Книжевност

Гого Ивановски (1925-2004) – избор песни

„Во исповедувањето поетот е невообичаено искрен. Таквата искреност, која не е, меѓу-тоа, ниту груба, ниту натуралистичка, туку длабоко хуманизирана ѝ дава навистина посебен чар на неговата лирика.“
 
(Д-р Александар Спасов, 1975 г.)

За новата пролет (1946)

 

На Ацо Караманов, ученик – поет

Загинат во Народноослободителната борба.

 

Пролет, чинам, беше – ноќ, убава, красна,

зборевме на сокак со младински жар,

за новиот човек што ко сонце јасно,

ќе огрее славно на земниот шар.

 

Млади бевме тогај, со соколски крила,

и на својте чувства ќе дадевме лет,

но земјата родна ни настапи тиран,

сè што беше добро го фрли во гнет.

 

… И од тој ден мачен не те видов веќе …

Чув дека си паднал некаде во бој,

да го браниш денот на оваа вечер,

што трепкаше в љубов ѕвездениот рој.

 

Пак е пролет сега – ноќ, убава, красна,

како тогај, друже, јас гледам со жар –

човекот се раѓа како сонце јасно

и огрева славно на земниот шар.

 

Полноќна (1953)

 

Доцно ноќе скрца мојта брава,

влагам в соба: мртва пустош лежи,

не знам дали уште одам право,

но сеќавам главата ми тежи.

 

Пак сум пијан. И оваа вечер

улицата по полноќ ја минав,

некој „здраво“ како да ми рече,

или само така ми се чини.

 

Не знам, ништо не паметам веќе,

ни луѓето, ни патната врата,

ни дали сум тажен, ни дали сум среќен,

ни сметката дали во крчма ја платив…

 

Божем… (1959)

 

Божем сум јас,

божем си ти,

божем си бил ти,

божем сум бил јас,

божем ќе бидеме

било ти,

било јас.

 

 

Воз (1963)

 

Вагони… патници… часовник… тргнување…

Нишање… очи во празно насочени…

Столбови… столбови… тапо повторување…

Приквечер… поле во магли расточено.

 

Далечна, пуста, непозната станица…

Добиток… кошули ветви на јажиња…

Сива, мрзелива, тажна караница…

Чиновник… ламба исчадена… пајажина.

 

Писок и повторно, здодевно поаѓање…

Нишање… нишање… кал и жаборечина…

Сенки од ридови… дремка… одлагање…

Облаци, небо и мокра месечина.

 

Во сите очи… (1963)

 

Во сите очи ќе најдеме трошка разбирање.

Очите се мост од божилак

што ги сцрзува тајните на луѓето

во едно тихо оплодување.

 

О, не уривајте го мостот

дека ќе останеме сами на браговите,

пред реката злослутно грбава

понесена во својата нескротена

разбрануваност.

 

Како деца нè учеа:

Не одете сами на реката,

не одете сами на реката.

 

Некогаш… (1985)

 

Некогаш тагата доаѓа сама,

така, без повод, без причина јасна,

иде ко здив на одлежана слама,

како што водите подземни раснат.

 

Легнува, небаре магла на поле,

паднала нечујно, сива и кисла,

без болест како да стануваш болен,

сè ти е сиво, во душа, во мисла.

 

Зјаеш и чувствуваш како да лази

тагата во тебе, а не знаеш зошто,

не си да љубиш и не си да мразиш,

тагуваш само безразложно, општо…

 

Извичник (1985)

 

Надуен и горд е, а однатре празен,

сака да се претстави како белег виден,

гласен е, а испаѓа сал обичен фразер-

и без него сè е што треба да биде.

 

Мировина (2001)

 

Веќе ништо – ни добро, ни зло не ми можат,

што сторив сум сторил, што не – бидна,

со просек од плата ме делат, ме множат,

живеам од една до пензија идна.

 

Сè што мислам, правам, го правам на ситно,

Сите мои траги се при краен дотек,

кој помни ме помни, кој не, не е битно,

пријателе млад си ти сега на потег.

 

Капиџици (2001)

 

Секој двор си имал и капиџик тесен,

да не биде човек до крај да се двои,

да може комшијата на кафе да влезе,

за зло ли, за добро, како свој кај свои.

 

Капиџикот значел најкусиот премин

помеѓу дворовите широки и бели,

довикни се, кажи во секое време,

што в душа ти лежи, што срце ти вели.

 

Тој капиџик тесен многу нешта менил,

двор до двор бил со сите интимно споен,

капиџици – денес никој не ги цени,

секој сака да е затворен во свое.

 

Јас… (2001)

 

Не сум прашан дали сакам да се родам,

се случи и сега сум факт, вистина гола,

постојам и дури по земјава одам

морам да ја играм јас својата рола.

 

Кога сè би било… (2001)

 

Кога сè би било без тајни, без граница,

отворена книга кај сè е напишано,

кога нема ништо што е непознаница

и однапред знаеш што ти е запишано,

 

што ти носи ноќта, што денот ти крои,

и сè да е така, и сè да е вистина,

ако знаеш и кога ќе се успокоиш,

па тоа би било трагедија, навистина.

 

Размисла (2001)

 

Во животот ако нешто не ти оди,

Наопаку сè ти тргнало, те следи,

Па си пливаш в матни, несигурни води,

И не можеш ништо да стокмиш, да средиш,

 

Не запирај, смисли, барај некој начин,

Има толку нешта, толку други врати,

Обиди се повтор во cè што ти значи,

Никогаш за ништо не е доцна, сфати.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *