По природниот тек на нештата

За дијагнозата | по природниот тек на нештата (1/2)

1.     Темата на овој текст

Поттикнат од доживувањето и од атмосферата на фестивалот „Друга приказна“ што по осми пат оваа година го организираше издавачката куќа „Темплум“, мојата првична замисла беше да пишувам за попреченоста, видена низ начинот на размислување што го нарекувам „по природниот тек на нештата“.  Но, тука се соочувам со проблем, а тоа е прашањето на репрезентација, односно: колку имам јас легитимитет, како лице без попреченост, да зборувам за попреченост, и „да ги претставувам“ лицата со попреченост? Оттаму, одлучив тема на овој текст да бидат различните начини на кои се соочувам со дијагнозата, со акцент на дејствување според она што го нарекувам „по природниот тек на нештата“. Поконкретно: појдовна тема на овој текст се различните начини на соочувањето со автоимуната состојба, МС (мултипла склероза). Таа позиција – зборување за личната перцепција – е најбезбедна, а безбедноста никогаш не е преголема кога се зборува за осетливи теми како што е дијагнозата. Значи, пишувам за себе, за моето гледање на нештата, за мојата „шема“, за мојот нов „речник“, (пишувам и патем откривам) и би ми било мило ако напишаното инспирира други.

2.     Општо за „по природниот тек на нештата“

За да дадам одговор на прашањето „Што е тоа ‘по природниот тек на нештата?’“ треба да се има предвид исказот на социологот Артур В. Френк (Arthur W. Frank), според кого „сериозната болест значи загуба на ‘дестинацијата и на мапата’“ по која се водел човекот засегнат од дијагноза. Според А. Френк, луѓето со дијагноза „мораат да научат ‘да размислуваат поинаку’“. Френк овој исказ го поврзува со зборовите на Џудит Заручис (Judith Zaruches), пациентка со хронична состојба, која запишала „имам потреба […] да размислувам поинаку и да конструирам нови перцепции на мојата поврзаност со светот“. Слични искази можат да се сретнат и во друга современа литература (еден пример е и авторката Ен Бојер, и нејзината книга „Не умирам“ [The undying] за искуството со ракот), а мене посебно ми е драг романот „Тишина“ од македонската авторка Јелена Никодиноска-Чаповска (Паблишер, Скопје, 2023), во кој една од главните теми е траумата:

„Како шуплини што одекнуваат со тап звук, зборовите го загубија ритамот. Можеби се потребни нови зборови, можеби треба да се измисли нов јазик за луѓето што преживеале траума, си мислеше, убедена дека јазикот што го зборуваше беше фалично несоодветен, недоволен, па дури и бескорисен за да ја отслика, а камоли да ја разбере нејзината нова реалност.“

Еднаш изјавив дека за мене, „по природниот тек на нештата“ е нешто „како мапа, како светилник. Како штит и меч. Или, мојот нов ‘оперативен систем’“, преку кој функционирам. Овој „систем“ („шема“, „мапа“, „речник…“,) почна да се скицира (поточно – „да се открива“) од август 2017, а самиот израз „по природниот тек на нештата“ за првпат е спомнат во мојот роман „Последното име на иднината“  (Антолог, Скопје, 2018). Новата „шема“ дефинитивно почна да се исцелува со откривањето на есејот (расказ?) „Аналитичкиот свет на Џон Вилкинс“ од Борхес, каде Џ. В. е опседнат со класифицирање на животот, а заклучокот е дека „неможноста да се продре во божествената шема на универзумот не може, сепак, да нè одврати од тоа да скицираме човечки шеми, иако знаеме дека тие се провизорни“.

3.     Два текста

Што значи да се посматра дијагнозата низ овој нов светоглед, и кој е „новиот речник“ влезен во употреба? Ќе се обидам да одговорам на ова прашање давајќи два погледа: односот на лице со дијагноза кон самата дијагноза (во овој текст), и (во следниот текст на оваа тема) односот на лице со дијагноза кон другите лица со (или без) дијагноза/попреченост.

4.1. Дијагнозата и „малодушноста“

Кај лицето на кое му е утврдена некоја состојба или болест, дијагнозата обично предизвикува цела една гама од чувства и од состојби што во „новиот речник“ ги подведувам под заедничкиот поим „малодушност“; човек со дијагноза може да чувствува страв, немир, срам, самосожалување, вина, сомнеж во себеси, огорченост, тага, депресија, беспомошност, пониженост, исклученост… различни состојби што означуваат некаква „слабост“ или „пониска вредност“, која се должи на нешто што се перципира како личен (или колективен) неуспех – откако ќе се направи *споредба* со („нормалноста“ или „напредокот“ на) други лица и заедници. Со еден збор, јас, како лице засегнато од дијагноза, можам да се најдам на позиција да чувствувам различни видови „малодушност“, односно да се најдам во улога на „жртва“, која е уверена дека трпи неправда („во еден неправеден свет“).

Оваа улога на „жртва“ може да е комотна не само затоа што оправдува „себеисклучување“ од заедницата, со цел  „зацелување“, туку и од причина што нуди и право на различни форми на „одмазда“: осуда, гнев и омраза, или во најмала рака пасивна агресивност. Затоа што „жртвата“ не може да прости. (Во суштина, не може себеси да си прости.) Понатаму, оваа улога на жртва, освен привремена состојба, може да прерасне и во траен идентитет, каде лицето со дијагноза целосно се соживува со својата улога на жртва. И колку е позацврстен овој идентитет на жртва, толку поголема може да е силата што се влече од него.

4.2. Дијагнозата и „гордоста“

Од друга страна, дијагнозата често предизвикува чувства и состојби што можат да се подведат под заедничкиот генерички поим „гордост“: расположенија што оставаат впечаток на „сила“, на поголема моќ, па дури и на вредност (и тука *во споредба* со други). Може да се случи дијагнозата да го доведе засегнатиот во болно „привилегирана“ состојба на „паталец“ што има право да суди, да обвинува, да осудува, да засрамува и да заплашува, да има силен сомнеж во други, да биде арогантен, да се гневи, да мрази, да сожалува, да понижува, да исклучува… Со еден збор, од позиција на „гордост“ јас можам да станам и „џелат“, кој може (и треба!) да дели правда („во еден суров свет“).

Оваа улога на „џелат“ е уште покомотна затоа што остава впечаток на моќ, па оттаму и на поголема вредност. Слично како и улогата на „жртва“, така и улогата на „џелат“ се темели врз неможноста да се прости: себеси и (пред сè) на некој друг. Најпосле, слично како и улогата на „жртва“, така и „џелат“ може да прерасне од улога во идентитет, и тој идентитет не само што ќе биде оправдување за тоа човек да се однесува како жртва/џелат, туку и ќе им дава смисла на сите нешта.

4.3. „Паричка“

Според шемата на природниот тек на нештата, „жртва“ и „џелат“ се прикажуваат како два спротивни „идентитети“ на човековата личност, но тие се во суштина едно и исто: малодушноста и гордоста се две страни од истата паричка. Но, не е тоа „безвредна“ паричка, затоа што има лица со – или без – дијагноза што постојат во состојба на малодушност и на гордост од причина што тоа е начин да се заштитат себеси од можни идни повреди. Верувам дека – по природниот тек на нештата – треба да се има разбирање, прифаќање и милост за тоа: во зависност од тоа колку таквото однесување како жртва/џелат влијае на добросостојбата (сопствена и воопшто).

Џелатот и жртвата се исто и исто, а едното може за миг да се манифестира како другото, и обратно, затоа што гордоста и малодушноста се движат од крајност во крајност, по принципот на „клатно“ (исто така израз од „речникот“). Накратко, секоја жртва во себе содржи џелат, и секој џелат е маскирана жртва, и лесно може да се покаже и како жртва. 

4.4. Дијагнозата „по природниот тек на нештата“

Помеѓу малодушноста и гордоста е средето, рамнотежата, „по природниот тек на нештата“: група состојби и чувства (од типот на милост, прошка, љубов, радост, благодарност…) што – со исклучок на рамнодушноста – ме водат до посвесно, побудно дејствување и, затоа, до добросостојба. Според моето искуство, кога ќе се случи „губењето на мапата на личниот свет“ поради дијагнозата, и кога ќе се јави потреба од длабоко преиспитување и од стекнување нова перцепција на случувањата околу себе (и пред сè во себе), клучната улога во тоа преиспитување ја има *љубопитноста*, која феноменологот Едмонд Хусерл ја сметал за „основен интерес на кој сè се темели“ (“the lowest, all-founding interest.”). Она што ние го сметаме за спознато и (често некритички) го прифаќаме како вистина, всушност е заблуда. За дијагнозите и за болестите постојат многу заблуди, предубедувања, закоравени ставови, судови и пресуди… сите извлечени по мерата на туѓи искуства, или по мерата на сопствениот страв и немир. Љубопитноста е противотров за заблудата, а клучниот исход е откривањето други *можности*, поинакви од прогнозите – кои, кога се работи за дијагноза, често знаат да бидат негативни. Љубопитноста значи поставување прашања: кои се можните исходи? Дали телото навистина има склоност само да се исцелува себеси, ако ги има потребните услови? Има ли примери од лица што ја надминале оваа состојба? Што правеле оние кај кои може да се зборува за исцеление? Кои се факторите што влијаат на стекнување и задржување добросостојба? Ги имам ли и јас условите за да го практикувам тоа, или не сум меѓу привилегираните? Или можеби привилегијата е замка? Како можам да дејствувам за остварување на своите здравствени права? Кои се групите со кои можам да се поврзам за да ја искажам својата солидарност и за да добијам поддршка? Што е најдоброто што можам да го сторам? Како да се намали токсичното влијание на малодушноста и на гордоста на оние околу мене, и пред сè на мојата сопствена гордост и малодушност?… Прашањата се бројни, и често и сами водат до немир и до стрес. Така, „природниот тек на нештата“ го визуализирам како вертикала при чие дно треперат немирот, смиреноста и – љубопитноста: главниот „компас“, главниот метод со кој се деконструираат заблудите на незнаењето и на стравот. Најчесто, колку е поголема свесната љубопитност, толку е подлабоко и разбирањето, па толку е повкоренето и *прифаќањето* и *препуштањето*, кои се клучни за поттикнување добросостојба и исцеление.

Но, уште пред да се зборува за љубопитноста, треба да се има предвид клучниот, „обединувачки принцип“ на сите чувства и состојби „по природниот тек на нештата“, односно *вербата*. Tешко е да се зборува за нешто толку „лизгаво“ и подложно на недоразбирања и манипулации како вербата. Тука мислам на верба во самиот „природен тек на нештата“: верба во моќта на прошката, на љубовта, на благодарноста, на разбирањето, на хуморот, на заедништвото… Верба во љубопитноста и во вредностите што љубопитноста ги опфаќа (кај ова „опфаќа“ добро е да се замисли ликот на Џон Вилкинс) – трпение, понизност, храброст, ранливост…

Вербата, всушност, е над сè, па може да биде спротивност и на самата љубопитност.[1] Една можна спротивност на љубопитноста е предрасудата; друга спротивност е незаинтересираноста, а трета (најповолната) спротивност на љубопитноста е токму вербата: пациентот може да не е нужно љубопитен за деталите околу својата состојба и за различните „можности“, но да има целосна верба во терапијата што му се предлага, и да има верба во најдобриот можен исход од терапијата. Всушност, идеално е кога позитивната предрасуда и вербата се едно и исто.

4.5. „Природниот тек на нештата“ и споредувањето

Чувствата и состојбите од полињата „гордост“ и „малодушност“, исто како и чувствата и состојбите „по природниот тек на нештата“ можат да се интензивираат од самите себе, а катализатор за тоа најчесто е споредбата со другите. Оваа споредба и интензивирањето на чувството/состојбата можат да бидат пропратени со форма на (себе)осуда (во случајот со полињата „гордост“ и „малодушност“), или да биде пропратена со прифаќање (во случајот со чувствата и состојбите од по природниот тек на нештата). Во вториот случај, или „по природниот тек на нештата“, споредбата со други инспирира. Пред сè, кога дејствувам по природниот тек на нештата, свесен сум дека секој човек има сопствен, посебен пат што треба да го изоди, сопствена „пловидба“, сопствени стандарди и „персонализирани“ мерила на постигнувањaта, (сопствени „битки“, ако сакаме) и затоа споредбата со другите може да биде штетна заблуда. Свеста за оваа вистина ја засилува љубовта кон другите и кон себеси, и воопшто – го засилува природниот тек на нештата и сите добродетели што доаѓаат со него. Ја засилува личната добросостојба, но се стреми и кон добросостојба на заедницата (затоа што кај секого – во поголема или помала мера – личното исцеление зависи од „целовитоста“ на заедницата: кога страдањето на другиот се доживува како сопствено).

4.6. „Да се оди по тенкото јаже на благодарноста“

Откако со новата „мапа“, со новата перцепција на светот, под игривото аналитичко око на Џон Вилкинс ќе ги поделам можните реакции на дијагнозата на „гордост“, „малодушност“ и „по природниот тек на нештата“, нештата се полесни за навигација, а контролата на состојбата е многу подобра. Секако, најисцелително би било кога човек непречено би можел да живее со чувствата и со состојбите што доаѓаат по природниот тек на нештата, но реалноста е таква што често нè воведува во ситуации каде мораме да се соочуваме со (сопствените) гордост и малодушност, па често дури и да веруваме дека зависиме од нив, дека тоа е „нормално“. Во реалноста, јас се набљудувам себеси како се движам без прекин помеѓу сите „три“ „модуси“, и се трудам да се „центрирам“ на по природниот тек на нештата. Убеден сум дека добросостојбата зависи од тоа: од постојаните обиди, одново и одново, да се постигнува и да се одржува баланс (често во себе го визуализирам изразот „да се оди по тенкото јаже на благодарноста“) – без притоа да се биде надвор од заедницата: токму затоа што свесното, радосното и исполнето со љубов и со благодарност „служење“ на (природниот тек на нештата, во себеси и во) другите е врховната должност што човек може да ја има.

4.7. Исход: привидна и вистинска моќ

Темата на „дијагнозата“ е широка, а над секој обид правилно и исцрпно да се систематизираат размислите за „по природниот тек на нештата“ се надвиснува смешната сенка на Џон Вилкинс. За крај, би рекол дека, кога станува збор за соочување со дијагнозата, формите на „гордост“ и на „малодушност“ ми даваат само привидна моќ, додека со дејствувањето по природниот тек на нештата доаѓа вистинската моќ, која поседува алхемиски, преобразителни особености. И тука веќе не зборуваме (по инерција, согласно стари и закоравени стереотипи) за „борба со дијагноза“, туку – согласно уште постари, а вечно свежи наративи – зборуваме за „патување“, за авантура, за чудесната можност да се биде најинспиративната приказна во својот живот.

[1] Со поделбата на човечките реакции на „гордост“, „тек“ и „малодушност“ (и со „огледувањето“ на гордоста и на малодушноста) се избегнуваат дихотомиските стапици на умот.

1а Изразот, „дихотомиските стапици на умот“ е земен од уводникот на П. Вулкански во „Маргина“ бр.1 (Темплум, 1994).

Користена литература:

 

„Тишина“, Јелена Никодиноска – Чаповска, Publisher, Скопје, 2023

“The Wounded Storyteller”, Arthur W. Frank, The University of Chicago Press, Chicago, 1995

“Husserl’s Theory of Instincts as a Theory of Affection”, Matt E.M. Bower, Journal of the British Society for Phenomenology, 45:2, 133-147, 2014

https://edisciplinas.usp.br/pluginfile.php/4465622/mod_resource/content/1/BORGES_ElIdiomaAnaliticoDeJohnWilkins.pdf

„Маргина Бр.1“ (уводник), Пандалф Вулкански, Темплум, Скопје, 1994. 

      Сликата со одењето по жица е генерирана од Microsoft Bing Image Creator

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *