Заедница

За актуелните случувања во ДПМ, за двата статути на Друштвото и за конкретни можности

1.

 Неколку дена по изборното Собрание на ДПМ на 25.11.2023, објавив Фб-објава во која, помеѓу другото, запишав и дека имам намера случувањата во и околу ДПМ во доволна мера да се стишат за да објавам свое видување за нив. Конкретно, очекував во иминативе недела-две од Друштвото да ни бидат испратени ажуриран список со членови, деловник и дневен ред за продолжување на Собранието, закажано за оваа сабота (27.01.2024), за да го искористам тоа како повод за објава. Но, од ДПМ не добивме ништо. Во меѓувреме, своите кандидатури ги повлекоа и Стефан М. и Блаже М., а вчера утро и Иван А. Најпосле, вчера, четири дена пред одржувањето на Собранието, добивме мејл и од ДПМ.

 2.

Собранието на 25.11.2023 не беше успешно (во очекуваната смисла на зборот) затоа што немаше кворум: се појавија вкупно 73 членови, а потребна е најмалку една третина (со моменталниот, непрочистен список на членови, тоа значи дека беше потребно да присуствуваат 96 членови, односно 286/3). Колку за споредба, на Собранието во 2022, кога кандидати за претседател на ДПМ бевме Христо П. и јас, гласаа 104 членови – 56 за Х.П, 48 за мене. На списокот беа потпишани 105 лица. 

Општ впечаток е дека слабиот одѕив на членството на 25.11.2023 се должи на три фактори.

1. (и 2.) Од една страна тука се напорите на претседателката на Собранието околу организацијата: ако вкупниот број членови на ДПМ на изборите во 2022 беше 236, во 23.11.2023 бројот се искачи на 286. Од друга страна, извесен број членови на ДПМ, блиски до издавачката куќа на претседателот во оставка, не се појавија на Собранието. Оттаму, може да се рече дека Собранието беше бојкотирано од раководството.

3. Можеби главниот фактор за не сосема успешното Собрание на 25.11.2023  беше тоа што членството едноставно не беше доволно мотивирано за да се појави и да гласа. Ако на изборното Собрание во мај 2022 се појавија 105 членови, а во меѓувреме (на крајот од 2022) се зачленија уште 9 членови, бројката од 96 требаше да биде лесно остварлива.

3.

За лошата клима околу ДПМ сум одговорен и самиот. Откако се случи раздор помеѓу помладите членови на Друштвото (раздорот, всушност, се излеа и отаде рамките на ДПМ), јас, во миг на немир, на Фб објавив еден текст во кој, помеѓу другото, посочив поранешни раководители на Друштвото за одговорни за создавање раздор помеѓу младите, со цел нивно наводно продолжување на влијанието во ДПМ. Прелест. Заблуда.

Како исход од анализирањето и од обидите да ја расветлам сопствената заблуда, доаѓам во сфаќање дека се работи за два *одбранбени механизми*: прво тука е моето *негирање* (denial), моето неприфаќање на простата, очебијна вистина, која вели: „твојата генерација во случајов не те поддржува, не ги цени напорите, заслугите, и не сака да испрати силна заедничка порака до јавноста, да даде пример, итн…“ Потоа, се работи за моја „проекција“, односно припишување на други она што го има кај мене (и/или кај мојата генерација), а јас „не сакам“ да го перципирам. Јас како да не сакам да верувам (негирање) дека и јас и мојата генерација можеме да паднеме во заблуда и да правиме „заткулисни“ договори едни против други (особено затоа што кулисите се толку тесни и проѕирни), па таа одлика им ја припишувам на најстарите: „не, не сме ние такви, тие се“. (Во крајна линија, и ексклузивното припишување на заблудата кај својата генерација е заблуда: најразумно е да се согледа дека се работи за посложена мрежа од поврзаности, од која не сум изземен ни самиот.)

Во однос на самото извинување: неколку дена откако го објавив текстот, објавив и една-две мои песни во кои се спомнува милост, прошка. Тоа беше така затоа што, независно од односот на другите кон мене, јас се чувствувам обврзан да се водам од личните етички критериуми, кои во одредени случаи налагаат и преумување. Нема човек што не паѓа во заблуда: клучно е таа заблуда да се согледа, да се осветли. Имам разбирање за сопствените заблуди исто како што имам разбирање и за туѓите, затоа што тоа разбирање е единствениот начин да се продолжи на мир, со искрена милост и љубов кон себе и кон другите.

Во овој контекст, ми доаѓа мисла: има причина зошто кафе-книжарницата „Метаноја“, (сосема случајно, токму наспроти седиштето на ДПМ, на „Максим Горки“) се вика „Метаноја“, и зошто нејзиното лого е пеперуга (која до пред малку била гасеница. „Метаноја на старогрчки значи „преумување“. Но, не мора да биде длабоко мистично искуство, „покајание“  и признавањето на сопствената заблуда пред себеси има голема тежина.

Како и да е, видено отстрана, со моите две песни јас (заедно со другарите и со ДПМ воопшто) како да „ја дотепавме“ јавноста. „Еј“, можеби си помислил некој, „оној што со години наназад штедро се вложуваше во Друштвото, се наоѓа во ситуација да објавува песни за милост, прошка?! И тоа откако ’неговите’ се покажаа против него?! Затоа што се трудеше? Па има ли смисла? Кај живеам бре јас? Ма поврага и ДПМ и сè…“ Неколку дена по случувањето со песните, еден пријател ми подари книга, така, без повод. „Ти си добар човек“, рече. Друг пријател, пак, ми рече дека му било драго дека ме видел (како да ме гледа по две години, а не по една недела). Но, којзнае: можеби претпоставија дека мора да сум разочаран од нештата. Мене, всушност, ми беше по малку смешна целата ситуација, но не реков ништо. Во себе, сепак, си помислив: „Боже, колку ги соблазнувам(е) луѓето (колку ги вовлекувам(е) во тага, бес, ’грев’)“. Иако, повеќе верувам дека и таа епизода беше во склад со некоја поголема приказна, чии ликови сме сите.

 4.

Во една ваква, тескобна атмосфера, сигурно многумина од нас си поставуваат тешки прашања: Како да се продолжи? Па добро, вреди ли? Вреди ли да се има Друштво со кое не знаеме да се носиме? Зошто да се има Друштво, кога тоа го вади најлошото од нас? Зошто да се има Друштво, кога тоа е причина за толку заблуда, неслога, расипани односи, поставување грд пример во јавноста и создавање лоша клима воопшто?

Јас останувам убеден дека вреди. Затоа што овие случувања се сериозни можности за лични преиспитувања, толку важни за личната надградба и за нашето учество во заедницата. Сите ние имаме можност да си поставиме сами на себеси најразлични прашања, кои не се лесни, но на кои треба да се обидеме искрено да си одговориме. Прашања од типот: „Постапувам ли на правилен начин?“ „Би постапил(а) ли повторно вака? Се радувам, или или непријатно ми е од начинот на кој постапувам?“ „Би можел(а) ли да зборувам отворено, пред сите, за начинот на кој постапувам?“ „Што значи тоа?“ „Повредувам ли некого со ова како постапувам?“ „Дали постапувам за општо добро, или за доброто на одредена група и поединци?“ „Дали некој ќе биде исклучен?“ „Каков пример им давам на помладите, со начинот на кој постапувам?“ „Како тоа влијае на општата клима?“ „Ги вреднувам ли сопствените напори и напорите на другите, со начинот на кој постапувам?“ „Дали имам исклучено некого, на некој начин, па ја немам неговата поддршка?“ „Треба ли да барам поддршка од другите, имајќи предвид каков беше мојот досегашен однос кон Друштвото?“ „Треба ли да поддржам други, имајќи предвид каков беше нивниот досегашен однос кон Друштвото, и кон мене?“ „На што се должи мојот (не)успех?“ „Можеби треба да се биде построг, пожесток?“ „Можеби треба да се биде помек, посмирен?“… Најпосле, тука се и најважните прашања: „Штом можам да направам сега?“ „Можам ли да се премислам за некои сфаќања и некои начини на функционирање?“ „Навистина ли е најдобро да се држам понастрана од сè, или можам да укажам внимателно на нешто, да посоветувам, да забележам, да поддржам?“

И поради ваквите прашања, и поради вербата во човекот искрено да си одговори на нив, јас сум убеден дека вреди да се верува во ДПМ. Токму затоа што ДПМ ни ги нуди ваквите прашања. Без ваквите прашања и без стремежот за заедништво какво што е ДПМ (во кое „моќта“ е *од-лична*, и треба да се менува на секои две години), ние би кренале раце од себе како заедница, и би ѝ се препуштиле на очајна расцепканост, на немите напори за групирања и за приближување до оние што имаат некаква, *лична*, парцијална моќ. Со други зборови, би се препуштиле на неискреност, лицемерие и „снаоѓаштво“; во крајна линија, би се откажале од стремежите за лично и колективно ослободување и живот, и би се помириле со меѓусебна зависност и преживување.

ДПМ е скапоцена можност за согледување на сопствените заблуди и заблудите на другите, па оттаму можност за простување на самиот на себе и на другите; можност за надминување и за помирување. Можност одново и одново да согледуваме дека ние не сме само пеперуги, туку и гасеници, повикани на вечно ослободување, одново и одново. Вчера утро на Фб прочитав една убава песна од Иса: „на светов / чекориме по покривот на пеколот / гледајќи цвеќа“. Во духот на метафората што се наметнува, би се согласил: „на светов / сме гасеници / што сонуваат да бидат пеперуги“.

Затоа сметам дека ДПМ е можност за согледување на заблудите, можност за простување, за надминување и за помирување. Секако, и спротивното е точно: ДПМ е и можност за уште подлабоко да се загази во заблуда, да се биде уште построг, да се осуди, да се урди посилно, да не се прости, да се продлабочи јазот. Но, тука сами се наметнуваат клучните прашања, што на совеста доаѓаат како мелем, или како жар: но, културата, кон која сакаме да придонесеме, што е? „Универзалните вредности“, кои се?

Затоа верувам во ДПМ, затоа што ДПМ е училница по бон-тон, и по демократски манири. На изборите во 2022, ДПМ (преку оние што се стремеа да бидат раководство) му одржа лекција на членството што не се појави на гласањето. Лекцијата беше: „Секој еден глас се важи, твоето присуство прави голема разлика“. На изборите во 2023, пак, ДПМ (преку членството што не се појави на гласањето) ни одржа лекција на сите што се стремевме да бидеме раководство. Лекцијата беше: „Моето присуство и мојот глас треба да се заслужат, а се заслужуваат со работа и со почит. Со радост и со смеа. Кај ви е радоста, кај ви е смеата?“

5.

Кога се кандидирав за претседател во ноември 2023, објавив дека „се наоѓам во неочекувана трка“, затоа што „војната е добиена“, „ДПМ е извлечено на брег“ а тоа се гледа кај „отсуството на поларизираност“. Кога ја повлеков кандидатурата, пак, објавив дека – и покрај односот на другите кон мене, и покрај сè – ќе го поддржам Собранието, и дека „верувам“ дека членството ќе се собере во доволен број, па сè ќе помине мирно, и ќе се дојде до конечна разврска. Повикав на гласање, и самиот бев присутен на Собранието. Но, Собранието не беше успешно (во очекуваната смисла на зборот), а причината за тоа беше токму тоа што *немаше поларизираност* помеѓу кандидатите. А токму таа поларизираност е клучна за успешно Собрание.

Кога ја повлеков кандидатурата, го повторив тоа дека сметам дека „ДПМ е на брег“, затоа што „надмината е поларизираноста“. Спомнав и дека ќе бидам тука за проектите на ДПМ, но ќе се посветам и на мој личен ангажман. Кога бев прашан од новинар да дадам изјава зошто ја повлекувам кандидатурата, мојот одговор беше: „пишува во мојот Фб-статус“, но се инсистираше на изјава, а јас го повторив истото: дека „ДПМ е на брег“, дека „надмината е поларизираноста“, и верувам дека моменталните кандидати ќе ги направат потребните реформи. А јас ќе се посветам на мојот личен ангажман. Но, од сето тоа, новинарот рече дека ќе го земе тоа со личниот ангажман.

Кога уште еден од кандидатите ја повлече кандидатурата, месец и пол подоцна, во новинарскиот прилог за тоа прочитав дека „кандидатурите [веќе] ги повлекоа Гоце Ристовски. и Живко Грозданоски. Ристовски, поради разединетост во Друштвото, а Грозданоски, поради друг ангажман.“ 

Ова со повлекувањето „поради друг ангажман“ е неточно, па оттаму и неправедно, затоа што остава впечаток на себичност, негрижа, и во крајна линија кукавичлук. Некој со право би се прашал: „Чекај, тој што од пркос ја почна целата оваа приказна, пред две години, кога можеше ДПМ комотно да си пропаѓа и да станува уште поневажно, сега се повлекува, ’поради сопствен ангажман’, и ги остава другите во хаос? Како, ’ги навлекува’ членството и јавноста во битка за *општо добро*, а потоа дезертира и се занимава со *личното*?“

Главната причина за моето повлекување беше убеденоста дека „ДПМ е на брег“, дека ќе има успешно Собрание (многумина бевме убедени во тоа), дека ќе следат промени, а јас секако се најдов „во неочекувана трка“. Но, новинарскиот прилог не ја пренесува главната причина и создава негативна слика. (Исто како што ја изостава и главната причина за повлекувањето на кандидатурата на Гоце Р., кој во Фб-статус забележа дека неговото повлекување се должи пред сè на бирократски превид: едно лице не може да биде претседател на две здруженија – а тој веќе е претседател на едно.) Можеби треба да зборуваме повеќе и за важноста на начинот на кој новинарите ги срочуваат текстовите (и ги монтираат видеата).

Во однос на поларизираноста на членството: се покажа дека таа постоеше, но беше „замаскирана“: „тактиката“ на раководството во заминување беше бојкот на Собранието (и, патем, поттикнување раздор и општо незадоволство). Бојкотот успеа.

6.

Се добива впечаток дека Друштвото на писателите на Македонија никогаш не се наоѓало во подлабока криза. И токму во овие услови, во кои се зборува за конечен „распад“ на ДПМ, за „ќор-сокак“, за „безизлез“… ситуацијата навидум уште повеќе се усложнува со филмското откривање на фактот дека во ДПМ постојат два статута: „еден пред законот, другиот за членовите и јавноста“.

Велам дека ситуацијата „навидум“ уште повеќе се усложнува, и тоа е главната поента од овој долг текст. Затоа што она што изгледа на усложнување, може всушност да биде видено како *катализатор* за неопходните и неминовни промени во Друштвото. 

Но, најпрво важно е да се расчистат нештата со двата статута.

ДПМ во последните петнаесетина години функционира според Статутот од 2009 година, кој е на општ увид, и може да се симне од веб-страницата на Друштвото.

Во Централниот регистар, од друга страна, се наоѓа Статут на ДПМ усвоен на 02.09. 2011 година. Тој статут е исто така достапен на секој оној што ќе го побара (и ќе плати околу 250 денари), независно од тоа дали заинтересираниот е член на Друштвото или не е. Го приложувам статутот од 2011 на увид (со некои забелешки и подвлекувања).

 

7.

По внимателно разгледување и споредување на двата статути, очигледно е дека помеѓу статутот од 2009 и оној од 2011 има извесни разлики. Подолу се наведени шест, за кои имам впечаток дека најмногу влијаат на начинот на работа на Друштвото.

7.1.

Статутот од 2011 предвидува мандати на органите и телата на ДПМ во должина од по две години, а не по четири, како што предвидува Статутот од 2009 год.

7.2.

Во Статутот од 2011, „Претседател на Собранието“ е исто што и „Претседател на Зружението (ДПМ)“, односно позицијата „Претседател на Собранието“ не постои (како што, впрочем, било пракса и во првите четири-пет децении од постоењето на Друштвото). Ова е највоочливо во Чл.24 од Статутот од 2011, според кој: 

Надлежности на Собранието се: […] организира и одржува избори на секои две години за избирање на:

– Претседател на Собранието и на Здружението;

– Членови на Управниот одбор

– Членови на Надзорен одбор

7.3.

Согласно Статутот од 2011, Управниот одбор се состои од 6 членови (+ Претседателот = 7), а не како „Претседателството“ во статутот од 2009, кое содржи 9 членови (+ Претседател на ДПМ + Претседател на Собранието на ДПМ = 11).

7.4.

Статутот од 2011 предвидува „Потпретседател на ДПМ“, позиција на која се назначува некој од членовите од Управниот Одбор (односно „Претседателството“)

7.5.

„Собранието на Здружението врз основа на предлог-листата за кандидатури поднесена од Претседателот, со гласање прави избор на членови на Управниот одбор“ (член 30 од Статут од 2011), додека согласно статутот од 2009 (Член 25), „листата за кандидати за претседател и за членови на Претседателството ја утврдува Собранието со јавно гласање.“

7.6.

Според Статутот од 2009, ДПМ можат да го застапуваат Претседателот на Друштвото, како и Претседателот на Собранието. (Иако, според консултираните правници, правниот субјект Здружение може да биде застапуван само од едно лице.) Според Статутот од 2011, ДПМ може да биде застапувано само од Претседателот на Друштвото.

 

  * * * 

 

   Се добива впечаток дека Статутот од 2011, за разлика од 2009, овозможува многу полесна работа на Друштвото. (Со исклучок на точка 5 погоре, која ја ограничува демократичноста на избирањето на членовите на Управниот одбор.)  Оттаму, статутот од 2011 може да биде земен како основа за изготвување на идниот статут. (Колку за споредба, и ЗПРМ (Здружението на преведувачи на Р. М.) има Управен одбор сочинет од 7 членови.)

 

* * *

 

8.

Што понатаму? Како да се продолжи, како да се излезе од ситуацијата која се чини толку сложена? Јас не можам а да не забележам една конкретна можност: во интерес на дефинитивно надминување на моменталната состојба, се чини најразумно веднаш да се прифати и да се стави во употреба единствениот валиден статут на Друштвото, односно статутот кој се наоѓа и во Централниот регистар, од 2011 година. Тоа значи дека следното изборно Собрание ќе треба да се одржи согласно начелата што овој валиден статут ги налага. Поконкретно, тоа значи дека, 

– со оглед на тоа што мандатот на телата и на органите на ДПМ изнесува две години, а двегодишниот мандат на моменталното раководство (претседател во оставка и претседателка на Собрание во заминување) истекува во мај оваа година, 

– со оглед на тоа дека веќе е извесно дека изборното Собрание на ДПМ закажано за 27-ми месецов (оваа сабота) нема да биде успешно,

моменталното раководство треба да организира *редовно* Изборно Собрание оваа пролет. На тоа изборно Собрание ќе треба да се поднесат кандидатури само за Претседател на Друштвото.Кандидатите ќе поднесат и соодветни програми, а ќе треба да се утврди и чачинот на кој кандидатите ќе поднесат „предлог-листа за кандидати за членови на Управниот одбор“. На тој начин, би се дошло до ново раководство и најпосле и конечно би се надминала кризата.

Во Статутот од 2009 год., Член 31 е посветен на Советот на ДПМ, кој е сочинет од поранешните претседатели на Друштвото. Согласно важечкиот статут, ова тело не постои, но независно од тоа, како што е наведено во стариот Член 31, „со цел да се обезбеди континуитет на богатата традиција на ДПМ, на неговиот дигнитет, место и улога во културните сфери“, постои конкретна можност и овојпат да „се формира Совет на Друштвото на писателите на Македонија“, кој согласно став 6 од овој член, „Во исклучителни ситуации […] може да иницира вонредно изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија.“ Со таа разлика што овојпат Советот не би иницирал „вонредно“, туку *редовно* изборно Собрание, а актуелното раководство во заминување би го истерало докрај својот двегодишен мандат 2022-2024. (Без Управен одбор, но сепак).

9.

Се надевам (и верувам) дека пред сè членството, а потоа и книжевната и културната јавност ќе имаме разбирање за актуелната состојба во која се наоѓа Друштвото, па сите ќе дејстуваме конструктивно: ќе ги согледаме конкретните можности, во насока на консолидација на Друштвото и одржување на неговиот континуитет. Најголемиот дел од членовите на ДПМ и јавноста ја сметаат сегашната состојба на Друштвото за крајно неповолна. Но, нештата стануваат веднаш многу различни доколку обелоденувањето на важечкиот статут се согледа и се прифати како можност промените во ДПМ да дојдат на многу полесен начин и побрзо отколку што се замислуваше. Да не беше обелоденет важечкиот статут, ќе се изгубеше време бирајќи ново раководство според стариот статут, а потоа ќе се изгубеше време во менување на стариот статут. Оттаму, сега околностите се такви што јас не само што имам разбирање, туку и сум благодарен за постоењето на новиот статут и за неговото обзнанување. Затоа што она што наликува на безизлез, наместо да води до демотивација и до дезориентираност на членството, може да се согледа и да се прифати како можност Друштвото, со сево ова што му се случува периодов, да биде една успешна и несекојдневно голема и инспиративна приказна.

 

* * * 

 

10. (Бонус точка: насловена и незадолжителна)

Спротивно на ова „несекојдневно голема и инспиративната приказна“, се сеќавам дека неодамна, на неколку места неколкумина забележаа дека случувањата со ДПМ се „најмакедонската“ (или така нешто) работа што може да ни се случува. Ваквото тврдење ме замисли, ми отвори прашања од типот на: Што значи „најмакедонско“? И нели да се рече тоа е една форма на национализам? И зошто „најмакедонско“, а не „најбалканско“, или „најсветско“?) Што е, најпосле, „светско“? Најпосле: Што е од светов (земно), а што е небесно?… Како и да е, сакам искрено да им се заблагодарам на оние што учествуваа во тие дискусии. Затоа што по извесно размислување, дојдов до согледбата дека, кога се работи за ДПМ, може да се имаат три различни пристапи, и дека сите ние, помалку или повеќе, во различни соодноси, ги практикуваме сите три.

10.1

Прво, човек може да тргне со намера *да служи*: да придонесе за подобрување на нештата во Друштвото. А човечката намера да служи е нешто *божествено*. Човек може да биде учител на еден ученик во најзафрленото селце крај границата, но свеста дека *се служи* е она што работата ја претвора во посебна мисија, а тоа е нешто божествено. И тоа е она што, во крајна линија, опстојува.

10.2

Потоа, човек може да тргне со намера да учествува во работата на ДПМ со намера да има моќ (да се биде виден, да се владее над други, други да се „поразат“, да се „збришат“) или од малодушност (да се биде виден, и прифатен, ценет, вреднуван…). Тие намери, тоа однесување, би рекол, е *човечко*. Тие два порива (да се има моќ, да се ублажи слабост) се нашите заблуди. Но, тоа е нашата човечка природа: ние сме често осудени да бидеме и гасеници што се плашат, се гризат едни со други и се виткаат од болка. Но, тоа е она што, во крајна линија, поминува.

10.3

Најпосле, човек може да влијае во работата на ДПМ од дистанца, со обично фаќање *сеир* и евентуално со исмевање на туѓите напори да се направи нешто (па макар било тоа нешто „да се служи“, или да се има моќ, да се биде виден, или прифатен…). И, би рекол дека токму тоа сеирење е „најмакедонската“ работа. Но, веднаш потоа би се поправил, и би рекол дека е „најбалканската“ работа, за на крај повторно да се поправам, и да речам дека и тоа е едноставно дел од нашата човечка природа. И никој од нас не е имун на тоа. На крајот од краиштата, би додал дека иако е тоа „најмакедонската“ работа, тој „сеир“ не е за осуда, напротив: и тоа однесување е повеќе од добредојдено, затоа што и тоа е некаков придонес, затоа што и тоа е катализатор, пропелер на промените.

Живко Грозданоски, 23-24.01.2024

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *