Заедница

Зa Зохран Мамдани и за „ранливите“ водачи, за уметниците и политичарите

1.
На почетокот од оваа година, набрзо по нападот на САД на Венецуела и киднапирањето на претседателот Мадуро, Стивен Милер, советникот за домашна безбедност во Белата Куќа, познат како „човекот што ги претвора во закони најопасните импулси на Трамп“, во интервју за СиЕнЕн (кое воопшто не беше „напнато“), на млитавиот водител Џејк Тапер му се обрати со овие зборови.
„Џејк, живееме во свет во кој можеш да зборуваш колку сакаш за меѓународни љубезности и за такви работи но, живеееме во свет, во вистинскиот свет, Џејк, во кој владее силата, владее присилата, владее моќта. Ова се железните закони на светот што постоеле отсекогаСтивен Милер е роден на 23 август 1985, неодамна наполнил 40 години. Тој е лице од кабинетот на Трамп и, судејќи според ова интервју за СиЕнЕн, се чини беспрекорно самоуверен во она што го зборува: „живееме во свет во кој владеат силата, присилата, моќта“.
Кога еден висок владин функционер има скрупули да даде ваква изјава, и тоа со потсмешлива насмевка на лицето, сфаќаме како некои луѓе на некои места целосно и опасно изгубиле контакт со реалноста, објавувајќи им војна на вистината, на човечноста и на здравиот разум.
Но, С. М. не е изолиран случај: тој е една од врхушките на еден злокобен државен апарат, кој со својата свирепост е устремен кон сопствената пропаст, а патем и на пропаста на туѓите животи: завчера полицаец од „ICE“ („Агенција за имиграција и царина“ во САД, чии вооружени единици се пред сè задолжени за депортација на нелегални мигранти во САД) среде бел ден и пред маса присутни на улица во Минесота ја уби Никол Рене Гуд, невооружена жена, во нејзиното возило.
Светот веќе некое време сведочи тотална дехуманизација на власта во САД, употреба на крајно безумна и смртоносна сила: убиството на Никол Рене Гуд се случи на една милја од местото на кое беше убиен Џорџ Флојд, исто така невооружен, исто така од страна на полицаец.
Но, иако страшното силеџиство и ксенофобијата на системот во САД е видливо на сите нивоа, од полицаец до висок функционер во Белата Куќа, никогаш досега не бев посведочил службеник на толку висока функција како онаа на Стивен Милер да се дрзне, да се осмели, да се осуди да даде толку глупа, толку опасно безумна изјава: „живееме во свет во кој владеат силата, присилата и моќта“.
Исказот на Стивен Милер, кој укажува колку тој е всушност исклучен од реалноста, е опасен не само затоа што го оправдува нападот на САД на Венецуела и оправдува злочини и насилство од глобални размери, туку и затоа што создава гнасна, отровна клима и во обичните, секојдневни меѓучовечки односи, на капиларно ниво, во целиот свет, отаде САД. Кога го гледам насмевнатиот Стивен Милер на СиЕнЕн и безумната неодговорност со која тој пропагира „сила“ и „присила“ како начин на „владеење“, и кога го гледам тоа среде новогодишниве прослави, напамет ми паѓа сцената со веселбата од „Подземје“ од Костурица: „мајмун улази у тенак, биће катастрофа“.
2.
САД се големо и комплексно општество, во кое заедно со помрачените, опасни властодржци водени од смртоносни заблуди, постојат и благородни водачи, политичари во вистинската смисла на зборот: САД е местото во кое неодамна се случи една од најмоќните, најохрабрувачките приказни во современата политика: победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њу Јорк.
Зохран Мамдани е роден на 18 октомври 1991, што значи неодамна наполнил 34 години. Тој е Муслиман кој станува градоначалник на Њу Јорк 24 години по терористичкиот напад на „Ал Каеда“ на Светскиот трговски центар во Њу Јорк на 11.9.2001 г. Името и презимето на Зохран Мамдани се веќе нешто како молитва, како мантра; Зохран Мамдани е приказна во која вербата триумфира над стравот, љубовта над омразата, прифаќањето триумфира над огорченоста, а солидарноста и заедништвото триумфираат над дефетизмот и подвоеноста. Зохран Мамдани е дете на еден нов свет, во кој бескомпромисната љубов, верба и решителност триумфираат над стравот, уцените и корупцијата. Најпосле, Зохран Мамдани е скапоцен пример на демократија, во која владее гласот (гласовите) на свесниот народ, а поразени се олигарсите и политикантите, нивните марионетки. Неверојатна лекција од историска, планетарна важност.
Зохран Мамдани положи заклетва како градоначалник на Њу Јорк на 1 јануари оваа година, прво пред главната обвинителка на Њу Јорк, а потоа и на поголема церемонија пред граѓани на Њу Јорк. Мамдани како лице со кого ќе положи заклетва го одбра веќе добро познатиот сенатор Берни Сандерс, кој исто како и Мамдани, себеси се декларира како демократски социјалист и, помеѓу другото, се залага за повеќе права и бесплати јавни услуги за работничката класа.
Во својот говор, Сандерс им се заблагодари на жителите на Њу Јорк за оваа огромна победа:
 
„Тргнавте против естаблишментот на Демократите, против естаблишментот на Републиканците, тргнавте против претседателот на САД и против некои страшно богати олигарси. И ги победивте сите нив, во најголемата политичка битка во современата историја на Америка.“
 
Зохран Мамдани имал десет години кога Ал Каеда ги нападна Кулите Близначки во Њу Јорк. Бил дете Муслиман што израснало обвиено со сомнеж, страв и недоверба. Но, очигледно тој бил дете што израснало и со силна свест и со многу љубов за својата заедница, за своите луѓе, за светот околу себе. И, најважно, израснал со уверување дека може да направи многу повеќе од она што другите не се ни осмелувале да го очекуваат од него.
Најпосле: пред некој ден (на осми јануари) Зохран Мамдани и неговите соработници го објавија планот за универзално бесплатно здравство за децата во Њу Јорк: нешто што беше исмевано како „нереално“, а сега се покажува како триумф од животно значење за милиони жители на Њу Јорк.
3.
Овој текст е исход на мноштво размисли што во мене ферментираат подолго време, размисли што се најдоа директно нападнати од незрелата, безумно опасна изјава на Стивен Милер. По таа изјава, овие размисли се подредија во низа која просто бара да излезе на светлина: како одговор, како став, како исказ на мојот светоглед, како инстинктивен израз на отпор на директна закана. Како обид да воведам ред во она што го живеам: во најмала рака, за самиот себе. Нешто како средување на сопствената куќа.
Причините поради кои го пишувам овој текст се во суштина две.
Прво, го пишувам текстов затоа што особено ме инспирира и води максимата „Биди промената што сакаш да ја видиш околу себе“ (тоа не е исказ ни на Махатма Ганди, ни на Нелсон Мандела, ни на Марин Лутер Кинг Јуниор, иако ги евоцира нивните светогледи). Со поедноставни зборови: го пишувам овој текст за едно од двете најгорливи прашања во светот денес (првото прашање е Газа) затоа што би сакал што почесто да искажувам став, но и да поттикнувам дискусија за светот во кој живеам. Поконкретно, сметам дека важно е што повеќе раководители на институции да отвораат дискусии и да учествуваат во нив: независно од тоа дали се работи за организација на книжевни награди, за Газа, или за она што се случува со САД деновиве, за „силата, присилата и моќта“ како начини на „владеење“ – со светот, со земјите, со институциите.
Второ, овој мој текст е речиси инстинктивен одговор на нешто што го доживувам како директен напад врз мене, врз мојот начин на функционирање, моите вредности, моето животно кредо, врз *тлото на кое стојам*. Како некој што верува дека дошол до положба да раководи национално Друштво на писатели залагајќи се за вредности како Љубопитност, Простодушност, Разбирање, Заедништво, Ранливост, Прошка, Понизност, Милост, Благодарност…; како некој што го гледа управувањето како *Служење*, а не како „владеење“, и не како можност за искажување „сила“, „присила“ и „моќ“, се чувствувам приморан отворено да се спротивставам на страшно простата и варварски опасна заблуда на Стивен Милер, според кого „во вистинскиот свет, владее силата, присилата, моќта“. Се чувствувам обврзан да ја сведочам вистината: „Не. Силата и присилата никогаш нема да бидат она што може да владее со светот. Затоа што имаме светли примери: и во нашата историја, но и во сегашноста – како Зохран Мамдани – кои го докажуваат спротивното: дека можат да владее трудот, искреноста, вербата, заедништвото, различностите – животот.“
Веќе некое време често помислувам „Се черечи светот“. Затоа што се сеќавам на мислата на духовниот учител Алберто Вилолдо: „Живееме во време во кое вратите на пеколот, за жал, се широко отворени. Но, за среќа, и вратите на рајот се широко отворени исто така.“ Состојбата во Газа, Трамп, ICE и Стивен Милер од една страна, а потоа солидарноста со мигрантите во САД и со Газа и Зохран Мамдани, од друга страна, се јасен показател за ова черечење на светот.

А ние? Секој од нас се приближува кон една од двете страни: со својот глас, или со својот молк.

4.
Во мноштвото размисли што подолго време ферментираа (или „тлееја“) во мене, за „черечењето“ на светот, за потребата да се искаже важноста „да се биде промената што се сака да се види во светот“, за вредностите и за заблудите – заедно со сите нив, место зазеде и познатата размисла за односот помеѓу власта и уметникот, за меѓусебното влијание, за природата на контактот и на можната блискост помеѓу овие две крајности: кој „ризикува“ кога ќе се зближат власта и уметникот? Кој е во „опасност“? Кој „добива“? Кој „губи“?
На оваа размисла ме наведоа некои членови на Друштвото на писателите. Во разговор околу посетата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Друштвото, на денот кога таа ѝ ја врачи наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ на поетесата Радмила Лазиќ од Србија, бев прекорен со зборови, кои, парафразирани, би звучеле отприлика вака: „Посетата на претедателката не е некакво постигнување; всушност, тоа е нешто неприфатливо: писателот треба да биде опозиција, да критикува, а не да биде милениче на власта, како да сме Северна Кореа.“
Бев изненаден од оваа заблуда. Запрепастува колку погрешно можат да се толкуваат нештата. Затоа што претпоставувам дека на сите ни е јасно тоа дека секоја блискост е за пофалба: сè додека обете страни (во случајов и уметниците и властите) се залагаат за категорична инклузивност и за почитување и поттикнување на хуманите вредности.
Понатаму: уметникот губи сè (и се губи) во мигот кога неговата инклузивност, неговата љубов и неговиот обѕир кон *целиот свет* ќе станат условени, или парцијални, а особено кога ќе се ограничат на тесните „национални“ интереси, на потребите и на барањата на државната власт. И тука, како и во љубовта и во поезијата, сè е веќе кажано, но сепак сè мора одново да се повторува, па затоа: кога уметникот (или претседателот на Друштвото на писателите, или на која било друга институција од културата) ќе стане послушник на власта, за сметка на Едноста и на солидарноста со *целиот* свет – таму уметноста умира. Поточно, живурка, преживува – но не живее. Затоа што таму уметноста се инструментализира, станува алатка во рацете на естаблишментот: на страната на политичките и економските центри на моќ, кои се најчесто во спрега, и устремени кон лична корист.
Зближувањето помеѓу уметникот и претставници од власта е *влог*. Тоа е „инвестиција“, почеток на прослава, но и сериозно преземање обврска: тоа е заложба да се остане автентичен поборник на хуманите вредности, пред сè инклузивноста.
Зборувам од лично име, а мојот став може, но и не мора да е став на членовите на Друштвото на писателите на Македонија: не се согласувам, напротив: се срамам од поддршката што нашите политичари им ја даваат на САД. Нашите политичари би можеле да речат дека САД биле наш „стратешки партнер“ и без да го поддржат актуелниот политички естаблишмен во САД и смртоносните војни што тој деновиве ги води: не само со земји во светот, туку и со сопствениот народ, преку единиците на „ICE“, кои и во овој миг, додека го пишувам овој текст, шират насилство и страв низ градовите во САД. Најпосле, нашите политичари можат да не го поддржат актуелниот естаблишмент во САД (не толку поради ставањето на Македонија во групата земји на чии жители им се замрзнува издавањето иселенички визи, колку) поради самиот факт што самата таа власт, изгубена во својата безочност, сè побезумно и сè позабрзано работи пред сè на сопствената пропаст.
5.
Стивен Милер, безочно свирепиот ксенофоб-советник за домашна безбедност во Белата Куќа и врховен шеф на единиците „ICE“, задолжени за гонење, лов и депортација на жители на САД, не е производ на актуелната тамошна власт: тој е производ на светот во кој живее – како и секој од нас. Неговата склоност кон неодговорност и кон опресија на оние околу него била регистрирана уште во времето кога бил средношколец: тој, како кандидат за претседател на одделението, им ветил на соучениците дека ако го изберат, ќе прави „нешта што никој со здрав памет не помислил да ги прави“. Конкретно: ќе бара учениците да можат без проблем да фрлаат ѓубре насекаде: „и онака има хигиеничари што се платени да чистат“. На видеото, ученици се смеат на малоумноста, но тој тоа го сфаќа како охрабрување.
Средношколците секогаш ќе имаат глупи идеи: и самиот се сеќавам на некои лични ставови од кои сум се засрамил: и сум се премислил. Но, тука е битно прашањето: како да се постапува во случаите како Стивен Милер? Дали да се „дисциплинира“ девијацијата, да се „казни“; така да се „обесхрабри“, да се „скрши“ умот склон кон силеџиство? Или можеби тоа би било залудно, па и контрапродуктивно?
Наместо реакција, можеби би требало да бидеме проактивни, да зборуваме за лидерство? Тоа е сè уште табу на Балканот: како да не е „скромно“ да се зборува за лидерство. „Тоа или го имаш, или го немаш.“ Но, не е така – тоа е нешто што се учи, што се охрабрува. Можеби можеме да размислиме за опцијата да го менуваме од корен сфаќањето за тоа што значи да се преземе одговорност. Дали треба да се охрабруваат (само) оние амбициозните? Оние како Стивен Милер? Или, можеби можеме за секој мал Стивен Милер што ќе се појави, да охрабриме макар по едно дете што потсетува на Зохран Мамдани? Можеби треба да зборуваме со децата отворено, да негуваме и да поттикнуваме одлики за кои не сме знаеле дека се вредности: Ранливост, Трпение, Љубопитност, Храброст со Понизност? Во едно интервју, објавено во „Културен печат“ на 21.9.2024 г., на новинарското прашање „Со каков личен предизвик ја прифативте раководната функција на ДПМ?“ изјавив (помеѓу другото) дека „Личен предизвик е обидот да се понуди нов модел на лидерство, […] лидерството како служење во заедницата, но со ‘неортодоксни’ придружни вредности, како ранливоста, на пример, или простодушноста.“
Имам впечаток дека како култура, во колективното несвесно имаме надаложено многу малодушност и дефетизам (се однесуваме како, „смачканото племе“ на Б. Конески), па без многу мислење, речиси инстинктивно им правиме пат на Стивен Милер и на оние нему сличните. Воедно, ги обесхрабруваме децата што го имаат потенцијалот на Зохран Мамдани.
Но, ни тука нештата не се црно-бели: охрабрува тоа што во последно време сè почесто слушаме за „ранливоста“ како за вредност. И драго ми е што сè повеќе наизглед „кревки“ лица ја освестуваат својата кревкост и ја препознаваат како супермоќ, па бараат да бидат учесници во носењето на одлуките и во креирањето на политиките што ги засегаат нив и нивната средина. Затоа што ја прифатиле како своја вистината: дека амбициозниот, безочен и строг лидер-„суперхерој“ (токму како Стивен Милер) не е воопшто суперхерој, како што се чини – напротив. Од друга страна, пак, ранливоста, кога е освестена, е моќна – би можело да се рече и субверзивна – стратегија за отпор, за раст и за (себе)остварување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *