Заедница

За старото вино и новото вино во ДПМ и за филозофијата Убунту

1.      Верата и религијата

Пред некој ден запишав дека многу често, веќе некое време, помислувам на цитати од Добрата книга. По којзнае кои чудесни патишта, во конкретни ситуации интуицијата ми носи во мисли конкретни извадоци од Новиот завет, и тие на најефикасен начин му даваат смисла на она што се случува, на она што го живееме. А тоа ми е дури и малку смешно, затоа што никогаш, растејќи, не сум бил нешто посебно религиозен.

Гледајќи од перспектива на помлад човек, и особено од перспектива на човек што сака да се занимава со култура, да се зборува за Евангелие е дури и контроверзно: верата на малкумина им асоцира на слободата (или на *ослободувањето*), а многу побрзо се поврзува со религијата. Религијата, пак, веднаш се поврзува со догма, со омеѓени умови, а потоа и со чопор и со безумие, во крајна линија. Тоа не е кул. Кога се поврзува со повозрасни, Евангелието е „бумерска“ работа. Кога се поврзува со помлади – кринџ.

Се прашувам, бумер сум, или кринџ? Или и обете нешта истовремено? Дај ми сè што имаш.

 

2.      Најчестиот цитат

Цитатот на кој најчесто помислувам се зборовите на Исус за старото и за новото. Ги има во три Евангелија: кај Матеј, кај Марко и кај Лука. Вака е во првото: „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото“ (МТ 9,16-17).

 

3.    „Новото“ ДПМ

По успешното изборно Собрание во Друштвото на писателите на Македонија, на 1 јуни лани, често сакам да зборувам за „новото ДПМ“. Пред сè, затоа што *ДПМ има нов Статут*, а тоа е од (буквално) фундаментална важност, особено откако лани во јануари беше откриено дека во ДПМ има „два статути“: еден за во Централен регистар и втор за употреба. Но, кога мислам на „новото ДПМ“, тоа е многу повеќе од Статутот и од новите правилници и другите акти според кои се работи. Кога сакам да мислам на „новото ДПМ“, сакам да мислам на обновени вредности: пред сè транспарентност, отвореност, *инклузивност*, дискусија и радост, категорична демократичност во носењето одлуки, *служењето* како основен и врховен принцип… сè во насока на грижа за  книжевноста: пред сè за творештвото и за авторите, но и за книжевната меморија. Најпосле, и за читателите и за културната средина воопшто. Но, „новото“ ДПМ се исто така и сите оние што го ценат туѓиот труд и затоа искажуваат поддршка на раководството, охрабруваат. (Но, „ново“ ДПМ не значи нужно нови, „млади“ членови.)

 

4.    „Старото“ ДПМ

Покрај „новото“ ДПМ, кое „победи“ и кое се стреми кон соработка и кон *инклузивност*, кон дискусија и кон напредок, тука е и нешто што може да се нарече „старото“ ДПМ. Под „старо“ се подразбира инсистирање на застарени технологии и начини на работа воопшто: ригидност, крутост, затвореност, неинклузивност, тајност, ограниченување, исклучување, „елитизам“, лични „врски“ и лични интереси… и сето тоа со помош на божемна (и стерилна) принципиелност, со потиснатост, со вулгарност, со агресија, навреди, заплашувања и страв, со тесноградост, со малодушност, со упорни обиди за саботажа и за забавување или блокирање на работата на Друштвото, со повикување на „искуство“ и потоа пласирање подметнувања; патем нова агресија, нови обиди за исклучување, калкулантство, суета и надменост, со презир и со осуда кон младите и нивно неприфаќање, и повторно агресивност, токсична машкост, мачни навреди и пак навреди, со цинизам, бес и нови навреди. (Но, „старо“ ДПМ не значи само возрасни, „стари“ членови.)

5. Нештата не се црно-бели

Сите ние знаеме да бидеме дел и од „новото“ и од „старото“ ДПМ. Нештата не се црно-бели. Но, понекогаш нештата знаат да бидат прилично црни. (Или прилично бели.) И тогаш најопасно е да се биде „неутрален“.

6.    Друштво во фаза на „транзиција“

Пред дваесетина-триесет години Друштвото функционирало добро. Но, Друштвото до неодамна беше во многу незавидна состојба, а на членството пред година-две не им се доставуваа никакви финансиски извештаи, ни годишни планови и програми за работа, а камо ли „детален финансиски план“. Лани Друштвото беше целосно неактивно. Имајќи ја предвид ваквата поставеност на нештата, „новото“ ДПМ треба да има разбирање за себе, за тоа дека е во фаза на *заздравување*, која може да оди чекор по чекор. „Новото“ ДПМ треба да е свесно и да си ја дозволи оваа „фаза на транзиција“. Од друга страна, „старото“ ДПМ е ригидно и затворено, и упорно и одеднаш инсистира на „детален“ план и програма, на „детален“ (периодичен!) финансиски извештај. Не ми е познато кога последно во ДПМ воопшто се изработувале периодични финансиски извешаи.

 

7.    Главната поента

„Новото вино се става во нови мевови“, а во новото ДПМ треба да се ставаат во пракса „нови“ начини на работа, според законитостите на новото време, кои природно најчесто доаѓаат со помладите луѓе, и кои се одликуваат пред сè со флексибилност. „Заздравувањето“ на Друштвото може и треба да доаѓа постепено. Со моите 38 години, јас сум најмладиот член на Управниот одбор на Друштвото, и често ми се забележува за „неискуство“. Но, на први април се направија десет месеци откако Друштвото функционира (дури и на мое изненадување!) повеќе од добро. И тоа многумина го гледаат, и тоа е на одобрение и на членството и на јавноста. Тоа е „новото“ ДПМ. Но, „старото“ ДПМ тоа го смета за неважно, и се обидува да се наметне себеси, сака да го зазема целиот простор, сака да се надвиснува како постојана закана и да ги демотивира и да ги истоштува оние од „новото“ ДПМ.

 

8.    Ние не сме јужна Африка. Но…

Во јужна Африка постои филозофија „убунту“, која е концепт на човечност, социјална поврзаност и емпатија. Тоа е цела една хумана филозофија на живот која ја слави заедницата и заедничкото. Кога некое лице од заедницата ќе направи некаква грешка, или ќе застрани од вредностите на човечност и емпатија, наместо да го казнат, во племињата што се раководат според принципите на „Убунту“, тоа лице го ставаат средсело и два дена му зборуваат за сите добри работи што ги направил – и со тоа го потсетуваат на неговата вредност. Целта е да се потсети човекот кој е, а не да се осуди.

Понекогаш помислувам колку сме ние всушност кромањонци во споредба со овие „примитивни“ племиња. И колку добро би било да учиме од нив, па кога некој во нашата заедница ќе почне да „аздисува“ и да се изживува врз другите, или да ја држи во заложништво целата заедница и да обесхрабрува… да има неформална група од членови на нашата заедница која ќе може да му се приближи на засегнатиот и да зборува со него. Да му рече „Еј, доволно е. Сè е во ред. Доволно имаш направено, ајде сега да се обидеш да работиш поинаку. Ајде да ги почитуваме малку и другите, ајде да ги оставиме малку и помладите, да покажат што можат.“ Тоа би било идеално. Да, Македонија не е Јужна Африка, ние ја немаме таа култура, но, во најмала рака како креативци, би можеле да дејствуваме во таа насока.

Конкретно, во Друштвото на писателите имаме „Суд на честа“ (Горан Стефановски за овој израз сигурно би искоментирал „држ ме мајко“). Овој израз, „Суд на честа“, потекнува од средновековна (!) Франција и Англија. А евроцентризмот не е само преценет, туку и пожелно е брзо да се надминува. Ова анахроно „Суд на честа“ во најмала рака може да се преименува во „Етичка комисија“, но уште подобро би било да се охрабриме и да се слееме со големиот дух на светот, па да донесеме одлука и тоа „Етичка комисија“ да го замениме со модел што (далеку од секој „суд“ и осудување) би се инспирирал од Убунту филозофијата.

 

9.    Што да се прави?

Треба да се зборува. Да се биде љубопитен, и кога се работи за работата на определена организација, или институција, конкретен проект, или што и да е, да се праша: „Што се случува?“, а потоа да се зборува за тоа. Во нашиот конкретен случај, на оној што има тенденција да се стреми кон „старото“ ДПМ, треба да му се даде до знаење дека долг пат се помина за да се дојде до ова „ново“ ДПМ, но се докажа дека „новото“ ДПМ е можно. И затоа нема веќе да се враќаме на „старото“ ДПМ. Затоа што ригидноста и попречувањето отсекогаш биле лош начин на работа. Сега ја откриваме моќта на дискусијата, на љубопитноста, отвореноста, смирената дискусија, професионалната понизност. КРОТОСТ, НЕ КРУТОСТ!

Од друга страна, оние што се стремат кон „новото“ ДПМ треба да се охрабрат. Да им се каже дека она што е зборува и со раководството на Друштвото. Со ДПМ управува одбор од седум члена: и тие се тие што треба да се охрабрат. Треба да им се пише порака, да им се заѕвони, да им се каже дека важно е ова што го прават, и дека можат да го прават тоа без да се плашат и без да калкулираат. Да им се каже дека правдата е на нивна страна, и дека секогаш е исплатлива. Пред сè треба да им се каже дека ова се деновите кога тие одлучуваат, а нивниот придонес во иднина ќе се пресметува според нивната храброст сега, според нивната одлука да се поддржи работењето на Друштвото.

 

10.    Секој може да придонесе

Независно од тоа дали сме членови или нечленови на некоја организација или некој проект (во нашиот случај Друштвото на писателите на Македонија) – секој може да придонесе. За почеток, најважно е да се вадат работите на светлина, да се зборува. И, да се прифати ризикот на ранливоста, да се биде храбар. Сите ние во секој миг носиме одлуки кога бираме што ќе поддржиме. Клучно е да се има интегритет. Тоа не е лесно, секако, но лесните работи се замка. Да замислиме дека пред себе имаме една тесна и една широка врата. Каков избор да се направи, од каде да се влезе, чиј совет да се послуша? Можеби оној што го запишал Матеј, во тринаесеттиот ред од седмото поглавје од неговиот opus magnum? „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат.“

Автор:  Живко Грозданоски (претседател на Друштво на писателите на Македонија)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *