Заедница

„Култот на личноста“ наспроти новото ДПМ

     Набрзо откако се кандидирав за раководната позиција во ДПМ, почнав да забележувам еден за мене интересен феномен, кој правеше да ми биде по малку непријатно – оние што ме поддржуваа ме посочуваа како оној „тој“, „вистинскиот човек за новите реформи во ДПМ“, итн. “Ecce homo.” Но, никој, ниеднаш не ја спомна важноста на другите во изборниот процес – сè друго како да се занемаруваше во име на клучната личност, од која зависи сè. Постојано укажував на тоа јас сум само една алка во синџирот, дека всушност од заедничкиот настап и од заедничката работа зависи сè, но тоа беше игнорирано. Оваа мала размена подолу е мал индикатор на таа состојба: главна поддршка добива коментарот што укажува на личноста, а прашањето за „ние“ не поттикнува интерес за понатамошен разговор.

     По завршувањето на гласањето, по броењето на гласовите, и пред сè по утврдувањето на членовите на новото Претседателство, јас бев вонредно задоволен: поради составот на целокупното ново раководство, и поради тоа што јасно е дека сите одлуки во ДПМ се носат со мнозинство гласови. Затоа не можев да си го објаснам незадоволството што голем број од членовите на ДПМ го искажуваа кон изборот на најтесното раководство. „Нели знаат дека во ДПМ сите одлуки се носат со мнозинство гласови на раководството?“, се прашував, „и нели знаат од кои членови на ДПМ е сочинето новото претседателство?“  Но, небитно: главно се зборуваше за најтесното раководство, додека важноста на другите чинители беше (и сè уште е) сосем занемарувана. Размената на коментари подолу тоа одлично го доловува: главниот коментар и „публиката“ придаваат особено внимание на личноста, додека коментарот што укажува на важноста на членовите на претседателството – е сосем занемарен, и не поттикнува ни љубопитност.

     Колку повеќе слушам за најтесното раководство, на сметка на целосното игнорирање на важноста на членовите од претседателството, толку почесто помислувам на клучниот израз „култ на личноста“.  Дали поради искуството на социјализмот и беспоговорната, повеќедецениска преданост на фигурата на врховниот водач, дали поради јасната хиерархиска поставеност во Партијата и помеѓу сите вработени во администрацијата, како во расказ од Гогољ, дали поради категоричната авторитативност и пресудната важност што ја имале раководни позиции во некои други, уште поодминати времиња – по инерција и денес како да продолжува да се негува една перверзна форма на „култ на личност“: се дава исклучителна важност на личностите на раководните позиции, се проектира еден извонреден авторитет – на штета на вербата во заедничкото одлучување, на штета на демократичноста, и пред сè на штета на личната свест за преземање иницијатива, на штета на личната проактивност. Со негувањето на „култ на личност“ се пасивизираат другите фактори во процесот – фактори без кои не се може. 

     Ваквата гротескна поставеност на нештата имав можност да ја сведочам и на едно мое претходно работно место: кога и да беше најавена посета од претпоставените, во канцелариите и помеѓу колегите почнуваше да владее впечатлива растрепереност. А кога директорот ќе настапеше (и самиот длабоко убеден во сопствената улога на култна личност), поделбата на тие што зборуваат и тие што слушаат беше брутално јасна. Удирањето по маса беше само шлагворт на искуството. Просто неверојатно. Тоа беше екстремен случај на истата перверзна форма на култ на личност: сè зависи од раководителот, а другите треба само да слушаат, да чекаат да им биде дадена задачата, и да исполнуваат, без да понудат каква било идеја за одвивање на работата во проектот.

* * *

     За разлика од многу други фирми и институции, најчесто од јавен или приватен карактер, ДПМ, согласно Статутот, има хоризонтална поставеност на раководството, т.е. најтесното раководство не ужива никакви посебни права, а одлуките се донесуваат со просто мнозинство гласови од присутните на состаноците. Тоа, секако, не го спречува ни најтесното раководство да негува одредена форма на „култ на личноста“ – исто како и голем дел од другите членови на ДПМ. Но, тоа не менува ништо во начинот на кој се носат одлуките во Друштвото.

     Што се однесува поконкретно до регулирањето на работата на ДПМ, моменталниот Статут на Друштвото е често хаотичен, на места просто неточен. На пример, според Член 24 од Статутот:

     Ова е неточно, затоа што 9 членови се бираат на Изборното собрание, и тоа се нарекува „Претседателство“, но на седниците на раководството на ДПМ, на кои се донесуваат одлуки, покрај овие 9 лица право на глас имаат и Претседателот на ДПМ и Претседателот на Собранието. Што значи, во реалноста, што се однесува до Член 24, ДПМ функционира на следниов начин: 

     „Претседателството се состои од 11 членови, т.е. оние 9 изгласани  на Изборното собрание, плус претсе-дателот на Друштвото, плус претседателот на Собранието (Собранискиот одбор), кој по функција рамноправно учествува во работата на Претседателството.“

     Мал хаос тука произлегува поради тоа што „Претседателство“ во ДПМ означува две различни нешта:

     o  групата од 9 лица што (на Изборното собрание) се бира од страна на членството; 

     o  групата од 11 лица што (согласно Статут) ги носи одлуките на седници.  

     За мојот исказ да биде јасен, во овој текст за групата од 9 лица што се бираат на Изборно собрание го користам поимот „Претседателство“, а за групата од 11 лица што ги носи одлуките на седници на ДПМ го користам поимот „Раководство“.

     Во врска со носењето одлуки во ДПМ, важен е Член 30.

     Ова е нејасно, затоа што во Статутот не е точно утврдено на што се однесува зборот „Претседателство“.

     o  Ако се однесува на „Претседателството“ (9 лица), тогаш за да има седница неопходно е да се присутни најмалку 5 од 9-те члена. („повеќе од половина“, нели);

     o  Ако се однесува на „Раководството“ (11 лица), тогаш за да има седница неопходно е да се присутно најмалку 6 од вкупно 11 члена. Но, ова е проблематично од две причини, односно ако на седницата се присутни само 6 лица:

 § при носењето одлука, може да се случи гласовите да бидат поделени, (3:3), и да нема исход.

 § тоа ќе значи дека состанок може да се одржи со само четворица од деветмината избрани на Изборното собрание, а 4/9 се помалку од половината од избраните од членството, а тоа нема демократска логика.

     Оттука произлегува дека треба да се присутни најмалку 5 од 9-те членови од Претседателството за Раководството на ДПМ да може да донесе одлука. Но, ова мора да се потврди на првата следна средба на Раководството.

     Како и да се гледа на нештата, неопходно е мнозинство членови од Претседателството да бидат присутни на седницата за Раководството да може да донесе каква било легитимна одлука. Затоа што според Член 28 од Статутот на ДПМ,

     Тука ставам акцент на „тековните активности“ од шестата точка. Значи, буквално сè што се случува во ДПМ мора да помине со одобрение на Раководството/Претседателството. Што значи, невозможно е да се носат одлуки без знаење и без одобрение од страна на мнозинство од членовите на Претседателството.

* * *

     Јас сум убеден дека исходот од Изборното собрание е многу поволен за ДПМ. Ден по собранието на едно место забележав дека сега ДПМ има многу поголем потенцијал од она ДПМ што го имавме пред два месеци. Сега еден од предизвиците е да се обезбеди поволна клима за работа, и тука многу е важен уделот на книжевната заедница. Пред сè потребно е книжевната заедница да има конструктивен однос кон работата на Раководството на ДПМ, да се покаже верба и поддршка. Климата во и околу ДПМ не зависи само од случувањата во ДПМ, туку пред сè зависи од однесувањето на книжевната јавност: во меѓусебни разговори, на социјални мрежи, итн. Оној што сака да постои едно функционално ДПМ треба да искаже поддршка кон раководството, и доверба во работата и во потенцијалот на секој од членовите. Мислам дека е многу важно да ја преиспитаме сопствената тенденција несвесно да негуваме „култ на личност“, односно да придаваме категорично значење на челниците на институации, на штета на поддршката на потенцијалот на другите чинители во контекстот. Со други зборови, важно е да се верува во заедништво, отаде замислените антагонизми. (Тука под „заедништво“ мислам пред сè на верување во себеси и во веројатноста добрите идеи да бидат чуени и поддржани од мнозинството; не мислам на заедништво во смисла на „групирање“ – иако и тоа е повеќе од легитимно, и често неопходно, за политички цели).

     Набрзо по изборното собрание, и самиот воден од личниот антагонизам (антагонизам по инерција, затоа што тој антагонизам на почетокот можеби беше и неопходен за воопшто да го има мојот настап) во едно мое обраќање ги издвоив членовите на Претседателството како независен фактор во спроведувањето промени во ДПМ. На крајот, забележав дека „на тој пат до консолидација на ДПМ ќе мора да се покаже разбирање […] пред туѓата (и сопствената!) заблуда“. Но, тоа не ме поштеди од мојата сопствена заблуда: антагонизмот, кој иако на почетокот беше неопходен, сега е непотребен, штетен – треба да се размислува и да се зборува не за антагонизам, туку соработка; не за компетитивност, туку за колаборативност, колку и да му звучи тоа наивно некому (можеби и токму затоа што звучи така). Треба, за почеток, да се разговара за начините на кои ќе се обезбеди непречена и што полегитимна работа на раководството на ДПМ. А во однос на тоа прашање, имам две мисли.

     За што полесно да се договори седница на Раководството на ДПМ, на која ќе бидат присутни сите, или речиси сите 11 члена од Раководството, суштински важно е раководството да постигне договор седниците по потреба да се одржуваат онлајн. Од една страна тоа е неопходно затоа што во текот на летото голем дел од членовите од раководството се надвор од Скопје и не се во можност да ги посетуваат просториите на ДПМ, а од друга страна одржувањето онлајн седници во голема мера би им го олеснило животот на членовите на Раководството. Најпосле, познато ми е дека претходното Раководство седниците често ги одржуваше онлајн, и нема причина тоа да не продолжи, особено ако за тоа има потреба.

 

     Второ нешто, кое исто така би требало да биде земено здраво за готово (но, нешто што досега го немаше во формата понудена тука погоре) е изготвувањето Записници што би ги содржеле заклучоците од состаноците. Овие Записници треба исто така да може да бидат консултирани на барање на членовите на ДПМ, затоа што, согласно Член 5 од Статутот на ДПМ, „Работата на Друштвото е јавна“.

* * *

     По смената на раководството, сведочиме на ситни пропусти во работењето: со управувањето со фејсбук страницата, со комуникацијата по мејл… Но, такви пропусти понекогаш се случуваа и порано, и веројатно ќе ги има секогаш. Таквите пропусти влијаат на угледот на Друштвото, и важно е да се внимава и да се реагира на тие пропусти, за тие да бидат коригирани. Но, уште поважно е да се внимава на себеси и на сопствениот однос кон тие пропусти – да не се дозволи да нè обзема малодушност, фрустрација, дефетизам и апатија; да се задржи смиреност и верба дека нештата можат да се доведуваат во ред. Затоа што тоа е едноставно така – Претседатлството (единаесетчленото раководство, поточно) веќе има договорено некои конкретни реформи.

* * *

     Независно од односот на многумина, јас верувам дека ДПМ е на почетокот од едно убаво патување. Но, уште еднаш ќе забележам дека Друштвото е сите негови членови (и сите оние што го промислуваат и дискутираат, а не се членови), така што секој од нас се наоѓа пред недвосмислен избор: од една страна, можеме да се водиме од изопачен облик на „култ кон личност“, да се пасивизираме, да го укинеме својот глас, да негуваме и да шириме предрасуди, осуда, сомнеж и дефетизам – но со тоа ризикуваме да предизвикаме неуспех. Од друга страна, можеме да избереме да искажеме разбирање, верба во себе и во другите, и со охрабрување да ги гледаме нештата во перспектива, и да го поддржиме силниот потенцијал на едно ново ДПМ. Во суштина, од таквиот однос зависи сè. За мене новото ДПМ е веќе тука, и убеден сум дека наскоро тоа ќе можат да го видат и многумина други.

Живко Грозданоски, 23.6.2022

(логото на ДПМ кое е објавено со овој текст не е официјално лого на Друштвото на писатлите на Македонија; изработено е од страна на писателот и графички дизајнер Бранко Прља како едно од неколкуте можни решенија за осовременување на изгледот на ДПМ.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *