За границите на слободата кај книжевниот превод
Пред нешто повеќе од три недели, на 23, 24 и 27 јуни, во дворот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, по иницијатива и во организација на издавачката куѓа „Готен“ се одржа „Преводот како движење меѓу културите“, настан посветен на книжевниот превод. На вториот ден од настанот, покрај преведувачката работилница, разговорот на модераторот на настанот (Владимир Јанковски) со преведувач (Иван Шопов) и обраќањето на преведувач/издавач (Роберт Алаѓозовски), беа предвидени и кратки излагања на преведувачи од англиски јазик (Калина Малеска и Милан Дамјановски) и на преведувачи од сферата на романистиката (Ирина Бабамова од француски јазик и Живко Грозданоски, од италијански).
„Шест предлози за млади книжевни преведувачи“
Со оглед на тоа што главна публика на настанот беа дваесетината учесници во преведувачките работилници (студент(к)и и/или млади преведувач(к)и), решив да направам преглед на белешките од моите два последни преводи од италијански (книги за деца: „Три случаи за детективот Виксон Чудински“ од Лука Донинели и „Пред да падне ноќ“ од Силвија Векини, издание на Батапрес; 2022 и во печат). Паралелно, се сетив и на поранешни работилници со млади преведувачи и на некои од грешките што најчесто ги сведочев. На крај, извлеков шест поенти, шест „предлози“, како материјал за дискусија. Првите пет од нив се ставови за кои верувам дека повеќето книжевни преведувачи би се согласиле без премногу дискусија:
1. Преведувачот може да направи обид да се обрати на авторот на делото или на издавачката куќа и да побара појаснување на дел од оригиналот, за да дојде до што посоодветно решение.
2. Стилот e високо над правописот. Стилот е огледало на очудувањето, на уметноста. Правописот е неопходната рамка, цврстиот чист терен на кој треба да се копаат дупки: ако тоа го налага играта.
3. Стилот е високо над примерноста на ликовите и нараторот. Преведувачот не е тука за да ги направи ликовите и нараторот „попристојни“.
4. И ВИ може да биде полезна при преведувањето. Chat GPT, ChatSonic, итн. можат да дадат предлози што макар делумно (синтакса/лексика) можат да придонесат за доаѓање до што посоодветно решение.
5. Нешто што се зема здраво за готово, но секогаш е полезно потсетување: ако може да се вложи повеќе напор, во потрага на поприкладен збор, посоодветна рима… вреди тој напор да биде вложен. Да се контактираат други преведувачи, професори, занаетчии, итн.; да се истражат можни варијанти: синоними, парафрази, итн. Добриот превод е пред сè прашање на вложен напор/време. (Се сеќавам на грешките во моите преводи и точно знам каде не сум вложил доволно напор.)
* * *
Главната причина за постоењето на овој текст е шестата точка, која освен тоа што ги третира деликатните теми на авторството, на уредништвото и на границите помеѓу нив, е исто така и актуелна, во дослух со глобалните општествени трендови (поточно, со општествените трендови што го засегаат пред сè Западот):
6. Преведувачот е исто така и автор што создава ново дело (или нов „поживот“ на старото дело), па оттаму може да предложи и посуштински („уредички“) промени, т.е. отстапки од оригиналот; промени кои би можеле да бидат внесени само со одобрение на уредникот.
Јавните тоалети и какушките од кучињата во градскиот парк
Вака како што е запишана погоре, точка 6 не кажува ништо посебно. Затоа, следи примерот („Три случаи за детективот Виксон Чудински“) врз кој беше базирана оваа теза.
Оригинал:
Контекст и превод: по кражбата на харингите од страна на злобните Милтон Бобит и Роџер А.К.Б., Кралицата на Англија му се јавува на Началникот Френк Фелике и без многу формалности му вели (буквален превод): „Или ќе ги вратиш нашите харинги или ќе те ставам да ги чистиш јавните тоалети. Разбра?“
Кралицата од Англија му се заканува на Началникот дека доколку не ја заврши работата, ќе биде казнет со тоа што ќе биде поставен на друго работно место: чистач на јавни тоалети. На овој начин, преку ликот на Кралицата, работната позиција хигиеничар (во јавни тоалети) се претставува како непожелно работно место, место на кое човек може да се најде под казна. Со други зборови, исказот на ликот на Кралицата врши стигма, понижување на конкретното работно место, а со тоа и на сите оние што (независно од причините), се наоѓаат на позиција да се грижат за чистотата на јавните тоалети.
Постојат работни позиции кои поради разни причини (лоша инфраструктура и работни услови, ниско ниво на колективна свест…) веќе се подложени на општествена стигма: од страна на личности што се на други, „поугледни“ работни позиции, и/или од страна на самите вработени, кои ја имаат наследено/интернализирано стигмата. Искази како оној на ликот на Кралицата се проблематични затоа што наместо да ја деконструираат постоечката стигма, тие ја потврдуваат, па на тој начин ги перпетуираат и ги зацврстуваат негативните стереотипи и штетни сфаќања.
Читајќи ја внимателно книгата во текот на преведувањето, подзастанав на ова место: непоканета, во мисли ми дојде слика на родител, личност вработена како хигиеничар/ка во јавен тоалет, како со своето дете ја чита „Три случаи од Виксон Чудински“. Читајќи, родителот и детето доаѓаат до спорното место, и детето е ставено на позиција да го поистоветува ликот на Началникот со својот родител. Следат прашања од детето: дали и тој, неговиот родител, под казна работи како хигиеничар? Дали, ако биде лошо, и детето ќе мора да ја работи истата работа? Дали…
Откако го завршив преводот, на уредникот му ги образложив своите мисли и му го предложив следниот превод на спорната реченица: „Или ќе ги вратиш некако харингите, или ќе те ставам да ги собираш какушките од кучињата во градскиот парк. Разбра?“
Ни ова „решение“ не го „решава“ сосема проблемот, но професијата „собирач на кучешки какушки“ не постои, па затоа комичниот ефект го надвладува веристичкото чистење на јавните тоалети. Освен тоа, на овој начин на младиот читател му се отвора нова, забавна и воспитна тема: важноста на собирањето на изметот од домашните миленици од јавните површини.
Уредникот искажа разбирање за мојот аргумент и го прифати предлогот да се направи измената. (Негова единствена, прониклива забелешка беше за тоа дека „какушки“ не е од соодветен регистар – негов став беше дека книгата е за повозрасни деца – по што од неколкуте предложени изрази го прифатив „лајнушки“: веројатно затоа што никогаш го немав чуено тој збор).
* * *
Овој случај и тезата бр.6 ги претставив на работилницата во „Буква“ и побарав мислење од присутните. Некој искажа разбирање за одлуката да се избегне штетното перпетуирање на стигмата кон одредени работни позиции, а некој го бранеше авторитетот на авторот на книгата: ако тој одлучил да напише така во својата приказна, тогаш преведувачот нема право ништо да менува.
Најплодниот коментар, сепак, пристигна како изненадување, од еден од слушателите што не беше вклучен во работилницата. Тој направената интервенција ја опиша како „арогантна“. Неговиот аргумент (парафразиран по сеќавање) беше дека „некои професии постојат, и не треба да се сокрива нивното постоење: треба да се знае какви се тие професии, и какво е мислењето на луѓето за нив“. На мојот одговор дека намерата не е да се скрие професијата, туку да се избегне нејзина стигматизација и оставање можност да дојде до навреда кај некои читатели, соговорникот ја поврза интервенцијата во преводот со “woke” „идеологијата“.
Некој од присутните, најпосле, рече дека добро би било да се знае што би рекол самиот автор на книгата за интервенцијата. Веднаш се согласив со предлогот: неколку дена подоцна му пишав на Лука Донинели и му ја образложив ситуацијата. Авторот (кого еднаш веќе го имав контактирано, во врска со името и презимето на главниот лик), одговори дека е совршено согласен со оваа измена.
"Woke" преведувачи: „треба“ наспроти „може“
Толку актуелниот (и толку лефтерно прифаќан и користен) „навредлив“ поим “woke” изискува посебен есеј (особено за да се стави во спрега со други актуени термини од типот на „култура на укинување“ („cancel culture”) и „милост“) но, во нашиов контекст, по примерот со предложената и прифатена (и од авторот и од уредникот) измена, спомнувањето на овој поим, “woke”, отвора некои осетливи прашања: дали книжевните преведувачи *треба* да бидат „будни“ над преводот и „да интервенираат“ во оригиналот, предлагајќи им на уредниците (и на авторите) измени? Но, нели работата на преведувачот е да преведува, а на уредникот да уредува? Ако *треба* да се направи некаква измена, тука е уредникот: тој *треба* да ја предложи таа измена – зошто тука да се меша преведувачот? (Ваков коментар добив и на самата работилница, од страна на еден од учесниците.)
Прашањата се деликатни, но можни одговори на нив би предложил со мало „скршнување“: заменувајќи го опресивниот глагол „треба“ со отворениот „може“. Поконкретно, би рекол дека *може* да се случи преведувачите, кои забележале некоја „некохерентна“* точка во приказната, да им предложат на уредниците измени од ваков тип (во идеални случаи, откако ќе се консултираат со самиот автор – секако, ако е тој достапен – или со првиот уредник на книгата). Секако, преведувачот не е самиот уредник на книгата (или „писател-дух“), и би било неправедно и апсурдно преведувајќи да се „препишува“ цело едно дело полно со дискутабилни ставови („предлог“ бр.3. погоре), но ако *може* да се направи некаква минимална измена што позитивно би влијаела на кохерентноста на содржината и на тонот на книгата, и преведувачот *може* да се консултира и да предложи измена: која потоа *може*, но и не мора да биде прифатена од уредникот. Затоа што, ако целта е една и заедничка (издавање книга што нема да перпетуира стереотипи и да шири стигма), важно ли е дали идејата за измена доаѓа од преведувачот или од уредникот? Секако, и ригидната поделба на обврските и на овластувањата ќе вроди со конкретен плод. Но, резултатот е беспоговорно подобар (а и повозбудлив) кога сите вклучени во процесот се отворени за љубопитност и за дијалог, за размена и за поместување на претпоставените граници на слободата.
*„Некохерентноста“ во текстот (вметнувањето на работната позиција „чистач на тоалети“ како казна за Началникот на полицијата во книгата „Три случаи за детективот Виксон Чудински“) можеби се должи на фактот што авторот (според неговиот личен исказ даден на преведувачот) приказната ја пишувал заедно со група деца, кои давале предлози околу одвивањето на нарацијата. Тука можно е „казната“ за Началникот да била дадена од некое од децата-коавтори, а прифаќањето од страна на авторот да било мал превид, кој довел до оваа некохерентност – затоа што на ниедно друго место во книгата нема некохерентности од ваква природа.
(Ова е дополнување на првично објавениот текст, и се должи на Фејсбук дискусијата на оваа тема.)
Текст на блиска тема: „Што не е во ред со сите околу Пинокио?“ (Калина Малеска, 17.7.2023)