Објавена книга

Избор песни од „Малага (Возови од мастило“) од Живко Грозданоски („Булевар Ослободување“, 2024 г.)

Приказна

 

     Кога беше мала

веруваше дека

кога само би можела

да ја подигне големата скала

иа да ја потпре на покривот

од старата куќа,

би се качила,

(и ноќе, кога никој не гледа)

би ја украла месечината,

и би ја чувала само за себе.

     Кога порасна,

сфати дека е веќе доцна:

некој друг ја украл месечината,

а наместо неа оставил големо

тркалезно парче сребро

на врвот од планината.

 

 

Дневник

 

Денес станав во 10:00 часот

Во убаво расположение

Затоа што те сонував тебе. (10:10)

 

Потоа се туширав, социјализирав, телефонирав

Бев на школо, но не се едуцирав.

(Денес е сепак недела.) (13:40)

 

Потем бев во читална

Но не за да учам,

Туку за да позајмам книга. (17:05)

 

Потоа пишував, бев на семинар,

Запознав една прекрасна девојка,

Па пешачејќи (1200 м.) се вратив дома. (23:00)

 

Сега би требало да учам

Затоа што утре имам испит по англиски (09:00 – 11:00)

А мене тоа како воопшто да не ме загрижува.. (23:55)

 

               Денес е шести шести.

               Совршен ден за дневник.

 

 

Зборови за тебе

 

Ја сакам твојата Убавина

Повеќе од Тебе.

Тебе те сакам повеќе

Од Потребата за Тебе.

 

Сепак, Потребата е најсилна

Затоа што јас ја создадов

И во Себе ја израснав

Хранејќи ја со твојата Убавина

без Тебе.

 

Сега кога си тука

Сакам да бидеме заедно.

 

 

Кон пријателот

 

Напиши ми писмо, или збор, макар лага,

од твоите обични зборови изгради ми храм.

Не очекувам никого, а ми доаѓа тага:

јас подобро од неа овде никого не знам.

 

Тука сè ме убива и боли, желбата ми вене,

од каменот не успевам да направам жар.

Да се убедам дека во огледалото пред мене

гледам младо лице, а не човек стар.

 

 

Од пријателот

 

Не сум сигурен дали навистина има

Некаква потреба за да го напишам ова

А погледни пријателе, барам дури и рима

За поугодно да ги стокмам овие мои слова.

 

Најверојатно денес се однесувам вака

затоа што барам некој поубав начин

за да ти кажам колку многу те сакам

за да се сетиш колку многу ми значиш.

 

 

Другите

 

Самите се скриваат, сличните на себе ги бараат

иако се убедени дека оние другите згинале

и не се плашат дека некого ќе разочараат

зошто знаат дека тука само случајно минале.

 

Најчесто летаат, а ретко живеат по пруги

и самите се ретки, затоа ретко ги забораваат.

Смислуваат различности интересни за сите други

и освен замисленото ништо друго не оставаат.

 

 

Песна за сите ненапишани

 

Ова е песна за сите ненапишани:

родени мисли разболени, неопоравени

песна за сите подарени, избришани,

зборови за моите зборови заборавени.

 

Песна за сите радости и таги застарени,

за сите грозничави лудила и заблуди лесни,

зборови за моите стихови драги, а занемарени,

песна за сите убави, ненапишани песни.

 

 

По сто години

 

„По сто години сакам да те сретнам пак,

да бидам крај тебе во твојата уморна вечер,

да ти дојдам како сонце, да ти разбијам мрак

и да останам со тебе“, ти еднаш можеби ми рече.

 

И јас, по сто години, би сакал пак да те видам,

да те запознаам одново крај старото џаде,

зашто, по сто години, јас сè уште ќе бидам,

но не знам што, и навистина не знам каде.

 

 

малага

 

одново ме обзема возбуда

кога ќе се сетам

на таа куќна забава

со каков жар ти ми зборуваше

колку е убава малага

 

немирна насмеана

со широко отворени очи

дланките споени развиорени

сакаш да извадиш

нешто од под градите

за да ми покажеш

како дел од тебе

останал засекогаш

таму

 

тоа ми е најдрагата слика од тебе

и сакам да те паметам

така

 

 

скопје 2

 

улиците

во мојата мапа на градов

носат имиња

според случајни реченици

твои мои

 

партизанска се вика

навистина е студено

климент охридски се вика

децата можат да бидат надмени

димитрие чуповски се вика

си ги заборавив шалот и капата

и така натаму

 

само максим горки нема име

 

по неа

се сеќавам

еднаш

врвевме молкум

еден крај друг, рака под рака

под расцветаните дрвја

* * *

Што ми значи мене Малага? Како можам да бидам поврзан со еден град во Шпанија во кој никогаш не сум бил, ниту сум посакал да одам?

 

Малага ме потсетува на Југославија. Затоа што Малага ми недостасува, иако никогаш не сум бил таму. Малага ми недостасува затоа што, во еден можеби клучен миг од нашето растење, Малага бескрајно ѝ недостасуваше на една драга личност.

Но: ми недостасува градот, или повеќе ми недостасува тој толку искрен и топол копнеж – толку туѓ, но одеднаш и толку близок и мој – по тој град? И како може тој минат копнеж, засидрен во еден толку далечен миг од мојата адолесценција (копнеж кој е сигурно надраснат и заборавен и од самата личност што ми го пренесе), мене да ми значи повеќе од безброј други нешта коишто, всушност, ги имам и кои ниту ми недостигаат, и по кои не копнеам? Може ли човек да има повеќе нешто што нема, од нешто што „реално“ има?

 

Малага е негатив на Итака: таа е дом-недом, дом откриен a posteriori, како семејство за кое прво не си знаел дека го имаш, а потоа го имаш, и не можеш да немаш чувства кон него. Затоа што, сепак, тоа семејство те создало: макар во една обична вечер, на една обична куќна забава. Клучните мигови од нашето созревање: мигот кога некој верувал во тебе толку многу – или толку доволно – што туѓиот втор дом, без од тебе да биде побарана и дадена дозвола, станал и твој втор дом. И сега немаш каде, освен да се надеваш дека ќе се вратиш таму еден ден, и, најпосле, се радуваш однапред на тоа идно враќање, како на ветување што не може да не се исполни. Еден непосетен град што неочекувано станал синоним за царство небесно.

 

 

„Малага“ е нежно, по малку патетично зборување со една адолесценција. Затоа што може ќе напишам нови куси-куси прози, „Отпечатоци врз коцки мраз“, можеби ќе напишам и нови раскази, речиси сум сигурен дека ќе напишам и нов роман. Но, со една по малку смешна тага се прашувам дали некогаш повторно ќе можам да напишам кротки, наивни, болникави песни како оние во „Песок и свила“ пред 20 години, како овие во „Малага“. Збогувањето со пишувањето, или со некој негов „надраснат“ дел, е по малку и умирање. Огромен дел од санта мраз што се отцепува и неповратно потонува во океанот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *