатно предизвикувајќи здодевност; но, што да правам, тоа се случува бидејќи и додека зборувам, без престан се сеќавам на иднината, на мигот кога големиот Ерос ќе ме грабне и нема да ме остави.“

* * * 

Во однос на прашањето за „бунтот“ и за поимањето на иднината, збирката писма „Проникнување“ од отец Давид Нинов и од Синоличка Трпкова има најрадикална, па дури и субверзивна позиција. Ова е насловот што целосно ги менува и ги дополнува правилата на игра, затоа што со она „сеќавање на иднината“ раскажувачот му додава нова димензија на „мегданот“ на кој се наоѓаат четирите претходно спомнати прозни книги: ова навидум противречно „сеќавање на иднината“ што ја оприсутнува таа иднина всушност триумфира, затоа што со тоа „сеќавање“ веднаш се трансцендира и се анулира можноста/потребата за каков било „бунт“. Секој можен конфликт е виден како најобична привремена заблуда: ова дело нè води на онаа „посебна ливада“ на Руми на која се среќаваме, на која веќе нема ни „победници“ ни „губитници“, нема ни „оптимисти“ ни „песимисти“. Тоа е место на кое сите поларизации се надминати, и она што останува е само чистата свест за нештата, сведочењето и прифаќањето, со љубов и со длабоко разбирање, со радост и  пред сè  со верба: во себе, во другите, во животот, во сè.

Автор на текстот: Живко Грозданоски, писател, преведувач, поет, водич по креативно пишување и актуелен прет-седател на Друштото на писателите на Македонија. Автор на десет книги, по-меѓу кои две наградени книги за деца. Двоен финлист за наградата „Роман на годината“ на фондацијата Славко Јаневски.

Грозданоски е актуелен со послед-ната збирка кратки-кратки раскаив, насловена индикативно „Каза сепија, со мастил правам место за себе во светот“ Книгата е издание на „Булевар Ослободување“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *