Заедница

За „Сесодржајната хоризонтала“: помеѓу автентичноста („оригиналот“ на Тихомир Јанчовски) и „културата на незамерување“ (според Елизабета Шелева)

1.    Преиспитување

Бунтовништвото и отпорот се теми што се среќаваат и во современата македонска проза, а разгледувајќи некои од делата што ги третираат овие теми, се добива јасен впечаток дека се повторува старата, клише порака: оние што им се противат на неправдата и на силеџиството се осудени на пропаст, исклученост и заборав. Тезата што би сакал да ја понуди овој текст – пред сè затоа што опресивноста на „смачканото племе“ е не само разорна, туку и одвратно здодевна – е дека времето на исклучување полека се сели зад нас: жевееме во средина што расте, се менува и *се поврзува* со експоненцијална брзина, и со самото тоа, оваа „збиена“ средина налага преиспитување на начините на кои функционираат меѓучовечките односи и испробување (помирување со?) некои не особено често применувани „техники“ и „методи“ за интеракција, како на пр. љубопитност, игра, хумор, (себе)преиспитување, длабоко разбирање и премислување. Особено премислување.

2.    „Јавен проект“

Кога ми беше дадена можноста да станам претседател на Друштвото на писателите на Македонија, тоа беше резултат на бунт: трошка резигнација и многу пркос. Во интервју за „Слободен печат“, на прашањето што ми значи изборот за позицијата во ДПМ, изјавив дека моето избирање ми значи и затоа што (во клима во која заслугите ретко се ценат) тој избор се покажува како „шок“, „глич“, „грешка во системот“. Од оваа гледна точка, пак, забележувам дека мојот избор за претседател на ДПМ ми значи затоа што укажува на позитивниот ефект што го носи отворената и интензивна (Фејсбук) комуникација: не само со голем дел од членовите на Друштвото, туку и со добар дел од нашата културна јавност. Пред да ја доживее ревитализацијата, Друштвото стана „јавен проект“. Или, можеби посоодветно би било да се каже дека *за* да доживее ревитализација, Друштвото требаше да стане јавен проект?

3.    Инерција

Веднаш по изборот, силен впечаток ми остави коментарот на една пријателка: „Ова покажа дека на крај може да триумфира доброто, како Холивудска приказна.“ Тоа беше симпатично охрабрување. Но, слично силен – и по малку нервозен – впечаток ми оставија и четири други коментари:

  Во прва ситуација: играјќи ја „Синхроницитети“, играта на асоцијации, пријателка, забележувајќи една од карти-те, возбудено извика: „Жил, па ова е совршена претстава за тебе и за ДПМ! Ти работиш и ти крварат рацете, а потоа секирата паѓа во медот и друг го собира медот“.

 Во друга ситуација, го добив отприлика следниот ко-ментар: „Зошто толку се трудиш околу ДПМ? Никој нема да ти рече ‘фала’. Ништо не се цени кај нас, ние не знаеме да се цениме…“

– Во трета ситуација, сличен коментар: „И, што доби-ваш ти од ДПМ? Само собираш непријатели“.

 Во четврта ситуација: „Ти си премногу добар за ова. Треба некој лош за нас, тоа го заслужуваме ние. Некој што ќе гледа за себе…“

Инерцијата на „смачканоста“ и на поразот на доброто е инерција што доминира во нашата култура: „триумфот на доброто“, ако воопшто се констатира, останува редок проблесок, осуден да остане речиси на ниво на фантаз-магорија, „Холивуд“. Затоа што поразот е тука, зад аголот: кај и да е, ќе дојде друг за да го собере „медот“, а оној што работел за општо добро ќе остане со празни раце, неце-нет и со куп непријатели, исклучен. Затоа што „кај нас“ така е, затоа што „ние сме лоши и тоа го заслужуваме“.

Како да се бори (да „патува“?) човек против оваа инерција на малодушноста, овој менталитет на „смачкано племе“? Колку генерации ќе треба да се сменат додека да дојде храбриот нов свет, млади и слободни луѓе, со свежи идеи, кои ќе дишат со полни гради и на кои дом ќе им биде светот безграничен? Како да се викне: „Еј! Ти што ме жалиш: дури и да го собира друг медот: нека! Јас сум тој што го прави медот, нели сфаќаш колкава е радоста, и честа, да се има таа улога?“ Потоа: „Не чекам никој да ми рече ‘фала’. Повеќе од доволно ми е тоа што самиот себе, и на светлината во себе можам да ѝ речам: ‘Фала, секоја чест’. Оттука па натаму, сè е бонус.“ Најпосле: „Ако собирам непријатели, тоа се оние што сакаат да приграбат сè за себе. Јас се залагам за демократичност, за еднакви можности за сите, за секој да е вклучен. И во иднина ќе очекувам сите да бидат вклучувани.“ На крај: „Затоа што заслужуваме многу подобро.“

4. Одговорна позиција

Нам не ни е далечно времето на УДБА, и не ни се туѓи имињата на Ристо Шишков, Дарко Дамевски, Јован Котески… а со нив и Данило Киш, Бранко Ќопиќ… Во минатото, исклучените биле бојкотирани од опкружувањето, биле целосно екскомуницирани, им биле затворени сите канали за израз. Но, во новата општествена реалност, во време на друштвени мрежи, во кое постои брзо и интензивно поврзување и комуникација, ризикот некој да се обиде некого да исклучува и да замолчи потсетува на новозаветната парабола со прогледувањето на слепиот: „Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: ‘Сине Давидов, смилувај ми се!’“ (Лука 18-39). Ова „погласно“ викање на слепиот (кој е прво исклучен, „канселиран“, а на крај исцелен) многу потсетува на денешните социјални мрежи, кои овозможуваат човек да биде гласен и „уште погласен“ за она во што верува и за што се залага, она што му значи. Со други зборови: ако порано биле затворени сите домашни медиуми, денес ни се отворени и меѓународни канали на комуникација. Ние сè уште како да не сфаќаме дека времето во кое живееме е многу поразлично од она што било пред десет, дваесет, педесет години. Импулсот некој да се исклучува е ризичен: каков било обид за нечие исклучување (или за какво било нечесно, вулгарно однесување) би можел да биде упорно пренесуван и со тоа да има влијание и на локално, но и на меѓународно ниво. Оттаму, се поставува прашање: дали навистина вреди човек да постапува „итро“, себично и исклучувачки во време во кое тоа би можело многу лесно да донесе многу повеќе осуда и непријатности отколку успех и признание?

Нешто уште поважно: друштвените мрежи, поради самиот нивен начин на функционирање, прават сите да го споделуваме не само истиот простор, туку и *истото време*. Како никогаш порано, друштвените мрежи нè ставаат сите на едно исто место и во исто време, а таа поставеност на нештата нè сместува, како никогаш порано, на многу одговорна позиција.

5.   „Мудроста на вековите“

Кон менувањето на средината неизбежно придонесува и развојот на научната и на духовната мисла. Денес, кога ни се достапни учењата од милениуми нананазад, се умножуваат заблудите, но исто така се умножува и се доосмислува и она што може да се нарече автентичното знаење. Со постмодерната и со умножувањето на гледните и на референтните точки се умножуваат и вистините, но по залезот на постмодерната, она што останува, заедно со свеста за кревкоста на планетата и на човекот, е и интересот за духовноста, а со тоа и навраќањето на милениумски старите и одново откривани и доосмислувани принципи, методи, „стратегии на отпор“ и „техники на преживување“. До нас, привилегираните 73% од жителите на оваа планета со пристап до интернет, ова древно, повеќемилениумско знаење пристигнува препрочитано, „исфилтрирано“, доосмислено, уредено и спакувано во согледбите на повеќе современи научници и мислители. Двајца од нив се Габор Мате и Каролин Мек Хју.

6.       Габор Мате: „сесодржајната хоризонтала“

Едно од учењата на славниот психолог Габор Мате е тоа дека сите наши постапки се вкоренети во две суштински човекови потреби: потребата од „автентичност“ (потребата од вистинитост, од искре-ност и од доследност на поривот за сеинклузивност) и потребата од „поврзаност“ (потребата да се припаѓа на различните општествени групи, но и поврзаноста со себеси и со други: личности, идеи, пред-мети, итн.)

Овие два пориви, кои често се во конфликт еден со друг, можат да се постават на двете крајности од нешто што би можело да се нарече „сесодржајната хоризонтала“.

Еден пример што укажува на конфликтот помеѓу овие два пориви е клишето на лицето што ја жртвува личната „автентичност“ (хомосексуалноста, или љубовта кон друго лице, на пример) т.е. „живее во лага“ заради комфор, и за да ја сочува „поврзаноста“ (врските со партнерот/ката, семејството, роднините…)

Друг пример за конфликт помеѓу „автентичност“ и „поврзаност“ е она кога некој ја потиснува/жртвува својата *автентичност*, т.е. љубовта кон одредена активност, хоби или професија поради чувство на срам, или со цел да се занимава со активност, хоби или професија што е општествено (по)прифатена, нуди *поврзаност* со влијателни лица, материјална корист, повисок статус во општеството, итн.

7.     „Автентичноста“: „оригинал“

Повеќепати го имам спомнато изразот „По природниот тек на нештата“. Според мене, да се дејствува „п.п.т.н.н.“ значи да се дејствува со различните лица на *автентичноста*: да се дејствува со вистина, со љубов, со верба, радост, благодарност, прошка, прифаќање, себепреиспитување, длабоко разбирање, здраво премислување (во насока на вистина, добрина и заедништво)… Оттаму, да се зборува за „автентичност“ значи да се зборува за искреност, за правичност, за заслуги и принципи, за инклузивност и за еднакви можности за сите. Тоа е морална вертикала. Тоа е свеста за својот безвременски идентитет, за личната „божествена“ природа, тоа е љубовта кон животот и вербата во човекот. Но, да се зборува за „автентичност“ значи да се зборува и со (само)иронија, со хумор, со смеа. Затоа што хуморот е близок до двосмисленоста, а таа е блиска до себепреиспитувањето – и до премислувањето.

Поетот Тихомир Јанчовски во секојдневен говор ја имаше навиката да го употреби зборот „оригинал“ за ситуација, личност или што било друго во кое преовладува автентичноста. Небаре спротивности на ретките и скапоцени „оригинали“ да се пречестите настани, појави и луѓе од „сериско производство“. Ако „оригиналот“ спонтано живее секој ден, тогаш она другото ден-за-ден преживува. Тихомир Јанчов-ски: „оригинал“ поет, професор и преведувач, секогаш и без калкула-ции на страната на автентичноста, вистинитоста, природноста, хумо-рот, љубовта и вљубеноста.

8.    „Поврзаностите“: егото и „културата на незамерување“

„Поврзаноста“, или „припаѓањето“ е блискоста со другите, потребата да се биде со нив: пред сè тоа е потребата да
се биде прифатен, виден, чуен и уважен, а потоа тоа е и потребата да се биде ценет, да се биде пофален, успешен. „Поврзаност“ е одлуката и „мудроста“ да се биде близок со оние што имаат некаква (политичка/економска) моќ. Потоа, тоа е потребата на човекот да се споредува со другите, да не се биде „зад“ другите. Најпосле, тоа е потребата да се биде подобар, да се биде најдобар. Така што, кога зборуваме за поврзаност, зборуваме за поврзаноста со другите, но исто така и поврзаноста со сам/а себе: приврзаноста со личната замисла за себеси. Во суштина, тука зборуваме за триумфот на егото: за крајната себичност и чувството на супериорност, одлуката да се биде арогантен, па дури и агресивен. Но, (многу почесто) кога зборуваме за „поврзаност“, ние зборуваме за спротивноста на супериорноста: зборуваме за малодушноста, за тесноградото и само навидум „мудро“ (а сосема проѕирно и лицемерно) калкулантство.

Книжевната теоретичарка Елизабета Шелева зборува за „културата на незамерување“ што владее, кога се работи за (не)постоењето книжевна критика. Зборот „незамерување“ е одличен избор, затоа што ја опишува нашата средина и отаде книжевноста: „култура на незамерување“ е совршен еуфемизам, кој може да се чита и како „култура на незаинтересираност“, и како „култура на блазираност“ (заситеност, рамнодушност). Но, најпосле, „незамерување“ може да биде и синоним за „калкулантство“, за „лицемерие“, па и „лукавост“. Во крајна линија, означува и отсуство на интегритет, заобиколување на праведното, во име на „снаоѓаштвото“ и на комфорот.

9.    Каролин МекХју: три пориви

Ако Габор Мате зборува за „автентичност“ и за „поврзување“ како за два суштински пориви, Каролин МекХју е една од оние што дополнително ја расветлуваат поделеноста на поривите. Таа нашиот порив за „автентичност“ го нарекува “interiority”, т.е. „внатрешност“ (наша вистинска, „божествена“ природа), но поривот за „поврзување“ понатаму го дели и го расчленува на „чувство на супериорност“ и „чувство на инфериорност“: кога човек не располага со доволно дух за автентичност, тогаш тој е воден од егото, односно од порив за супериорност, или од слабост или инфериорност.

Поделбата на трите суштински пориви на Каролин Мек Хју ми беше откриена минатата година, и тоа ми дојде како сериозна оддишка, затоа што нејзиното сфаќање го огледува сфаќањето на Анџело Марино, ликот од романот „Последното име на иднината“ (Антолог, 2018): „[…] Што и да ни се случи, во секој миг, ние бираме каква ќе биде нашата реакција, нашите мисли, нашите чувства. Нашиот живот. И секогаш – најчесто несвесно – бираме едно од овие три: или бираме малодушност, или гордост, или – ретко – благодарност.“

10.     Зошто е ова непријатно? (Конески)

Кога Конески запишал дека е „роден во смачкано племе“, тој всушност го „мапирал“ доминантниот порив кај човечкиот род, т.е. го мапирал она што професорката Елизабета Шелева го нарекува „култура на незамерување“ кај нас: Конески го мапирал чувството на инфериорност и на незаинтересираност што молкум доминира и одлучува кај најголем број од нас. Кога полицијата е незаинтересирана и „не сака да се меша“ во злосторството, кога се жртвуваат автентичноста и вистината, жртвата на насилство може да одбере да ја земе правдата во свои раце: да убие некого, или си го одземе животот. Тоа е она што често и се случува, насекаде. Тешката непријатност се состои во сфаќањето дека сите ние, со нашето калкулантство, со нашата инфериорност, со нашата „да-не-се-замериме“ блазираност и со нашиот „итар“ „ова-не-ме-засега“ однос всушност и сами придонесуваме за отровноста: ние сме соучесници, помагачи во (само)убиство.

11.     „Мудроста на вековите“: Аристотел и Буда

Ние луѓето сме обврзани на постојано себепреиспитување, премислување и менување. Поголем дел од нас веруваат дека го пронашле „рецептот“, „тајната на успехот“: тоа е или *себенаметнувањето*, чувството на повласте-ност (sense of entitlement), или, спротивно: „незамерувањето“, односно пресметаното, блазирано, лукаво-инфериорно прифаќање на/помирување со ставовите на оние што се наметнуваат себеси. Блазираноста и калкулантството можат да бидат исплатливи на кратки патеки, но, ако се гледа големата слика, тие се тажни и погубни.

Ако гледаме во темелите на западната мисла, ќе забележиме дека, со една своја изрека, Аристотел укажал на клучниот конфликт во и помеѓу луѓето, и воедно укажал на насоката: „Мил ми е Платон, но помила ми е вистината“. Јасно е дека Платон тука ги означува *поврзувањата*, врските, пријателствата, припаѓањето на заедницата. Но, она кон што Аристотел бира да се стреми е „вистината“, *автентичноста*.

Од другата страна, ако погледнеме во темелите на источната мисла, ќе се сетиме дека токму „ослободувањето од приврзаностите“ е еден од основните принципи на Будизмот.

12.     „Булевар Ослободување“

Нашиот повик и предизвикот пред кој сме поставени, низ сите искушенија со кои се соочуваме во секојдневието, е што почесто да го следиме импулсот да се преиспитуваме, за со храброст и со љубов да стануваме поавтентични, да се движиме по она што можеме да го наречеме „Булевар на Ослободувањето“, да се поместуваме кон левата страна на „сесодржајната хоризонтала“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *