За калкулантството. И за премислувањето.
1 min
Овие денови упорно не ми излегува од глава оваа слика – безглавото теле со златна лажичка на грбот.
1.
Ова е од книгата „Жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески. Крај графиката има и неколку стихови од авторот:
„можеби не сум златно теле, но имам лажица златна,
кои сте вие да ме обвинувате што размислувам со мевот,
и клечам пред топовите што татнат,
што со грбот го вагам гревот,
што не ја исправам кичмата и беспоговорно кимам
и главата изгледа си ја изгубив
не се сеќавам ни дали воопшто ја имав“
2.
Зошто упорно мислам на оваа слика? Затоа што ласерски прецизно дијагностицира една валкана состојба на нашиот (ох!) отпаднат човечки дух – *калкулантсгвото*, кое е толку присутно кај секого од нас (повеќе или помалку), што се чини дури табу, скандал да се зборува за тоа. Затоа и запишав (прв коментар тука долу) дека книгата од Марко е „престап“.
Кога се трудиме да бидеме фер кон сите, тогаш се трудиме да одржуваме морална вертикала. Но, кога *калкулираме*, тогаш не нè интересира што е праведно, што е добро за сите, кој има заслуги… – не, тогаш единствено се водиме од пресметката, од калкулацијата, од она што ни оди во прилог. А калкулираме сите. Од две причини, главно: или (1.) „размислуваме со мевот“ (лакоми сме за кеш, за внимание, моќ…), или (2.) „не ја исправаме кичмата и беспоговорно кимаме“ (од малодушност, за да не бидеме исклучени, да не нè нападне силеџија…). Така, калкулирајќи, „вагајќи“, се претвораме во ова безглаво теле.
Проблемот настанува кога така калкулирајќи ќе се приближиме до крајната линија на граничната состојба. Проблемот е кога гледаме што не е во ред, а сепак (поради лакомост, или поради малодушност, или поради обете истовремено) продолжуваме со „беспоговорно кимање“ и согласување со она што е штетно. Тогаш се случува и буквално да загубиме глава. Или, да придонесеме за несреќа, за тоа други да загубат глава.
3.
Пред некое време запишав дека чувствувам потреба да зборувам за некои не баш мејнстрим вредности: ранливост, понизност, љубопитност, разбирање… И еве му се препуштам на тој повик. Сега, имам силен впечаток дека важно е да се зборува за *ПРЕДОМИСЛУВАЊЕТО*, како за клучна вредност.
Предомислувањето е пред сè легитимно затоа што не можеме сè да знаеме: прво имаме некакви убедувања, и постапуваме некако. Но, отпосле, штом ќе откриеме и некои заблуди, *се предомислуваме*. И светите книги нè учат на тоа: врвна вредност во христијанството е „покајанието“. Преумувањето.
Кога најтешко се предомислуваме? Секако, кога сме безглави телиња, кога веќе сме *искалкулирале* како до ќар/мир, па не сме ни љубопитни, ни отворени за други можности. И тоа нè води до пропаст. Но, кога ќе увидиме дека грешиме, па *ќе се предомислиме* – тогаш со тоа силно ги поттикнуваме и другите што грешат да се предомислат. *А тоа е веќе бесценето.*
Нешто слично како и вербата, и лојалноста е вредност, но во својата суштина, беспоговорната лојалност е кучешка вредност. Како да му бидам лојален на оној што ме навредува и ме понижува, оној што ме злоупотребува за сопствени цели?
4.
*Предомислувањето* како вредност оди рака под рака со *Храброста* (која во состемот *Природниот тек на нештата* е „подвредност“ на *Љубопитноста*). Да, храброст е човек да се предомисли. Помирени сме со тоа дека мораме да ги „вагаме“ работите, но… можеме ли да се помириме со очебијно штетни нешта? Да, потребна е Храброст да не се биде безглаво теле. Да се биде безглаво теле, да се калкулира до бескрај, значи да се оди по линија на помал отпор, и да се работи и на сопствената пропаст.
Што може да ни ја поттикне храброста? Можеби фактот дека – *сè е јавно, сè ни е на увид на сите*, па и не мора да глумиме лудило? Со социјалниве мрежи, нештата се толку отворени, што смешни сме во нашето калкулантство. Мислиме дека не сме забележливи („сите прават така“), но – бодеме очи. Од друга страна, секој што ќе се охрабри за правда ќе добие поддршка.
5.
Пред некое време, уште пред Изборното собрание лани, на ТВ изјавив дека „приказнава со ДПМ, иако некои ја гледаат како ‘фарса’, ‘гротеска’, мене ми личи на убав роман, во кој сите ние сме сложени, динамични ликови.“ Факт: динамичните ликови се менуваат. Повеќето од нас, за себе (и за другите!) имаат веќе изградено слика, дека се „некакви“, и треба да се помират со тоа. Но, тоа е заблуда: ние сме осудени да се менуваме. Да се предомислуваме, штом ќе си ги разобличиме заблудите. Да стануваме сè покротки, сè похрабри, сè поисправени пред предизвиците.
Дури и безглавото теле е осудено на тоа да се менува. Oтпрво тоа е убедено дека е „совршено“, или во најмала рака доволно добро, па нема потреба да се менува, може до бескрај да калкулира, да размислува „со мевот“, да коленичи и да клечи „пред топовите што татнат“. Но, сите ние, *без исклучок*, сме осудени на тоа да се менуваме: да учиме да го изгладнуваме, да го смалуваме безглавото теле што живее во секого од нас.
